Свет
Де Сантис имаше технички проблеми при објавувањето на својата кандидатура, Трамп го исмеваше

Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, имаше хаотичен почеток на неговата претседателска трка, кога се појавија проблеми на онлајн форумот организиран од сопственикот на Твитер, Илон Маск, кој требаше да го претстави ДеСантис како остварлив претседателски кандидат на изборите во 2024 година.
Емитувањето на Твитер во траење од еден час, кое требаше да биде формално започнување на кампањата на ДеСантис, беше пригушено долго време и илјадници корисници не можеа да се приклучат или беа блокирани. Тоа беше несреќен почеток на кампањата изградена врз имиџот на гувернерот како способен политичар.
„Треба да ставиме крај на културата на губење што ја зарази Републиканската партија во последниве години“, рече Де Сантис на средбата со Маск откако проблемите беа главно решени. Хаштагот #DeSaster (катастрофа) беше во тренд на Твитер.
Влегувањето на ДеСантис во републиканската трка значи и пресметка со неговиот поранешен сојузник, поранешниот претседател Доналд Трамп, кој загуби на претседателските избори во 2020 година од демократот Џо Бајден. Гувернерот на Флорида се претставува како ефективен политичар кој се спротивстави на федералната влада поради политиките за Ковид и остави неизбришлив конзервативен печат на неговата држава.
Во Флорида, тој се залагаше за забрана на учење на концепти како што се родов идентитет и системски расизам со цел да се заштитат малите деца и како контра на прогресивната идеологија. Со растечки национален профил и очекувани големи финансиски средства, Де Сантис (44) веднаш стана најголемиот ривал на Трамп за републиканската номинација.
„Владата не се занимава со забава или градење бренд“, рече Де Сантис, суптилно критикувајќи го Трамп. Имено, тој ниту еднаш не го спомна Трамп по име за време на настанот.
Трамп (76) не се воздржа да го исмева ДеСантис на неговата страница на социјалната мрежа „Truth Social“, поради несфатливиот почеток на неговата кампања.
„Моето црвено копче е поголемо, подобро, посилно и функционира (ВИСТИНА!), објави Трамп, додавајќи: „Твоето не функционира.“
Маск призна дека имало „технички проблеми поради огромната големина“ на настанот, но додаде дека е „навистина одлично за луѓето да слушаат директно од претседателските кандидати“. Во еден момент, настанот привлече повеќе од 600.000 слушатели на Твитер.
Од нив до крајот останаа нешто помалку од 300.000. Портпаролот на кампањата на ДеСантис, Брајан Грифин, на Твитер изјави дека ентузијазмот за ДеСантис „буквално го скрши интернетот“. Кампањата собра 1 милион долари за еден час, додаде Грифин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почина поранешниот претседател на Италија Џорџо Наполитано

Поранешниот италијански претседател Џорџо Наполитано почина на 98-годишна возраст.
Наполитано имаше блиски односи со папата Бенедикт Шеснаесетти и беше еден од ретките луѓе кои беа предупредени за шокантната оставка на Бенедикт во февруари 2013 година.
Наполитано ги искористи своите овластувања кон крајот на 2011 година за да ја олесни должничката криза со назначувањето на технократот на Европската комисија Марио Монти да ја води владата откако премиерот Силвио Берлусони поднесе оставка.
Две години подоцна, тој формираше голема коалиција под водство на политичарот од левиот центар Енрико Лета по неубедливите парламентарни избори, што повторно ја изведе земјата од ќорсокакот. Наполитано стана претседател во 2006 година. Тој поднесе оставка во 2015 година.
Кабинетот на премиерот Џорџија Мелони изрази сочувство од италијанската влада до семејството Наполитано.
Свет
Ердоган: Русија не е земја што треба да се игнорира

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не се согласува со негативниот пристап на другите светски лидери кон рускиот лидер Владимир Путин.
Ердоган, говорејќи пред новинарите во четвртокот по Генералното собрание на ОН, рече дека Русија не е земја што треба да се игнорира и ја повтори својата надеж дека може да се најде решение за обновување на договорот за украинскиот извоз на жито преку Црното Море.
– Лидерите и премиерите имаат негативен став кон Путин. Се разбира, ние не споделуваме, ниту изразуваме таков став. Исто така, верувам дека овие пристапи не се точни бидејќи Русија не е обична земја. Без разлика дали во однос на областа или позицијата во светот, Русија има јасно место. Во однос на производството на жито, Русија сега е меѓу ретките земји во светот. Не можете сега да игнорирате таква земја – рече Реџеп Таип Ердоган.
Турција од почетокот на војната се обидува да има добри односи и со Москва и со Киев. Воено и помага на Украина и истакнува дека го поддржува нејзиниот територијален интегритет, но во принцип се противи на санкциите против Русија.
Свет
Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.
Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.
„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвени да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.