Свет
Гутереш: Нема алтернатива за агенцијата што им помага на палестинските бегалци
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека спроведувањето на законот со кој ќе се забрани на агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, УНРВА, да дејствува во Израел, може да има катастрофални последици за палестинските бегалци на окупираната палестинска територија, што е неприфатливо.
„Нема алтернатива за УНРВА. Спроведувањето на овие закони би било штетно за решавањето на израелско-палестинскиот конфликт и за мирот и безбедноста во целиот регион. Како што реков претходно, УНРВА е незаменлива“, се вели во изјавата на Гутереш. .
Генералниот секретар на ОН додаде дека на дневен ред на Генералното собрание на ОН ќе го стави прашањето за активностите на УНРВА.
Во понеделникот, израелскиот парламент усвои закон со кој се забранува на агенцијата за помош на ОН за палестинските бегалци, УНРВА, да дејствува во земјата, што исто така може да влијае на нејзините операции во Газа разурната од војна. Предлагачите на законот ја наведуваат вмешаноста на некои вработени во УНРВА во нападот врз Израел на 7 октомври минатата година и нивното членство во Хамас и други вооружени групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Шпанија спасена жена која три дена била заглавена во автомобил однесен од поплавите
Спасена е жена која три дни седела заглавена во автомобил со мртвото тело на свој роднина откако ги погодила смртоносната поплава во Шпанија, соопшти спасувачката служба.
Автомобилот со преживеаната жена е откриен во поплавен тунел во Монкада, лоциран во југоисточната покраина Валенсија, заглавен со уништени автомобили. Спасувачите, вадејќи ги автомобилите, слушнале лелек на жена. Не можела да излезе бидејќи нејзиниот автомобил бил под други возила.
По спасувачката акција жената е префрлена во блиската болница и засега не е позната нејзината здравствена состојба. Локалните власти, исто така, им се заблагодарија на волонтерите кои дојдоа од цела Шпанија во поплавената Валенсија.
Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно денеска соопшти дека бројот на жртвите во поплавите се искачи на 211. Тој додаде дека 208 од жртвите се од Валенсија. Санчез најави и дека уште 5.000 војници ќе бидат испратени во областите погодени од поплавите. Во погодените подрачја денеска се очекува да пристигне првиот контингент од 4.000 војници.
Во моментов е во тек потрагата по стотина исчезнати лица.
Свет
Финска ја погоди ураган за првпат во историјата
На западот на Финска, за прв пат во историјата ветрот достигна ураганска сила, поради што 17.000 куќи останаа без струја.
Во Раума, на југозападот на земјата, просечната брзина на ветерот во петокот навечер достигна 33,5 метри во секунда, во Пори – до 30,3, пренесува финскиот јавен сервис Yle.
Ветерот со просечна брзина од најмалку метри во секунда се смета за ураган во Финска. Ова е првпат вистински ураган да биде забележан во Финска, изјави метеорологот Мати Хутонен.
„Вакви показатели никогаш не биле забележани во историјата на набљудување, во таа смисла тие се навистина ретки“, рече дежурниот метеоролог во Метеоролошкиот институт Туомо Бергман. Според него, во петокот вечерта околу 40.000 домови биле отсечени на запад и југ на Финска, а утринава 17.000 домаќинства останале без струја.
Шефот на пожарникарската служба рече дека спасувачите честопати биле повикани за паднатите дрвја што оштетиле имот.
Според прогнозите на метеоролозите утре во Финска ќе пристигне нов силен циклон.
Свет
Земјотрес во близина на полигон за нуклеарни тестирања на Северна Кореја
Земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточниот дел на Северна Кореја, во близина на областа Киљу, каде се наоѓа полигонот за нуклеарни тестирања, соопшти јужнокорејската метеоролошка агенција, наведувајќи дека се работи за природен земјотрес.
Земјотресот се случил на 37 километри северозападно од округот Киљу, на длабочина од 17 километри, објави Јонхап.
Засега нема информации за штети.