Свет
Германската разузнавачка служба ја класифицира АфД како екстремистичка партија што ѝ се заканува на демократијата

Германската разузнавачка служба денес ја класифицира партијата Алтернатива за Германија (АФД), која го освои второто место на последните парламентарни избори, како докажано екстремно десничарско движење, што треба да ѝ овозможи да биде ставена под строг надзор.
Идеологијата на АФД, која „ги девалвира цели групи од населението во Германија и го поткопува нивното човечко достоинство не е компатибилна со основниот демократски поредок“, се вели во соопштението на Канцеларијата за заштита на Уставот.
На парламентарните избори на 23 февруари партијата постигна историски пробив и го удвои претходниот резултат со повеќе од 20 проценти од гласовите.
Оттогаш оваа млада партија, основана во 2013 година, дури и ја престигна конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Фридрих Мерц, кој треба да положи заклетва како нов канцелар во вторник, во некои анкети на јавното мислење.
Канцеларијата за заштита на Уставот сè уште не даде детали за конкретните последици од оваа класификација на АФД, која би можела да има големи последици врз политичкиот живот во Германија.
Оваа класификација им дава на властите значителни средства за следење и контрола на активностите, вклучително и приватните комуникации.
Дебатата за можната забрана на АФД, што некои политички лидери ја иницираа во последните месеци, би можела повторно да се разгори.
Германската разузнавачка служба веќе ги класифицира младинската организација на АфД и неколку нејзини регионални разграноци во поранешните источногермански покраини како екстремистички.
Во соопштението оваа служба ги споменува општиот непријателски став на партијата кон мигрантите и муслиманите и континуираните изјави затоа што поттикнуваат ширење и продлабочување на предрасудите, огорченоста и стравот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
40 ранети во Израел, двајца критично

Вкупно 40 лица побарале медицинска помош по вечерашниот ирански ракетен напад врз Израел, соопштија локалните здравствени служби. Двајца од повредените се во критична состојба.
Најголем број пациенти се лекуваат во болницата Ичилов во Тел Авив – 18 лица.
Според лекарите, пријавените повреди вклучуваат рани од шрапнели, вдишување чад и состојба на шок.
Свет
Израелската војска: Иран истрела помалку од 100 балистички ракети, повеќето ги пресретнавме

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, рече дека помалку од 100 балистички проектили биле истрелани од Иран кон Израел.
Дефрин рече дека „повеќето од ракетите биле пресретнати од воздушната одбрана или паднале пред да стигнат до израелска територија“.
„Регистрирани се ограничен број погодоци на згради, а дел од штетата е предизвикана од фрагменти од пресретнати проектили“, додаде тој.
Според израелските медицински служби, во нападот биле ранети 40 лица.
Свет
Нетанјаху: Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва и порача на јавноста дека можат да ги напуштат засолништата, откако новиот бран ирански ракети прелета над израелска територија.
„Иранскиот режим никогаш не бил послаб. Ова е можност за иранскиот народ да се спротивстави на режимот“, рече Нетанјаху во вечерашното обраќање.
Тој директно им се обрати и на граѓаните на Иран: „Јас сум со вас, израелскиот народ е со вас“, рече тој.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац изјави дека Иран „ја преминал црвената линија со лансирање ракети кон израелските цивилни области“ и најави: „Техеран ќе плати висока цена“.
Оваа иранска одмазда следеше по израелските воздушни напади на иранска територија, при што беа погодени нуклеарни постројки и беа убиени високи команданти и научници.