Вести
Гром уби 26-годишен Британец додека пливал на Родос, Грција, неговата девојка го снимила

Британски турист загина откако го удри гром додека неговата девојка, од плажата, го снимала како плива со СУП даска во морето во Грција, јавуваат грчките медиуми.
26-годишниот маж трагично загина денес околу пладне близу брегот во областа Агиа Агати на Родос.
47-годишен локален фудбалер, Бразилец, Вандер Мачадо, се обидел да го спаси Британецот. Во изјава за грчкиот медиум „Родиаки“ тој истакна дека штом сфатил што се случило, го фрлил мобилниот телефон и скокнал во морето со облека на себе, пливајќи да стигне до Британецот.
„Штом му се приближив, видов дека е со лицето надолу во водата и лицето му беше црно. Веднаш знаев дека секоја секунда се брои и почнав да го влечам на земја. Се плашев дека и јас ќе настрадам од истото, бидејќи сè уште врнеше. Но, не застанав. Кога го извлеков почнав да му давам прва помош, да го масирам и се друго што знаев. Човекот сè уште беше жив, му го слушав срцето и имаше пулс“, изјави Мачадо.
Неговата преплашена девојка заедно со други посетители на плажата почнала да бара помош откако забележала дека има некаков проблем, а Мачадо се нашол во близина.
„Трагедијата почна да се одвива нешто по 1:30 попладне, среде невремето кое избувна. 26-годишниот млад човек беше во морето со СУП даска (за веслање). Потоа гром падна на мало растојание од местото каде што се наоѓаше и видовме дека е повреден, удрен од громот“, изјави Мачадо за „Родиаки“.
Спасувачите пристигнале набргу и ги извршиле сите процедури за реанимација за да го одржат во живот.
„За жал, малку подоцна дознав дека не успеал“, изјави Мачадо.
Британецот бил однесен во здравствениот центар Архангелос, каде службите за итна помош ја продолжиле битката на спасувачите да го одржат жив. Избезумено се обидувале да го реанимираат, но за жал не можел да се спаси.
Во моментот на трагичната несреќа, во областа во близина на грчкиот остров имало лоши временски услови и силни грмотевици.
За инцидентот е информирано Централното пристаниште на Родос, чии службеници ќе спроведат истрага за трагичниот инцидент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
(Видео) Пукање во Приштина: пресметка на две грпи заврши крваво, неколку повредени

Неколку лица се повредени од истрели од огнено оружје вечерва околу полноќ, во центарот на Приштина, во познат локал, јавуваат косовските медиуми.
Според изворите од местото на настанот на порталот „Репортери.нет“, тепачката меѓу двете групи започнала надвор од локалот, која потоа продолжила во внатрешноста на локалот, каде што се пукало. Соопштено е дека од истрелите се повредени неколку лица, додека еден од нив е во тешка состојба. Сведоците виделе како Брзата помош ги одвела повредените да ги испрати на лекување.
Полицијата целосно ја блокирала областа, вклучувајќи ја и улицата „Луан Харадинај“.
За случајот преку известување се изјасни и косовската полиција: „Околу 23 часот и 30 минути во кафеана на улицата „Реџеп Луци“ во Приштина биле пријавени истрели од огнено оружје. Полицијата веднаш излегла на местото на настанот и од првите информации се сомнева дека има повредени од огнено оружје, па дури и од фрагменти од стакло. Додека повредените се испратени на неопходна лекарска помош, полицијата продолжува со работа, односно увид на местото на настанот како и со други оперативно-истражни дејствија“.
Во моментов, најмалку двајца осомничени се идентификувани како вмешани во случајот, додека се работи и на идентификување на други можни осомничени./Reporteri.net
Вести
Сингапур погуби жена првпат по речиси 20 години, тоа е една од двете планирани егзекуции за оваа недела

Сингапур погуби жена првпат по речиси 20 години, една од двете планирани егзекуции за оваа недела.
Сингапурката Саридеви Џамани беше осудена на смрт во 2018 година кога беше прогласена за виновна за поседување 30-ина грама хероин за кој полицијата рече дека планирала да го продаде, тврди Колективот за трансформативна правда (TJC), кој ги следи случаите на осудени на смрт.
Активистите велат дека тоа е првата жена погубена во Сингапур од 2004 година, кога Јен Меј Воен, 36-годишна фризерка, беше обесена поради трговија со дрога. Сингапур има некои од најстрогите закони за дроги во светот и е под меѓународна критика во последните години за егзекуција на затвореници осудени за прекршоци за дрога.
Саридеви е една од двете жени осудени на смрт во Сингапур, според Кирстен Хан, новинарка и активистка, која поминала една деценија во кампања против смртната казна.
„Откако ги исцрпи своите можности за жалба, беше само прашање на време кога ќе добие известување за егзекуција“, рече Хан.
„Властите не се грижат што мнозинството луѓе што чекаат смртна казна доаѓаат од маргинализирани и ранливи групи. Луѓето што се осудени на смрт се оние што се сметаат за непожелни и од наркокартелите и од државата Сингапур. Ова не е нешто со што Сингапурците треба да се гордеат“, додаде таа.
Владата тврди дека смртната казна е ефикасно средство за борба против дрогата во таа земја, дека ја одржува земјата безбедна и дека има широка јавна поддршка. Тврдат и дека нивните судења се фер.
Истражувањето на „Амнести интернешнл“ покажа дека Сингапур е една од неколкуте земји што егзекутирале луѓе за злосторства поврзани со дрога во изминатата година, заедно со Кина, Саудиска Арабија и Иран.
Вести
(Видео) Торнадо опустоши град во Швајцарија: кран уби едно лице, повеќе од четириесет се повредени, евакуирани згради

Торнадо го зафати швајцарскиот град Шауси во понеделникот попладне, а едно лице загина во невремето, соопшти полицијата. Лицето починало како последица на пад на кран, кој бил поставен на градилиште. Повредени се околу 40 лица, дел пренесени и во болница.
Des images très impressionnante chez moi, à La Chaux-de-Fonds, durant et après le passage d'une tempête extrêment violente et malheureusement meurtrière https://t.co/PnFAmECP74 pic.twitter.com/TqCWSlxyJT
— Pilote de loc 🇨🇭 (@SBBTrainDriver) July 24, 2023
Невремето не траеше долго, но штетите што му ги нанесе на градот се огромни. Уништени се автомобили, откорнати покриви, а работите летаат од терасите на куќите. Сликите и видеата на социјалните мрежи го прикажуваат пустошот што го остави невремето.
>> Phénomène venteux extrême tout à l'heure à la frontière France-Suisse à l'Est de Morteau entre Le Locle (CH) et La-Chaux-de-Fonds (CH).
Les rafales auraient dépassés les 250km/h sous rafales descendantes extrêmes ou tornades! (À préciser)
Images : Météo Franc-Comtoise pic.twitter.com/kvDIrplYA8
— Paul Marquis (Expert Meteo) (@La_Meteo_du_13) July 24, 2023
Градоначалникот ги повика жителите да бидат крајно внимателни кога се движат низ градот или природата.
Освен тоа, превентивно се евакуирани пет згради, вклучително и трговски центар, а во акцијата учествувале повеќе од 100 полицајци.
„Беше страшно. Вакво невреме во Швајцарија не сум доживеал! Сè леташе низ воздухот. Прво имаше само молњи и громови, а потоа дојде торнадото. Сега сите патишта овде се затворени, дрвја паднаа, сè е уништено“, вели еден читател на „Блик“.