Свет
Вонредна состојба во Лампедуза поради мигрантите: Доаѓа и Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети Лампедуза за време на викендот, откако илјадници мигранти пристигнаа на италијанскиот остров оваа недела. Таа прво ќе се сретне со премиерката Џорџа Мелони во Рим, изјави за ДПА портпаролот на претседателот на Европската комисија на маргините на настанот во Ханау, Германија.
Мелони и Фон дер Лејен планираат после тоа заедно да ја посетат Лампедуза, додаде тој. Мелони вчера ја повика Фон дер Лајен на Лампедуза за да стекне впечаток за „сериозноста на ситуацијата“ со која се соочува Италија. Десничарската италијанска премиерка повика на операција на ЕУ со цел „веднаш“ да се запрат чамците со мигранти.
„Доколку е потребно, треба да се распореди и морнарицата“, рече Мелони во синоќешното видео обраќање. На мигрантите не треба да им се дозволи да патуваат до европското копно од Северна Африка, според Мелони. Од почетокот на неделата неколку илјади мигранти пристигнаа со брод на Лампедуза, мал остров меѓу Сицилија и Северна Африка.
Во Лампедуза за еден ден пристигнале рекордни 5.000 луѓе, а прифатниот камп бил преполн. Поради близината со тунискиот крајбрежен град Сфакс, Лампедуза е една од главните дестинации за мигрантите кои се обидуваат илегално да стигнат до европските брегови од Северна Африка.
Градскиот совет на Лампедуза во средата прогласи вонредна состојба. Мелони дојде на власт во октомври со ветување за сузбивање на илегалната миграција, но оваа година на овој начин во Италија пристигнаа околу 126.000 мигранти, речиси двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
Мелони рече дека владата ќе се состане во понеделник за да усвои итни мерки, вклучително и барање војската да изгради поголеми прифатни центри за сместување илегални имигранти и продолжување на ограничувањето на бројот на луѓе на кои им е дозволено да престојуваат во прифатните центри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефицата на француската дипломатија и порача на Кина: На светот не му треба нова криза

Шефицата на француската дипломатија Катрин Колона денеска ја повика Кина да ги намали тензиите во Јужното кинеско море и додаде дека „на светот не му треба нова криза“.
Пекинг ги засили воените вежби во стратешки важниот Тајвански теснец, а кинеската крајбрежна стража беше обвинета за малтретирање филипински рибарски чамци во спорните води.
Австралија, исто така, минатиот месец го критикуваше Пекинг за „небезбедно и непрофесионално“ однесување на море, велејќи дека еден од нејзините поморски нуркачи бил повреден од сонарни импулси од блискиот кинески воен брод.
„Секако дека сме загрижени за она што се случи со австралиската морнарица пред неколку дена, како и за она што се случи со Филипините пред неколку недели“, изјави Колона за новинарите во Канбера.
Според неа, низ Тајванскиот теснец мора да владее смиреност и стабилност, а на светот секако не му треба нова криза.
Француската министерка ја повика Кина да ги намали тензиите во азиско-пацифичкиот регион.
Кина треба да биде слободна да го продолжи својот „економски подем“, но мора да ги исполни и меѓународните очекувања, како што е почитувањето на човековите права, рече Колона, додавајќи дека нејзината земја ќе продолжи со конструктивната соработка со Кина бидејќи „има охрабрувачки знаци“.
Во ноември Колона беше во официјална посета на Кина.
Регион
(Видео) Автомобил експлодира во близина на трговски центар во Белград

Утрово во близина на трговскиот центар во Бањица во Белград се случила експлозија, објави нова.рс.
Засега не е познато како дошло до експлозијата, ниту дали има повредени.
Случајни минувачи јавуваат дека се слушнала силна детонација, а во овој дел од градот е видлив црн чад, јавуваат српските медиуми.
Свет
Американски воен брод во Јужното кинеско море, војската на Кина „во состојба на висока готовност“

Војската на Кина објави дека американски воен брод илегално навлегол во територијалните води на островите во Јужното кинеско море, истакнувајќи дека е во „висока готовност“.
„САД сериозно го поткопаа регионалниот мир и стабилност“, рече портпаролот на јужниот воен округ на Кина во изјавата, додавајќи дека Вашингтон намерно ја поттикнува тензијата во Јужното кинеско море и го поткопува суверенитетот на Кина.
Според кинеската војска, американски воен брод навлегол во областа на островите Спратли, приближувајќи се до атолот за кој право полагаат Кина и Филипините.
Кинеската народна ослободителна армија организира поморски единици за придружба и набљудување на американскиот брод, рече портпаролот, истакнувајќи дека кинеската војска е „во состојба на висока готовност, подготвена решително да го брани националниот суверенитет“.
Американската морнарица соопшти дека воениот брод Габриел Гифордс рутински спроведува операции во меѓународните води во Јужното кинеско море, во согласност со меѓународното право.
„Американската седма флота спроведува операции во Јужното кинеско море секој ден, како и со децении“, се вели во соопштението. „Овие операции покажуваат дека сме подготвени да поддржиме слободен и отворен индо-пацифички регион“.
Во последните месеци, Кина веќе протестираше против патролирањето на американските воени бродови во Јужното кинеско море, а кинеските бродови неколкупати се судрија со филипинските бродови, забележува Ројтерс.
Во неделата, филипинската крајбрежна стража испрати два брода во Јужното кинеско море, велејќи дека забележала „загрижувачка“ групација на кинески воени бродови во близина на спорниот архипелаг.