Европа
Европскиот парламент поднесе тужба против Европската комисија

По барање на претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Давид Сасоли, правната служба на парламентот денеска во Судот на правдата поднесе тужба против Европската комисија поради тоа што не се спроведува механизмот за санкции против земји членки што ги кршат правилата, пишува на веб-страницата на Собранието.
Станува збор за регулатива, којашто беше усвоена во декември минатата година, ѝ дозволува на ЕУ да го запре финансирањето на земјите членки за кои Брисел смета дека му пркосат на владеењето на правото. Сепак, Комисијата досега се воздржуваше од нејзино користење.
„Како што беше побарано во собраниските резолуции, нашата правна служба денеска поднесе тужба против Европската комисија за непримена на регулативата. Очекуваме Европската комисија да дејствува на доследен начин и да го исполни она што го рече претседателката Фон дер Лајен за време на нашата последна пленарна дискусија на оваа тема. Зборовите мора да се претворат во дела“, рече претседателот Сасоли.
Нацијата што во моментов е на врвот на црната листа е Полска, чија конзервативна влада усвои голем број политики што ЕУ ги смета за спорни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Летовите кон Москва ги намалуваат шансите на Грузија за кандидатски статус за ЕУ

Грузија во последните месеци се обиде да ги балансира приближувањето кон Русија и своите аспирации за влез во ЕУ, но критичарите ја обвинуваат владата на премиерот Иракли Гарибашвили за поткопување на евроинтеграцијата на Грузија и за флертување со Москва, пренесува „Еурактив“.
За разлика од Украина и Молдавија, лидерите на ЕУ не ѝ дадоа на Грузија минатиот јуни кандидатски статус и го повикаа Тбилиси да ги реформира правосудните и изборните системи, да ја подобри слободата на медиумите и да ја ограничи моќта на олигарсите.
Тбилиси во април го поздрави потегот на Русија за укинување на четиригодишната забрана за директни летови кон Грузија и отстранувањето на деценискиот визен режим за Грузијците што патуваат во Русија.
Двете земји немаа официјални дипломатски врски откако по повеќегодишните тензии поради прозападната ориентација на Тбилиси, Русија ја нападна Грузија во 2008 година.
Обновата на воздушниот сообраќај меѓу двете земји дојде откога земјите од ЕУ ги забранија сите летови кон Русија поради инвазијата на Украина. Овој потег предизвика протести на опозицијата во Тбилиси, а претседателката Саломе Зурабичвили, која е во судир со владата, повика на бојкот на националниот авиопревозник „Џорџан ервејс“.
И многу Грузијци се против какво било приближување со Москва, чии војници окупираат два грузиски региони – Абхазија и Јужна Осетија – кои претставуваат околу една петтина од територијата на земјата.
Амбасадорите од ЕУ акредитирани во Грузија вчера се сретнаа со грузискиот вицепремиер и министер за економија, Леван Давиташвили, за да му врачат демарш во врска со обновувањето на летовите на Грузија со Русија.
„Изразивме загриженост и жалење на ЕУ поради обновувањето на воздушниот сообраќај меѓу Грузија и Русија. Оваа одлука е во спротивност со одлуката на ЕУ да не се лета кон Русија и да врши притисок врз неа“, изјави по состанокот евроамбасадорот во Грузија, Павел Херчињски.
Давиташвили наводно ги уверил претставниците на ЕУ дека летовите нема да ги опслужуваат компании санкционирани од ЕУ и дека сите руски патници ќе бидат темелно проверени нагласувајќи дека Грузија ја дели границата со Русија и дека е во поинаков контекст од оној на земјите од ЕУ.
Друго прашање за кое се разговарало на состанокот било целокупното усогласување на Грузија со санкциите на ЕУ против Русија.
„Ние целосно ги почитуваме санкциите и на контролниот пункт Ларс и на аеродромите во нашата земја, а европските земји продолжија да тргуваат со Русија, дури и откога почнаа борбите во Украина“, истакна Давиташвили.
Европа
ЦРЕА: Нафтената војна на Западот против Русија го губи моментот

