Свет
Долги редици за вакцинирање против мајмунски сипаници во Њујорк

Американскиот град Њујорк, со осум милиони жители, стана епицентар на мајмунски сипаници, а неговите жители, главно мажи на возраст меѓу 20 и 40 години, побрзаа да се вакцинираат, формирајќи долги редици пред медицинските центри, пишува АФП. Во тој град во мај се појавија првите случаи на мајмунски сипаници, а на крајот на минатата недела се евидентирани 461 случај на оваа инфекција. На почетокот на минатата недела ги имало 223.
Секој може да се зарази со оваа болест, која се шири преку близок физички контакт, но вакцината Jynneos моментално е резервирана само за хомосексуалните мажи, кои го сочинуваат огромното мнозинство од заразените. ЛГБТК-заедницата во Њујорк е загрижена дека дополнително ќе бидат стигматизирани поради вирусот.
Центарот за вакцинација, поставен во средно училиште во Бушвик, Бруклин, потсетува на редиците што се формираа за вакцината против Ковид-19. Мажите кои чекаа на ред едногласно потврдија дека имале среќа што воопшто успеале да закажат термин.
На веб-страницата во шест часот наутро имало известување за 9.200 бесплатни места и сите ги немало за само седум минути.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
На парламентарните избори во Бугарија ќе учествуваат 24 партии и 7 коалиции

Денеска во 17 часот истече рокот во кој партиите и коалициите во Бугарија требаше да ги достават потребните потписи и документи за регистрација за учество на претстојните предвремени парламентарни избори на 2 октомври, информира „БГНЕС“.
Документи за учество на изборите поднеле вкупно 24 партии и 7 коалиции.
Утре ЦИК ќе ја заврши проверката на сите доставени документи, а доколку има некој од потписите што не содржат 2.500 валидни потписи, формацијата ќе биде избришана.
Следниот важен рок е 27 август. До тој датум, само коалициите на партии регистрирани од Централната изборна комисија можат да поднесат апликации за да ги одразат промените што се случија во составот на коалицијата – напуштање партија или пристапување во нова партија.
Бугарите кои живеат во странство можат да се пријават за гласање преку Интернет. Електронската апликација за поднесување барања од Бугари во странство за гласање на предвремените избори ќе се прифаќа од денеска до 6 септември.
Изборите на 2 октомври ќе се гласаат машински, со истиот софтвер како и на последните парламентарни избори.
Регион
Откриени 73 килограми кокаин во БиХ

Властите во Босна и Херцеговина денеска заплениле 73 килограми кокаин вреден неколку милиони евра, што е едно од најголемите откриени количества на оваа дрога во земјата по завршувањето на војната.
Кокаинот бил шверцуван со друга стока што била увезена во Босна и Херцеговина, а бил откриен во акција што била спроведена со помош на партнерските агенции на Европската унија и Европол.
По наредба на Обвинителството на БиХ, членови на Дирекцијата за организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, дрогата кокаин ја откриле во магацин.
„Ова е една од најголемите заплени на наркотична дрога кокаин во постдејтонска Босна и Херцеговина, а вредноста на запленетите наркотици на нелегалниот нарко пазар изнесува неколку милиони евра“ – се наведува во соопштението на Обвинителството на Босна и Херцеговина. .
Оттаму додаваат дека истрагата се води во соработка со партнерските агенции. Обвинителството на БиХ ја продолжува истрагата со цел целосно да се расветлат сите околности на меѓународниот шверц на кокаин.
Свет
СЗО: Повеќе од 35.000 случаи на мајмунски сипаници во светот

Над 35.000 случаи на мајмунски сипаници се регистрирани во 92 земји и територии во светот, што е зголемување за 20 отсто во однос на претходната недела, додека бројот на починати е 12.
Ова го изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) – Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Повеќе од 35.000 случаи на мајмунски сипаници се пријавени во СЗО од 92 земји и територии со 12 смртни случаи“, рече тој, пренесе ТАСС.
Како што наведе, минатата недела се пријавени близу 7.500 случаи на мајмунски сипаници.