Европа
Во Русија се размислува за враќање на смртната казна

Русија би можела да ја врати смртната казна, изјави шефот на Уставниот суд на земјата.
Станува збор за можно укинување на мораториумот на смртната казна воведен во Русија во 1997 година по влегувањето на земјата во Советот на Европа.
Во книгата објавена на официјалната веб-страница на рускиот Уставен суд, Валериј Зоркин предлага земјата да се врати на доктрината на националниот идентитет и дека уставната контрола значи дека Москва треба да донесе свои закони, a да не го презема влијанието на другите земји во Европа.
Според мислењето на Зоркин, воведувањето мораториум на смртната казна било отстапка од вредностите, што не е својствено за Русија.
„Фактот што Уставниот суд донесе одлука со која е невозможно да се изврши смртна казна во Русија, во оваа историска фаза од нејзиниот развој не ја исклучува можноста за враќање на ваквата форма на казнување“, вели Зоркин, а пренесува РТ.
Русија има неограничен мораториум на примената на смртната казна, што беше предуслов за влез во Советот на Европа. Сепак, смртната казна не е формално укината. Со одлука на Уставниот суд тоа може да се промени.
Според Зоркин, смртната казна не може целосно да се исклучи бидејќи секогаш ќе има убиства со умисла.
Потегот за повторно воведување на смртната казна е поддржан и од некои пратеници, вклучително и пратеникот Михаил Шеремет од владејачката партија Единствена Русија.
„Предоцна реагираме за ова прашање. Укинувањето на мораториумот на смртната казна е неопходна и оправдана мерка. Оваа одлука требаше да биде донесена одамна“, изјави тој за „РИА новости“.
„Смртната казна би била еден вид вакцина против педофилите и манијаците, кои им нанесуваат голема штета на безбедноста и на моралот во нашето општество.
Не треба да ги следиме западните стереотипи и наметнатите догми на однесување. Мислам дека е соодветно прашањето за враќањето на смртната казна да се стави на јавна дебата“, нагласува Шеремет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.