Свет
Во САД откриени делови од мотори за авиони без сертификат, истрага е спроведена и во Европа

Американската федерална управа за авијација (FAA) вчера предупреди дека некои модели на млазни мотори CF6 на Генерал електрик“ може да содржат делови со лажни сертификати барајќи од сопствениците да ги проверат резервите на авионите и делови.
AOG Technics со седиште во Велика Британија продаваше изолатори за моторите CF6 на GE без лиценца, предупреди FAA.
Производителот на млазни мотори CFM International во средата изјави дека AOG Technics можеби продала илјадници делови од моторот со фалсификувана документација. Се сомневаат дека делови за моторите CFM56, произведени од компанијата GE-Safran CFM, и за многу мал број мотори CF6, кои главно се користат за напојување товарни авиони и се произведени од „Генерал електрик“, можеби се продадени без сертификација.
До понеделник беше утврдено дека околу 96 мотори може да содржат делови со фалсификувана документација.
Метју Рив, адвокат на CFM, и неговите косопственици „Генерал електрик“ и „Сафран“, во поднесоците во Високиот суд во Лондон рече дека досега идентификувале два фалсификувани формулара на FAA за стотици делови од моторот CF6.
Овој мотор се користи главно од товарни авиони вклучувајќи го и огромното мнозинство товарни авиони „боинг 767“ и воените авиони за полнење гориво „KC-767“ во флотите на Италија и Јапонија.
Доколку се најдат делови со лажен сертификат во моторите CF6, сопствениците и операторите на авионите мора да ги отстранат и зачуваат, истакна американскиот регулатор.
Европските регулатори соопштија дека ги истражуваат наводите од извештајот дека некои делови испорачани од AOG Technics без валидни сертификати биле пронајдени во моторите CFM56 вградени во некои авиони „ербас“ и „боинг“.
По објавувањето, авиокомпаниите сменија делови на десетици авиони. Досегашните промени вклучија само дел од вкупно 23 илјади мотори CFM56.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нов силен земјотрес на Филипините, повторно издадено предупредување за цунами

Земјотрес со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала денеска ги погоди Филипините, а веднаш беше издадено предупредување за цунами.
Исклучително моќниот земјотрес се случи по околу 12 часа по земјотресот со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Филипините, што исто така предизвика предупредување за цунами.
Од вчера земјата е погодена од серија силни земјотреси, од кои голем дел беа над пет степени според Рихтеровата скала.
„Ова не престанува, од вчера се тресеме. Ниту еден час да не се тресе“, сведочат граѓаните по последниот земјотрес.
Други посочуваат дека земјотресот бил силен, но не толку долг и силен како вчерашниот земјотрес кој бил речиси со иста јачина.
Овој земјотрес е регистриран на длабочина од 18 километри, на околу 64 километри североисточно од Бислиг.
Свет
Велика Британија испраќа авиони над Газа

Велика Британија ќе му помогне на Израел во потрагата по заложниците на Хамас во Појасот Газа, соопшти британската влада.
„Како поддршка на активностите за спасување заложници, Министерството за одбрана на Обединетото Кралство ќе спроведе воздушни патроли над источниот Медитеран, вклучително и операции во воздушниот простор над Израел и Газа“, објави вчера вечерта британската влада.
Претставници на Министерството за одбрана изјавија дека голем број невооружени авиони ќе се користат за извидувачки летови, вклучувајќи го и Shadow R1, кој се користи за собирање разузнавачки информации. Авионите ќе се користат исклучиво за лоцирање на заложниците, а само информациите поврзани со нивното спасување ќе бидат проследени до надлежните органи, соопштено е.
Палестинското исламистичко движење Хамас киднапираше околу 240 луѓе за време на нападот врз Израел на 7 октомври.
Израел и Хамас минатата недела се согласија на првото примирје со посредство на Катар, Египет и Соединетите Држави, и тоа накратко беше продолжено двапати. За време на примирјето, Хамас ослободи 105 заложници, а Израел ослободи 240 палестински затвореници.
Израел претпоставува дека уште 137 луѓе се заробени во Појасот Газа. Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, изјави дека меѓу нив има 15 жени и две деца. Хамас најави дека ќе ги продолжи преговорите за ослободување на преостанатите заложници дури кога ќе заврши војната во Газа. Примирјето заврши во петокот наутро, а борбите повторно се разгореа.
Регион
Шпанците запленија еден тон кокаин што дошол од Балканот: „Овој картел е најактивен во Европа“

Шпанската национална полиција во заедничка акција со царинските службеници во јужното пристаниште Алгесирас заплени речиси еден тон кокаин скриен во контејнери доставени од Јужна Америка, а дрогата припаѓала на балканскиот картел, објави полицијата на својата веб-страница.
„Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво“, се наведува во соопштението.
Полицијата тврди дека групи од Латинска Америка испраќаат кокаин скриен меѓу легални стоки во контејнери кои пристигнуваат со брод во шпанските пристаништа. Акцијата почна по дојава за пристигнување на контејнер со „значително количество кокаин“ во Алгесирас, едно од најголемите пристаништа во Шпанија, во провинцијата Андалузија.
Агентите кои подолго време ги истражуваат активностите на балканскиот картел имале и информации дека и оваа група составена од граѓани од територијата на поранешна Југославија барала начин да го преработи тој кокаин. Истовремено, од Колумбија добиле предупредување дека брод од Еквадор, кој се закотвува во Колумбија, има намера да транспортира кокаин до пристаниште во Шпанија.
Агентите го идентификувале бројот на бродот, а кога тој запловил во Алгесирас, истражителите ги отвориле контејнерите и пронашле 415 килограми од дрогата. Врз основа на новите информации дознале дека во Алгесирас пристигнува уште еден контејнер со дрога, па во него пронашле дополнителни 500 килограми кокаин, се наведува во соопштението.
„Тешкотијата во истрагата за членовите на овие организации лежи во нивната мобилност. Тие се способни да патуваат илјадници километри за да одржат состанок“, извести шпанската полиција.
„Истрагата продолжува со цел да се идентификуваат сите членови на мрежата и да се уапсат“, се додава.
Засега не се знае дали некој е уапсен при откривањето на контејнерот со кокаин. Портпаролката на полицијата не се јавила на телефон во неделата наутро.