Свет
Детали за бегството на Башар ал-Асад: Со приватен авион побегнал од Сирија, но не стигнал до Москва

Додека бунтовниците го опседнаа Дамаск, беше јасно дека на владеењето на Башар ал-Асад му дојде крајот, а потоа Москва реши да интервенира и да го извлече својот долгогодишен соработник од Сирија на безбедно. Башар ал-Асад, без да каже никому за своите планови, се качи на приватен авион на аеродромот во главниот град во раните утрински часови на 8 декември, анализира „Дејли мејл“.
Авионот полетал во правец на Медитеранот пред да исчезне од радарот. Сомненијата се дека пилотите го исклучиле транспондерот кој постојано ги следи летовите и испраќа извештаи каде се наоѓа леталото. Авионот исчезнал набргу откога извршил полукруг и се упатил над градот Хомс, очигледно на пат кон руската воздушна база Хмејм, која се наоѓа во градот Латакија на североисток, пишува „Дејли мејл“.
Се верува дека приватниот авион на сирискиот претседател потоа слетал во руската база, каде што Асад бил префрлен во руски воен авион, кој потоа летал под радарот сè до Москва.
Најблиските членови на неговото семејство, неговата сопруга Асма и трите возрасни деца, веќе го чекале во Русија, каде што Владимир Путин им даде азил.
Неколку часа по бегството, бунтовниците го зазедоа Дамаск и изјавија дека „Сирија е ослободена од тиранот“.
Бегството на сирискиот претседател и неговото семејство доведе до ненадеен колапс на владеењето на династијата Асад, која владееше со земјата половина век. Само Башар ал-Асад владееше 24 години. Во исто време заврши и крвавата 13-годишна граѓанска војна.
Бунтовниците упаднаа во палатите и приватните домови на Асад, а ограбувачите ги зедоа нивните набрзина напуштени работи и му ги изложија на светот елементите на раскошниот приватен живот на сирискиот претседател.
Во целата куќа можеа да се најдат семејни фотографии, скапа облека, но и луксузни автомобили и многу повеќе, стои во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мајка и очув во Србија малтретирале 7-годишно девојче, гаселе цигари од неа

Маж и жена се уапсени во белградското предградие Палилула под сомнение дека извршиле насилство врз седумгодишно девојче.
„Нова.рс“ јавува дека надлежното обвинителство наредило С. Д. (24) и К. А. (36) да се задржат во притвор поради сомнение дека заедно извршиле семејно насилство. Набргу ќе бидат слушнати, а српските медиуми утринава објавија дека тие се мајка и очув на малтретираното девојче.
Насилството го пријавила мајката, а кога полицијата пристигнала во нивната куќа, го затекнала девојчето во многу лоша психичка и физичка состојба. Таа имала повреди на целото тело, од кои некои наводно биле предизвикани од гасење цигари на кожата.
Родителите се уапсени на самото место, а детето е пренесено на Ургентниот центар во Белград, каде што му биле констатирани тешки физички повреди, по што е пренесено во Заводот за мајка и дете. Истрагата е во тек.
Регион
Ученичка во хрватско училиште се заканувала со масакр, направила список: „Ќе добиеш куршум во челото“

Во Славонија се појави видео на кое се гледа како ученичка од осмо одделение се заканува дека ќе ги убие своите соученици и составува список на ученици, кои биле цел, дознава „24 седам“.
Здравствениот инспекторат на Министерството сѐ уште го разгледува досието на напаѓачот во загрепското училиште.
Ученичката се фотографирала со пиштол, се заканувала на социјалните мрежи, децата ги нарекувала „Непалци“ и се заканувала со крвопролевање. Наводно било иритирана што тој ден некои луѓе ја задевале во автобусот на пат кон училиште.
Училиштето ги известило надлежните, а полицијата обезбедила патрола. Ученичката е привремено суспендирана од настава на седум дена.
Неофицијално, девојчето потекнува од семејство под надзор на Центарот за социјална работа. Училиштето и полицијата сѐ уште немаат официјално соопштение, а во тек е итен состанок на надлежните одделенија.
Свет
Во несреќа за време на фестивал на огнот во Иран загинаa најмалку 21 лице, повредени над 6.000 луѓе

Најмалку 21 лице загина, а 6.419 се повредени за време на прославата на иранскиот огнен фестивал „Чахаршанбе Сури“.
Фестивалските прослави почнаа синоќа со огнови, пиротехнички средства, па дури и рачно изработени експлозивни направи. И покрај предупредувањата на полицијата дека ќе користат беспилотни летала за следење на употребата на пиротехника, во инцидентите се забележани неколку смртни случаи.
Иранската итна медицинска помош објави дека 21 смртен случај се регистрирани во Иран, а 6.419 повредени лица побарале лекарска помош. Меѓу повредените, 18 лица се во тешка состојба, а најмногу инциденти се регистрирани во Техеран, источен и западен Азербејџан.
„Чахаршанбе Сури“ се слави во последната среда вечерта пред Новруз, персиската Нова година, што го означува доаѓањето на пролетта.
Популарен меѓу децата и младите, настанот вклучува прескокнување оган, огномети и рачно изработени експлозиви, кои често предизвикуваат сериозни несреќи. Секоја година прославите и подготовките резултираат со десетици смртни случаи и илјадници повредени во Иран.