Свет
Дуда: Светот не би ѝ простил на Русија за употребата на нуклеарно оружје, проколнат ќе биде првиот што ќе го употреби
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека руската закана да го задржи правото на користење нуклеарно оружје не е ништо ново, но дека рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба ќе биде проклет и светот никогаш нема да прости.
„Русија ако погледнеме ладнокрвно, без паника, треба да се каже дека Путин го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно вклучувајќи го и нуклеарното оружје, во случај на опасност за Русија“, рече тој за полската приватна телевизија ТВН24.
Коментирајќи ги последните закани дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател рече дека тоа не е ништо ново.
„Меѓутоа, Владимир Путин совршено знае, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проколнат. Тој никогаш повеќе нема да се измие од таа одговорност ако користи нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот нема да им прости“, изјави полскиот претседател, кој престојува во Њујорк на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.
Анджеј Дуда потсети дека кинескиот претседател Шји Џјинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.
Полскиот претседател, сепак, оцени дека е сосема можно Русија да ја нападне украинската нуклеарна централа со конвенционално оружје, како што стравуваше претседателот на Украина Володимир Зеленски.
„Доколку Русија нападне нуклеарни централи со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или не дај Боже да започне таков напад, треба итно да интервенира Меѓународната агенција за атомска енергија“, изјави Дуда.
Полскиот претседател додаде дека го чека средба и во САД, во поширок круг, каде најверојатно ќе биде и украинскиот претседател, со американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Постојано излегувам со порака за поддршка за Украина. Оваа војна може да заврши само со протерување на руската армија. Тоа значи дека руската армија ќе биде поразена. Украина мора да ги има инструментите за тоа“, изјави Дуда во интервју за ТВН24 од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко нареди „Орешник“ да се постави во Белорусија
Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Белорусија, Павел Муравејко, изјави дека претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, наредил распоредување на рускиот ракетен систем „Орешник“ на територијата на Белорусија и планира негово користење.
„Има само една инструкција – да се обезбеди распоредување на ‘Орешник’ на наша територија и да се планира неговото користење“, изјави Муравејко по состанокот на Советот за безбедност на Белорусија, пренесе „Белта“.
Тој додаде дека само рускиот претседател Владимир Путин го знае точниот број на системи што ќе ѝ бидат испорачани на Белорусија.
Минатата недела Лукашенко побара од Путин да постави „Орешник“ во Белорусија, а рускиот претседател одговори дека е можно овој ракетен систем да биде распореден во втората половина на 2025 година.
Свет
Бајден помилува 39 лица осудени за ненасилни злосторства, им ги скрати казните на 1.500 лица
Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден денеска изјави дека помилувал 39 лица осудени за ненасилни злосторства и дека им ги скратил казните на речиси 1.500 лица, кои издржуваат долги затворски казни.
Помилувањето и намалените казни дојде една недела откако Бајден потпиша безусловно помилување за својот син Хантер, објави „Ројтерс“.
Официјални лица минатата недела рекоа дека Белата куќа ги слуша барањата на Бајден да ја изрази истата милост кон илјадници луѓе на кои им е нанесена неправда од правосудниот систем.
Свет
Песков: Русија ги поддржува напорите на Орбан и ќе ги продолжи консултациите за мир во Украина
Москва ги поддржува напорите на унгарскиот премиер Виктор Орбан насочени кон изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Претпоставуваме дека консултациите за воспоставување мир ќе продолжат, целосно ги поддржуваме напорите на Орбан за изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници“, рече Песков на прес-конференција, пренесува „РИА новости“.
Како што наведе, премиерот на Унгарија на рускиот претседател Владимир Путин му претставил предлог за размена на заробеници меѓу Русија и Украина и божиќен прекин на огнот.
„За време на вчерашниот телефонски разговор со претседателот Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан даде предлог да се изврши голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина пред Божиќ, како и да се објави божиќен прекин на огнот“, рече Песков.
Тој истакна дека украинската страна го отфрлила предлогот за размена на затвореници пред Божиќ. „Судејќи според реакцијата на Зеленски на социјалните мрежи, како и неговата околина, украинската страна ги отфрли сите предлози на Орбан“, изјави Песков за новинарите.