Свет
Гладков: Украинската армија лансира речиси 50 гранати во регионот Белгород
Украинската армија во изминатите 24 часа лансира речиси 50 гранати на пограничните области на Белгородската област, едно лице загина, а пет се повредени, објави денеска на својот телеграм-канал Вјачеслав Гладков, шефот на тој руски регион на границата со Украина.
Гладков на својот канал на „Телеграм“ изјави дека на 4 август биле лансирани 47 гранати врз пет погранични окрузи во регионот на Белгород, а биле забележани и 17 напади со беспилотни летала.
Една жена загина при напад на украински дрон врз станбена зграда, а пет лица се повредени, пренесува „РИА новости“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Брнабиќ: Ситуацијата на Косово е најсериозна досега, Курти сака да започне војна
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, истакна дека ситуацијата на Косово е најсериозна досега, бидејќи очигледно премиерот Албин Курти, сака етничко чистење на Србите и да предизвика конфликт со Белград.
„Тоа е затоа што ми се чини дека Курти нема друг избор или излез од својата политика, освен да предизвика вооружен конфликт, односно војна со Белград и затоа е најдрскиот и најневнимателниот досега. Затоа што тој е целосно турнат до ѕидот и тоа е неговиот единствен излез“, рече таа, зборувајќи за „Euronews“.
Од друга страна, таа нагласи дека „во наш интерес е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да се труди да го зачува мирот“.
Со тоа што, како што додаде таа, не смее да се дозволи малтретирање на српскиот народ на Косово, како и конфискација на имот и немање каква било правна сигурност, пренесуваат српските медиуми.
Таа напомена дека животот на Србите на Косово е исклучително тежок.
„Апсолутно сè води до она за што зборуваше и Александар Вучиќ во Советот за безбедност на Обединетите нации, а тоа е свесно провоцирање и создавање невозможни услови за живот на Србите на Косово, при што Албин Курти свесно предизвикува етничко чистење, а тоа сега им е јасно на сите“, нагласи таа.
Според неа, голем проблем е што сето ова се случува под будното око на меѓународната заедница, тоа се ЕУЛЕКС и КФОР.
Таа нагласи дека е оптимист што конгресменката Клаудија Тени од редовите на републиканците испратила писмо до американскиот државен секретар Ентони Блинкен во кое прашува што ќе направат Соединетите Американски Држави бидејќи се загрозени правата на Србите на Косово.
Регион
Сијарто: Мирот и стабилноста на Балканот се приоритет за Унгарија, која претседава со ЕУ
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави денеска во Будимпешта дека мирот и стабилноста на Балканот се приоритети за неговата земја, која во моментов претседава со Европската унија.
„Унгарија е земја претседавач со ЕУ, а мирот и стабилноста на Балканот се наш приоритет“, рече Сијарто на прес-конференција во Будимпешта.
Тој оцени дека во Европа „има лицемерие, бидејќи еден дел од земјите-членки застапуваат различни ставови, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан во просек чекаат 14 години за членство во ЕУ“.
„Сметаме дека тоа е непринципиелна позиција“, потенцира Сијарто.
„Заканите со санкции или кој било друг вид притисок треба да се остават настрана“, додаде тој.
Свет
Грција околу германскиот план за построга контрола на границите: „Тие беа дарежливи кон мигрантите“
Грчкиот премиер Киријакос Митотакис денеска изјави дека планот на Германија за воведување построга контрола на копнените граници е еднострано откажување на шенгенската граница и ќе ги оптоварува земјите од фронтот како Грција.
Германија оваа недела објави дека проверките во зоната за слободно движење ќе започнат на 16 септември и првично ќе траат шест месеци додека земјата се обидува да ја спречи илегалната миграција.
„Германија имаше исклучително толерантна и би рекол дарежлива политика кон мигрантите, што сега предизвикува голема социјална реакција“, изјави Микотакис во интервју за грчко радио.
„Одговорот не може да биде еднострано укинување на Шенген и префрлање на топката на земјите лоцирани на надворешните граници на Европа“, рече тој.
Наместо тоа, треба да се имплементира Пактот на ЕУ за миграција и азил, обновен миграциски систем кој ја препознава важноста од чување на надворешните граници на Европа, рече Микотакис.
Грција беше на првата линија на миграциската криза во Европа во 2015-2016 година, кога повеќе од еден милион бегалци – многу од нив бегајќи од граѓанската војна во Сирија – пристигнаа, главно преку Турција. Повеќето на крајот се преселиле во Германија и други западноевропски дестинации.
Оттогаш, пристигнувањата во Грција опаднаа, но многу мигранти, главно од Либија и Египет, сè уште стигнуваат до грчките брегови пред да се упатат кон Западна Европа, пишуваат светските медиуми.