Свет
Врховниот суд во Индија одлучи државата да плаќа по 672 долара за секој починат од Ковид-19

Врховниот суд во Индија им нареди на државните власти да платат по 672 долара како надомест за секоја смрт од Ковид-19 како начин да им помогнат на семејствата да се справат со загубата, според одредба во која агенцијата „Ројтерс“ имала увид.
Индија пријави вкупно 449.260 смртни случаи иако експертите велат дека бројката не е многу прецизна бидејќи многумина починале во оддалечените делови на земјата. Експертите тврдат и дека во големите градови, како Њу Делхи, голем број смртни случаи не се пријавени бидејќи во болниците снемало слободни кревети.
Подносителите на барањето до Врховниот суд барале Националната управа за катастрофи, преку која владата обезбедува финансиска помош во природни катастрофи, како што се земјотреси, да обезбеди најмалку осум пати поголем надомест.
Во соопштението владата се согласи да плати минимален износ од државниот фонд за катастрофи, што ќе го распределат локалните власти.
„Сите надлежни ќе дејствуваат за да помогнат да им ги избришеме солзите на оние што страдаат од загубата на член од семејството поради Ковид-19“, се вели во одлуката на Врховниот суд.
Индискиот Врховен суд им нареди на органите на државната управа да ги прекинат бирократските процедури и да ги решат сите барања во рок од 30 дена по поднесувањето.
Здравствениот систем во земјата колабира под товарот на огромниот пораст на бројот на заразени во април и мај, во голема мера предизвикан од позаразната и опасна делта-варијанта на вирусот, при што, според официјалните податоци, само во мај починале најмалку 170.000 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Проблеми при слетувањето на хеликоптер што се користи за превоз на Путин

Во близина на Москва се урна хеликоптер наменет за транспорт на високи руски функционери, вклучително и Владимир Путин. Ова го пренесуваат „Њусвик“ и „Украинска правда“ а се повикуваат на руската новинска агенција „Интерфакс“.
Се работи за хеликоптер Мил Ми-8 за кој се вели дека паднал на земја со опашката и сечилата на роторот при слетување на меѓународниот аеродром Внуково (околу 25 километри од центарот на Москва). Според последните извештаи, инцидентот се случил во петокот.
На руска страница на „Телеграм“ објавена е фотографија која би требало да ги покаже последиците од несреќата.
„Според нашите информации, станува збор за Mi-8MTV-1, произведен во 2013 година и дизајниран за 22 патници“, се вели во објавата на Телеграм.
Се претпоставува дека причина за несреќата е грешка на пилотот.
„Кога хеликоптерот слета, пропелерот се фати на земја и го оштети делот од опашката“, изјавил за агенцијата извор од аеродромот.
Како што јави „Аеротајм“ , хеликоптерот припаѓал на одделот за специјални летови „Росија“, кој управува со авиони за транспорт на руски владини претставници. Не е јасно кој бил во хеликоптерот и дали некој е повреден во инцидентот. Од Русија пристигнаа контрадикторни информации . Истрагите на московскиот аеродром Внукова засега остануваат без одговор.
„Аеротајм“ понатаму известува дека хеликоптерите на владината флота се опремени со специјални одбранбени системи и други модификации за безбедно транспортирање на нивните ВИП патници.
Украинската новинска агенција „Украинска правда“ јавува дека се работи за грешка на пилотот. Според Интерфакс, тешкото слетување можело да биде предизвикано од лоши временски услови или дефект на опремата.
Регион
Курти: Не добив соодветни аргументи за формирање за Заедницата на српските општини

Косовскиот премиер Аљбин Курти смета дека европскиот предлог е добра основа за договор со Србија и дека е подготвен да разговара за договорите постигнати во Брисел, но рече дека не добил соодветни аргументи за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО).
Курти рече дека „не смета дека е неопходно да се создаде ЗСО, но оти е подготвен за дискусии за правата на немнозинските заедници“.
Откако го видел француско-германскиот предлог, вели тој, оттогаш преговараат за постигнување договор.
Свет
Шведскиот министер: Процесот за наш прием во НАТО е запрен, Турција е лута

Процесот на прием на Шведска во НАТО е запрен, изјави шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром.
Тој во изјава за „Експресен“ рече дека тоа се случило поради лутата реакција на Турција поради фактот што десничарскиот екстремист Расмус Палудан го запалил Куранот и поради демонстрациите во кои се критикува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Билстром изрази надеж дека на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во јули во Литванија ќе биде постигнат договор со Турција.
Ултрадесничарскиот политичар Расмус Палудан го запали Куранот на 21 јануари пред турската амбасада во Стокхолм, а вчера пред турската амбасада во Копенхаген. Тој додаде дека ќе продолжи со ваквите акции се додека Турција не го одобри членството на Шведска во НАТО.
Потегот на Палудан доведе до демонстрации во Турција, како и во голем број други муслимански земји.
Односите меѓу Шведска и Турција се влошија, а турскиот претседател Таип Ердоган рече дека Шведска не треба да смета на турската поддршка за членство во НАТО.
Шведска денеска ги предупреди своите граѓани во Турција да избегнуваат гужви и собири, поради протестите.
„Од Швеѓаните во Турција се бара да го следат развојот на настаните и да избегнуваат големи собири и демонстрации“, објави шведското Министерство за надворешни работи на својата веб-страница во упатствата за своите граѓани во странство.
Најавено е и дека „во наредните денови може да се очекува продолжување на демонстрациите пред амбасадата во Анкара и пред генералниот конзулат во Истанбул“.