Свет
(Вознемирувачко фото+видео) Пукање среде ден во Лавов, убиен Андриј Парубиј, херојот на Евромајдан
Поранешениот претседател на Врховната рада и една од клучните фигури на револуцијата на Евромајдан, Андриј Парубиј беше убиен со огнено оружје во својот роден град Лавов.
Националната полиција соопшти дека пукотници одекнале околу пладне во јужниот дел на градот, во округот Франкивски. Жртвата починала на лице место, и покрај брзата реакција на службите за итна помош.
Првите информации беа потврдени од пратеничката Ирина Херашченко, која за „Киев Индепендент“ изјави дека убиениот политичар е токму Парубиј.
Неколку часа подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти:
„Министерот за внатрешни работи и главниот државен обвинител ме информираа за првите околности на страшното убиство. Убиен е Андриј Парубиј. Изразувам длабоко сочувство до неговото семејство и најблиските“.

Зеленски додаде дека сите потребни ресурси се вклучени во истрагата и во потрагата по сторителот. Засега, властите не соопштуваат детали за можни осомничени или за мотивот на злосторството.
Парубиј важеше за еден од симболите на отпорот и демократските промени во Украина, особено по неговата улога во протестите на Евромајдан и неговото политичко лидерство во најкритичните години на државата.
Случајот предизвика силни реакции низ цела Украина, со бројни пораки на осуда и повици за брзо расветлување на убиството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

