Свет
Во Индија 2.500 луѓе примиле лажна вакцина против коронавирусот
Илјадници Индијанци биле жртви на голема измама поврзана со лажни вакцини, а меѓу уапсените имало и лекари и други медицински работници, пренесува Си-ен-ен.
Индискиот висок полициски службеник Вишал Такур изјави дека измамата е откриена на најмалку 12 локации во Мумбај и дека медицинските работници им вшприцувале солен раствор на пациентите наместо вакцина против коронавирусот.
„Се проценува дека 2.500 луѓе примиле лажна вакцина. Организаторите заработиле вкупно 28.000 американски долари од лажните вакцини“, изјави Такур.
Досега се уапсени 14 лица, а се очекуваат уште апсења во врска со давањето лажни вакцини.
Индија имаше катастрофална состојба со коронавирусот пролетва. Десетици илјади луѓе починаа, над 40.000 нови случаи беа регистрирани дневно, здравствениот систем доживеа целосен колапс, па луѓето умираа на улиците.
Поради големиот број починати, немаше доволно места на гробиштата, па телата беа палени на улиците или фрлани во реката.
Од Индија се прошири делта-сојот на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
