Свет
Драма на небото: авион наиде на силни турбуленции, има повредени. „Мислев дека авионот ќе се распадне“

Авион на „Рајанер“, кој леташе од Берлин до Милано, мораше итно да слета на аеродромот „Меминген“ откога наиде на силни турбуленции над Баварија, каде што имаше силна бура, пренесуваат светските агенции.
Полицијата првично објави дека седум патници се повредени, но подоцна стигна информација дека вкупно девет лица се повредени. Меѓу повредените има жена, која претрпе повреда на главата, нејзиното двегодишно дете, кое претрпе модринки, и 59-годишна жена, која се пожали на болки во грбот, соопшти полицијата.
Патниците го опишаа стравот што го доживеале.
„Никогаш порано не сум почувствувал таков страв – во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне!“, изјави еден патник за германски „Билд“, според „Шпигел“.
Фотографиите од кабината покажуваат оштетени панели над главите и преплашени патници. Некои патници не носеле безбедносни појаси за време на турбуленцијата, а екипажот наводно не дал соодветни упатства.
Службите за итни случаи веднаш реагираа на аеродромот. Иако никој не бил во животна опасност, еден патник претрпел сериозни повреди на главата. „Рајанер“ сè уште официјално не го коментира инцидентот, а патниците се пренасочени кон други летови, според написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Заради исклучен доток на гориво во моторите се урнал авионот на „Ер Индија“

Прелиминарниот извештај за несреќата на авионот на компанијата „Ер Индија“, во која минатиот месец загинаа 260 лица, покажа дека три секунди по полетувањето, прекинувачите за гориво на моторите се префрлиле од позиција „вклучено“ во позиција „исклучено“, лишувајќи ги моторите од гориво.
Авионот „Боинг 787- Дримлајнер“ веднаш почнал да губи висина, покажува извештајот објавен од индиските истражители на воздухопловни несреќи.
На снимката од пилотската кабина, може да се слушне како еден од пилотите го прашува другиот зошто го исклучил горивото. Вториот пилот одговорил дека не го сторил тоа, се наведува во извештајот. Не е наведено кој го упатил повикот за помош непосредно пред несреќата, пилотот или копилотот.
И двајцата пилоти биле искусни, со вкупно околу 19.000 часа лет, вклучувајќи повеќе од 9.000 часа во „Боинг 787“.
Префрлањето на прекинувачот во позиција „исклучено“ ги запира моторите речиси веднаш.
Свет
Зеленски: Продолжуваат испораките на оружје од САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека добил ветување дека Украина ќе добие нови испораки на оружје од САД и европските сојузници, јави ДПА.
-Според сите извештаи, суспендираните испораки на оружје се обновени, рече Зеленски.
ДПА пренесува дека разговорите за продолжување на воената поддршка се планирани за следната недела, меѓу другите, и со американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог.
-Исто така, подготвуваме нови европски пакети за оружје, рече Зеленски, потенцирајќи дека, исто така, очекува „силни чекори во врска со новите санкции против Русија“.
САД минатата недела накратко воведоа делумно запирање на испораките на оружје што веќе беа ветени.
Регион
Вучиќ: Полицајците не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека полицијата реагира како последно средство на блокадите во државата, во согласност со законот и со минимална употреба на сила.
„Тие полицајци…не допираат никого, не вознемируваат никого сè додека луѓето не почнат да го кршат законот и да ги напаѓаат со стапови“, изјави Вучиќ.
Вучиќ истакна во интервју за белградски медиуми, дека студентите во блокада на 15 март не дале „зелено светло“ затоа што некои во државата требало да ја завршат својата работа, а на 28 јуни го направиле тоа „преценувајќи се себеси и потценувајќи ги другите“.
Тие луѓе мислат дека е нормално да му се одземе на некого уставно загарантираното право на движење, тие не се заинтересирани за ништо, тие го прогласиле за легално и не им е гајле, рече Вучиќ.
„Загрижен сум за државата, но што се однесува до партиските, посебни интереси – одлично, можеби до Нова Година, можеби ќе ги изненадам, а потоа ќе распишам избори“, додаде Вучиќ.