Европа
Гертнер: Се заканува нова студена војна

Австрискиот политиколог Хајнц Гертнер предупредува дека во случај Финска и Шведска да влезат во НАТО, на светот му се заканува нова студена војна, а во најлош случај, вели тој, нуклеарна војна. Во авторски текст објавен во весникот „Винер цајтунг“, Гертнер посочи дека членството на Финска и Шведска во НАТО ќе го уништи комплицираниот однос на силите во Европа.
Тензиите на руско-финската граница нема да бидат намалени, туку зголемени, рече тој, додавајќи дека не може да се исклучи нуклеарна војна. „Ние сме во пресрет на новата Студена војна“, рече Гертнер, истакнувајќи дека новата челична завеса ќе се протега по руско-финската граница.
Според него, Финска како членка на НАТО би била изложена на заканата од Русија, а руската армија и ракети би биле стационирани во близина на нејзината граница, на што НАТО соодветно би реагирал. Тој потсети и дека договорот за забрана за нуклеарни ракети со среден дострел е раскинат во 2019 година, што ќе доведе до тоа новите цели да бидат Хелсинки и Санкт Петербург, јави „Танјуг“.
Гертнер смета дека би било можно да се премести американското нуклеарно оружје во Финска, а поради краткото време на летот тие ракети секогаш би биле во највисока подготвеност, што го зголемува ризикот од лажни тревоги. Тој изјави дека шведската армија тогаш ќе биде во директен контакт со една голема сила, а нордиската рамнотежа повеќе нема да постои.
„Членството на Финска и Шведска во НАТО може да биде застрашувачко, но во случај на конфликт, тој би ескалирал, особено преку обврската да се обезбеди помош за сите членки на алијансата. Цела Европа би била погодена, сите би биле страни во војната. „Долгата финско-руска граница може во најлош случај да предизвика нуклеарна војна“, предупреди Гертнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЕУ издвојува една милијарда евра во 2022 година за зајакнување на сопствениот одбранбен фонд

Европската комисија денеска ја усвои годишната програма за работа на Европскиот одбранбен фонд, со која се предвидуваат 924 милиони евра за инвестиции и одбранбени капацитети на ЕУ за 2022 година.
Истовремено, планирани се дополнителни средства за одбранбени иновации од две милијарди евра со цел ЕУ да стане центар на иновации во одбранбениот сектор.
Денеска, решивме да мобилизираме една милијарда евра од буџетот на ЕУ за развој на заеднички одбранбени проекти, особено во вселената, сајбер-просторот и другите области со висока технологија.
Во нашиот нов безбедносен контекст тие инвестиции ќе придонесат за затворање на европскиот одбранбен јаз, велат претставниците на Европската комисија, пренесе „Танјуг“.
Европа
Русија ја укинува горната старосна граница за воен рок

Руската државна Дума денеска усвои предлог-закон за укинување на горната старосна граница за склучување на првиот договор за воена служба.
Во образложението се наведува дека законот сега предвидува првиот договор за воена служба да може да го склучат државјани на возраст од 18 до 40 години и странски државјани на возраст од 18 до 30 години, пренесува „РИА новости“.
Руската државна Дума денеска го усвои предлог-законот за укинување на горната старосна граница за отслужување воен рок, што на 20 мај го поднесоа пратениците на Единствена Русија, Андреј Картаполов и Андреј Красков.
Европа
Во Финска регистриран прв случај на мајмунска сипаница

Финска, најверојатно, го регистрирала првиот случај на мајмунска сипаница, соопшти денеска болницата во Хелсинки.
Светската здравствена организација во вторникот соопшти дека 131 инфекција со вирусот на мајмунска сипаница и 106 други сомнителни пациенти се потврдени по првиот откриен случај надвор од земјите, каде што инфекцијата традиционално се шири од 7 мај, пред сè, во Западна и Централна Африка, објави „Ројтерс“.
Потврдени се 131 инфекција со вирусот на мајмунска сипаница и 106 други сомнителни пациенти.