Европа
Грушко: Москва нема намера да ги затвора амбасадите на европските земји

Москва нема намера да ги затвори амбасадите на европските земји како одговор на новите можни непријателски чекори, изјави за „РИА новости“ заменик-министерот за надворешни работи, Александар Грушко, нагласувајќи дека тоа не е дипломатска традиција.
„Тоа не е во нашата традиција. Затоа сметаме дека работата на дипломатските претставништва е важна“, рече Грушко одговарајќи на прашањето дали е можно затворање на европските дипломатски претставништва во Русија во услови на нови непријателски чекори на западните земји и проширување на санкциите, според руската агенција.
„Не почнавме дипломатска војна и кампања за протерување“, изјави заменик-шефот на руското Министерство за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.
Европа
Северна Кореја петти ден по ред има над 200.000 новозаразени со Ковид-19

Северна Кореја петти ден по ред објави дека има повеќе од 200.000 новозаразени кои страдаат од треска предизвикана од Ковид-19, со што бројот на вакви случаи надмина повеќе од два милиона, јави денеска јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, цитирајќи ја севернокорејската државна телевизија.
Актуелниот бран на инфекции со Ковид-19 во Северна Кореја, прогласен минатата недела, предизвика загриженост поради недостатокот на вакцини, несоодветната медицинска инфраструктура и потенцијалната криза со храна во оваа 25-милионска земја, која одбива странска помош, држејќи ги границите затворени.
Вчеравечер имало 219.030 нови лица со знаци на треска, со што вкупниот број на такви случаи достигна 2.460.640, соопшти Корејската централна телевизија (КЦТВ), цитирајќи податоци од државната администрација за борба против епидемии. Бројот на смртни случаи достигна 66.
Со оглед на фактот дека во Северна Кореја нема национална кампања за вакцинација, додека капацитетот за тестирање е ограничен, експертите проценуваат дека бројките објавени од државните медиуми веројатно се помали од реалната ситуација, односно дека е тешко да се процени обемот на овој пандемиски бран.