Европа
Германија, Италија, Португалија и Австрија поставија генерали на челните позиции на кризните тимови против Ковид-19

Четири европски земји – Португалија, Италија, Германија и Австрија – назначија високи воени офицери во првите редови на кризните тимови за кампањи против Ковид-19 и вакцинација против болеста.
Во Португалија исклучителна улога во организацијата и унапредувањето на вакцинацијата имаше вицеадмиралот Хенрике Едуардо Пасал, во Италија генерал-полковник Франческо Паоло Фиглиуола, а сега го следи примерот и Германија, каде што на чело на кризниот штаб е назначен генерал-мајор Карстен Бројер, и во Австрија, каде што координативното тело за борба против Ковид-19 сега е предводено од генералот Рудолф Стридингер. Консензусот меѓу лидерите на овие земји е дека воените експерти поседуваат драгоцено логистичко знаење и искуство во управувањето со кризи.
„Досега се вакцинирани 25 милиони луѓе. Можеме да достигнеме 30 милиони до крајот на годината“, рече генерал-мајор Карстен Бројер (56) повторувајќи ја целта што ја постави канцеларот Олаф Шолц кога го префрли кризниот штаб од Министерството за здравство, предводен исто така од еден генерал, Ханс-Улрих Холтерм, во неговиот кабинет. Бројер, познат како корона-генерал, инаку е одговорен за распоредување на армијата во земјата, има искуство од Косово и Авганистан и досега го координирал одговорот на Ковид-19 во војската.
Слична задача како онаа на Бројер во пресрет на очекуваниот бран на сојот омикрон има и неговиот австриски колега Рудолф Стридингер.
Португалците беа првите што допреа до офицерите кога вицеадмиралот Хенрике Едуардо Пасал беше назначен за шеф на тимот за вакцинација во февруари откако неговиот претходник, државниот секретар Франциско Рамос, беше сменет поради вакцинација преку ред. Пасал бргу ја освои јавноста со начинот на кој комуницираш – тој ја цитира „Војна на ѕвездите“, ги повика своите сонародници да бидат витези на џедаи против пандемијата и рече дека антиваксерите ѝ припаѓаат на темната страна. Со негова координација вакцинирани се 90 отсто од населението, а во Португалија штотуку е избран за личност на годината.
Помалку јавна, но исклучителна работа, направи генерал-полковникот Франческо Паоло Фиглиуола, кој беше назначен од италијанскиот премиер Марио Драги во март да раководи со работната група за координација и вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.