Свет
Еколошка катастрофа: 400 тони нафта излеани во близина на кинескиот брег при судир на брод и танкер

Речиси 400 тони нафта се излеани во Жолтото Море кога танкер се судри со друг брод во близина на најголемото кинеско пристаниште за сурова нафта претходно оваа недела, соопштија поморските власти.
„Количината нафта што се излеа од бродот во морето е приближно 400 тони, а работата за итно отстранување се одвива без проблеми. Инцидентот не влијаеше на бродовите што влегуваа и излегуваа од пристаништето Џингдао“, објави Управата за поморска безбедност на провинцијата Шандонг на социјалните мрежи. Додадено е дека 12 брода за деконтаминација се распоредени за чистење на нафтената дамка на речиси 75 километри од пристаништето Џингдао во североисточна Кина.
Панамскиот товарен брод „Си Џастис“ во вторникот околу 9 часот удри во либерискиот танкер „А Симфони“ кај Џингдао поради што танкерот изгубил одредена количина нафта. Нема повредени меѓу членовите на екипажот.
Неименуван службеник на управата за поморска безбедност за кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ изјави дека товарот е означен како битуменска емулзија, но неговата специфична содржина бара дополнително испитување.
Бродската компанија „Гудвуд шип менаџмент“ соопшти дека тесно соработува со Управата за поморска безбедност во операциите за расчистување и во истрагата на инцидентот. Претходно, компанијата соопшти дека слабата видливост го отежнува чистењето на истурената нафта.
„Силата на ударот на предната и на левата страна на бродот ги оштети резервоарите со гориво и баластна вода и одредена количина нафта се истури во океанот“, соопшти компанијата. Агенцијата за поморска безбедност им наредила на бродовите во близина да бидат оддалечени најмалку 18,5 километри од местото на несреќата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Захарова: Обидот за посегнување на руски имот ќе се смета за грабеж, ќе одговориме

Русија ќе возврати на обидите на Западот да ги заплени руските средства за да и ги предаде на Украина, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
– Обидите за посегнување на рускиот имот и средства ќе се сметаат за грабеж и нема да останат без одговор – изјави таа за новинарите.
Захарова посочи дека не постои правен начин за експропријација на рускиот имот, пренесе ТАСС.
– Се разбира, разбирам дека во светот што сега го наметнува колективниот Запад се е можно, но ако зборуваме за право и правда кои важат со децении, не постои легален начин да се украде нешто од другите и да го земете за себе – нагласи Захарова.
Свет
ФБИ го претресува домот на Бајден

ФБИ го претресува домот на американскиот претседател Џо Бајден во Делавер, изјави неговиот адвокат, а пренесе Би-би-си. Адвокатот на Бајден вели дека претседателот не барал налог за претрес.
Да потсетиме, минатата есен во приватната канцеларија на Бајден беа откриени доверливи документи, а јавноста за тоа дозна минатиот месец.
Документите датираат од времето кога Бајден беше потпретседател за време на двата претседателски мандати на Барак Обама. Јавниот обвинител Мерик Гарланд побара од државниот обвинител во Чикаго да го истражи случајот.
Адвокатите на Бајден тврдат дека ги пронашле доверливите материјали во ноември за време на затворањето на канцеларијата на Бајден во Вашингтон.
Бајден ја искористи канцеларијата како дел од неговата соработка со Универзитетот во Пенсилванија, каде беше почесен професор од 2017 до 2019 година, пишува Си-ен-ен.
Во канцеларијата биле пронајдени помалку од десетина доверливи документи, потврдил извор за Си-Ен-Ен.
Се уште не е јасно на што се однесуваат документите и зошто се однесени во приватната канцеларија на Бајден,пренесе Индекс.хр.
Свет
Американка уапсена во Москва откако прошетала теле низ Црвениот плоштад

Американката Алиша Деј е уапсена денеска и осудена на руски суд откако прошетала теле низ Црвениот плоштад во Москва, објави Ројтерс.
Според руските државни медиуми, Алиша Деј рекла дека го купила телето за да го спаси од колење.
Деј беше казнета со 285 долари за попречување на пешаците за време на нејзиниот незаконски протест и беше осудена на 13 дена затвор поради непочитување на полициската наредба,пренесе Танјуг.