Свет
Гутереш: Ако Израел ги прекине врските со УНРВА, ќе мора сам да ги задоволи потребите на бегалците
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека доколку Израел почне да спроведува нови закони со кои се прекинуваат врските со Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), според меѓународното право, ќе мора да ги задоволи потребите на бегалците. Во писмото испратено до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, до кое дојде агенцијата АП, Гутереш наведува дека нема алтернатива за агенцијата УНРВА.
Тој во писмото посочува како што пренесува агенцијата, дека УНРВА била спас за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и дека новиот закон на Израел „ќе има катастрофални последици за палестинските бегалци“ во Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим.
Тој нагласи дека Израел, како окупаторска сила, според меѓународното хуманитарно право, треба да обезбеди задоволување на потребите на Палестинците, вклучувајќи храна, здравствена заштита и образование. Тој додаде дека доколку Израел не е во позиција да ги задоволи овие потреби, тогаш има обврска да дозволи и да ги олесни активностите на ОН во таа област.
„УНРВА е главното средство со кое се обезбедува помош за палестинските бегалци“, рече Гутереш.
Гутереш рече дека доколку активностите на УНРВА бидат ограничени или запрени, Израел ќе мора да го пополни вакуумот „за да се осигура дека потребите на населението се задоволени“. Агенцијата на ОН за деца, здравје и миграција, исто така, нагласи дека УНРВА е „рбетот“ на операциите на меѓународната организација во Газа, каде луѓето се потпираа на помошта во храна и здравствените центри кои доаѓаа преку УНРВА за време на повеќе од една година војна, во која загинаа илјадници луѓе, а голем дел од енклавата остана во урнатини.
Портпаролот на ОН Стефан Дужарик рече дека ОН се охрабрени од изјавите за поддршка на УНРВА кои доаѓаат од сите страни. Израелскиот парламент во понеделникот го одобри законот со кој се забранува агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци да работи во Израел поради обвинувањата дека УНРВА има блиски врски со членовите на Хамас и дека некои од 13.000 вработени на УНРВА во Газа учествувале во нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година што ја предизвика војната, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Автобус во Индија падна во провалија, загинаа најмалку 15 луѓе
Патнички автобус излетал од патот во северна Индија и паднал во длабока клисура, при што загинале најмалку 15 луѓе, а повеќе од 25 се повредени, соопштија властите.
Несреќата се случила во областа Алмора во државата Утараханд.
Во автобусот имало повеќе од 40 луѓе, а досега се пронајдени 15 тела, изјави локален претставник.
Спасувачите се на терен, а се стравува дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи на местото на несреќата се уште има луѓе заробени.
Свет
Лавров: САД ја подготвуваат Европа за директен конфликт со Русија
Соединетите Американски Држави ја подготвуваат Европа за „самоубиствена авантура“ на влегување во директен воен конфликт со Руската Федерација, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Како резервна опција во случај режимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да пропадне, САД ја подготвуваат континентална Европа да се втурне во самоубиствена авантура и да влезе во директен вооружен конфликт со Русија“, рече тој, говорејќи на меѓународната симпозиум „Создавање на иднината“, пренесува агенцијата РИА Новости.
На симпозиумот Лавров истакна дека Берлин „срамно го прифатил понижувачкото“ уништување на Северниот тек.
Свет
Романија прогласи воздушна опасност поради руските беспилотни летала во Украина
Во романската област Тулчеа, во близина на границата со Украина, во текот на ноќта беше прогласена воздушна опасност повеќе од еден час, по откривањето на група руски беспилотни летала кои напаѓаа цели во Украина, јави романската агенција Аџерпрес.
„Воздушната опасност во областа Тулчеа е прогласена вечерва во 23 часот и 34 минути. Како резултат на откривање на група беспилотни летала над Црното Море кои летаат кон украинскиот воздушен простор, во близина на романскиот воздушен простор, Националниот воен команден центар го известил Генералниот инспекторат за Вонредни ситуации во 23:34 часот да се воспостави воздушно предупредување во северниот дел на областа Тулчеа“, се наведува во соопштението.
Министерството за одбрана соопшти дека од воздухопловната база Борчеа биле земени два авиони Ф-16 на романското воено воздухопловство, на активна борбена задача на воздухопловната полиција, за следење на состојбата во воздушниот простор.