Свет
Директорот на МААЕ: Оштетена кулата за ладење во нуклеарната централа „Запорожје“
Кулата за ладење во украинската нуклеарна централа „Запорожје“, која е под руска контрола, беше тешко оштетена во пожар минатиот месец и, најверојатно, ќе мора да биде урната, изјави директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Тој го изјави ова за време на својата петта посета на оваа нуклеарна централа, која беше окупирана од руските сили набргу по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, пренесува агенцијата „Танјуг“ повикувајќи се на „Ројтерс“.
„Оваа голема градба нема да биде употреблива во иднина, па веројатно ќе биде урната во одреден момент“, вели тој во видеото од фабриката, објавено на мрежата Х.
На видеото се гледа и како Гроси ја проверува пумпната станица, која обезбедува вода, а го посети и складиштето за нуклеарно гориво.
На 11 август избувна пожар во кулата на електраната, а Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека го предизвикале пожарот. Во тоа време Гроси го опиша инцидентот како еден од многуте непромислени напади, но не ја препиша вината на ниедна земја.
Постројката во Запорожје во југоисточна Украина, најголемата европска нуклеарна централа со шест реактори, е во ладно исклучување и не произведува електрична енергија, а потребна е надворешна енергија за да се одржи ладен нуклеарниот материјал и да се спречи несреќа.
Гроси се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот во Киев и предупреди на нестабилната ситуација во Запорожје, каде што се стационирани инспекторите на МААЕ од средината на 2022 година. Тој минатата недела ја посети нуклеарната централа „Курск“ во јужна Русија и рече дека постои ризик од нуклеарна несреќа по упадот на украинските сили во овој регион минатиот месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Легендарниот рокер Бора Чорба погребан со хитот “Погледај дом свој анџеле“
Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ (72) денес е погребан. Семејството, колегите, но и бројни пријатели и обожаватели се собраа на Градските гробишта во Чачак за да го кажат последното збогум и да се простат од него.
Хорот на гимназијата од Чачак по црковниот обред го испеа најголемиот хит на Бора „Погледај дом свој анџеле“, а овој момент расплака многумина и тоа беше најтажната сцена од гробиштата.
Рокерот Бора Ѓорѓевиќ (72) почина во средата на 4 септември во Љубљана по тешко боледување.Легендарниот рокер ќе почива во родниот Чачак, што му беше и последна желба.
Роден е на 1 ноември 1952 година.
Свет
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж во пустината во Ново Мексико, со што заврши тримесечната пробна мисија отежната од технички проблеми.
Вселенското летало доцна синоќа самостојно го почна своето шестчасовно патување до Земјата, а астронаутите Буч Вилмор и Сани Вилијамс, првиот екипаж што леташе со Старлајнер, останаа на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Беше одлучено Вилмор и Вилијамс да останат на МВЦ до февруари 2025 година, бидејќи Старлајнер се врати на Земјата користејќи маневри премногу опасни за екипажот.
Леталото повторно влезе во атмосферата на Земјата околу 5 часот утрово по средноевропско време, со орбитална брзина од приближно 27.400 километри на час.
Вилмор и Вилијамс ќе продолжат да спроведуваат научни експерименти додека се во вселената, а се очекува да се вратат на Земјата во февруари 2025 година со вселенско летало на компанијата СпејкИкс.
Свет
Регистриран прв случај на детска парализа во Пакистан по 16 години
Пакистан планира итна акција за вакцинација следната недела, откако беше пријавен првиот случај на детска парализа во главниот град во последните 16 години, во услови на пораст на болеста во другите делови на земјата, соопштија денеска властите.
Повеќе од 33 милиони деца на возраст под 5 години ќе бидат вакцинирани од врата до врата почнувајќи од понеделник, рече шефот за полио Ајеша Раза, затоа што вкупниот број на нови случаи годинава се искачи на 17.
Ширењето на вирусот во регионот кој претходно беше прогласен за област без детска парализа претставува нов предизвик за програмата за искоренување финансирана заеднички од ОН и Фондацијата Гејтс, пренесува ДПА.
Случаите со детска парализа во Пакистан го достигнаа врвот од 147 болни во 2019 година, но се намалија на само шест минатата година.