Заработката на Русија од извозот на нафта е во пораст во последните неколку месеци и покрај ценовната граница наметната од Г7 и другите ограничувања наметнати од Западот, покажува новата студија на Финскиот центар за истражување енергија и чист воздух (ЦРЕА).
Според ЦРЕА, приходите од нафта на Русија почнаа да закрепнуваат во март по остриот пад во февруари кога во сила стапија ограничувањата на цената на нафтата и рафинираните нафтени деривати од Русија и забраната во ЕУ за увоз на руската нафта преку море.
Во април приходите од нафта се зголемија за дополнителни 6 отсто месечно достигнувајќи го највисокото ниво од ноември минатата година.
Податоците на ЦРЕА покажуваат дека откако стапија во сила забраната за увоз и ограничувањата на цените, Русија генерирала вкупно 58 милијарди евра приход од извозот на нафта.
Експертите велат дека иако тековните приходи на Русија сè уште се значително пониски од истиот период минатата година, трендот на пораст покажува дека западните санкции за извозот на руска нафта го губат моментот.
„Приходите од извозот на Русија во април беа значително намалени, главно поради влијанието на забраната за увоз во ЕУ и пониските цени на нафтата. Сепак, Русија успеа првпат да го извезе својот главен тип сурова нафта (уралс) по цени што беа систематски над нивото на ценовното ограничување“, изјави Лаури Миливирта, главниот аналитичар во ЦРЕА.
Миливирта истакна дека ова укажува на големи дупки во спроведувањето на политиката за ограничување на цените додавајќи дека ако тие не се поправат, „ова ризикува засекогаш да го наруши механизмот за ограничување на цените“.
Аналитичарите истакнуваат дека враќањето на приходите е поттикнато од зголемувањето на извозните цени, околност што може да му се припише на Западот, кој ги постави ценовните ограничувања премногу високо.
„Приходите на Русија можеа да бидат намалени за 22 милијарди евра (37 %) со поставување на ценовната граница на сурова нафта на 30 наместо на 60 долари за барел и со соодветно ревидирање на ограничувањата за нафтените производи“, напишаа аналитичарите на ЦРЕА.
Тие истакнаа дека натамошното закрепнување на приходите од нафтата на Русија „ќе ги наруши влијанието и кредибилитетот на санкциите“.
Европа
Шредер непожелен на конгресот на сопствената партија поради врските со Русија

Германската Социјалдемократската партија (СПД) го прогласи поранешниот канцелар и шеф на партијата, Герхард Шредер, за персона нон грата на претстојниот партиски конгрес иако неодамнешните обиди да го исфрли од партијата на крајот не успеаја, пренесува ДПА.
Иако поранешните шефови на СПД традиционално се поканети да се обратат на партиските конгреси, Шредер, кој во минатото често зборуваше на нив, сега е непожелен на претстојниот конгрес во декември.
„Повеќе не можам во Герхард Шредер да го препознам поранешниот канцелар и поранешен партиски лидер. Го гледам како бизнисмен што ги следи своите деловни интереси“, изјави шефот на СПД, Саскија Ескен, за ДПА.
Шредер не беше поканет и на одбележувањето 160-годишнината на СПД минатата недела поради неговите врски со Русија.
„Сè додека тој е близок со подбуцнувачот на војна и агресор во ситуацијата, ние немаме за што да разговараме“, рече генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, коментирајќи го неканењето на Шредер.
Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година и беше лидер на партијата од 1999 до 2004 година. Оттогаш соработува со руските енергетски компании и се смета за личен пријател на рускиот претседател Владимир Путин.
Неговите врски со Русија и неговата неподготвеност да се дистанцира од Путин предизвикаа голема вознемиреност во неговата партија откако Русија ја почна својата агресивна војна во Украина во февруари 2022 година.
Шредер и неодамна ја покажа својата блискост со Русија. На почетокот на мај тој и неговата сопруга присуствуваа на приемот во руската амбасада по повод годишнината од победата над нацистичка Германија, што предизвика многу политички реакции кај опозицијата и во неговата партија.
Сепак, обидите за негово исклучување од партијата на крајот пропаднаа, а највисокото тело на СПД – Федералната арбитражна комисија – на почетокот на овој месец донесе конечна одлука дека Шредер не може да биде исклучен од партијата.