Свет
Ердоган: Судбината на 194 земји не може да се препушти во рацете на пет држави
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повика на голема ревизија на Обединетите нации, јавува агенцијата „Анадолија“.
„ОН треба целосно да се реформираат. Светот не може да биде оставен на милост и немилост на пет постојани земји (членки на Советот за безбедност). Судбината на 194 земји не може да се остави во рацете на овие пет постојани членки“, рече Ердоган во Обраќање на Светскиот форум на ТРТ во Истанбул.
Ердоган го осуди системот на петте постојани членки на Советот за безбедност, според кој тие можат самостојно да стават вето на важни одлуки, велејќи: „Светот е поголем од петте“.
„Руско-украинската војна, која наскоро ќе влезе во својата четврта година, ни ја покажа слабоста на меѓународниот систем“, додаде тој.
Ердоган нагласи дека во Газа не се тестирани само хуманитарните вредности, туку и веродостојноста на глобалниот систем и на ОН. Тој смета дека чувството на вина за холокаустот ги принудило западните земји да се воздржат од критикување на Израел, кој „врши геноцид во Газа повеќе од една година“.
Тој изрази надеж дека примирјето меѓу Израел и Хезболах ќе остане трајно, но нагласи дека итно е потребен прекин на огнот во Газа.
„Итното воспоставување на одржлив прекин на огнот во Газа е неопходно пред човештвото да изгуби уште повеќе од своите вредности. Подготвени сме да сториме се за да го запреме геноцидот во Газа и да ја отвориме вратата за траен мир“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Русија не ја заострува својата нуклеарна доктрина, туку ја подобрува
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија не ја заострува својата нуклеарна доктрина, туку ја подобрува.
„Зборувавте за заострување на нуклеарната доктрина, ние не ја заоструваме нуклеарната доктрина, туку ја подобруваме“, рече Путин на состанокот на Советот за развој на граѓанското општество и човековите права, реагирајќи на зборовите на еден од учесниците, објави Интерфакс.
Тој додаде дека Русија треба да го подобри ракетниот систем „Орешник“. Путин денеска во Кремљ се сретна и со индискиот министер за одбрана Рајнат Синг, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Синг пристигна во Русија на 8 декември, а веќе следниот ден присуствуваше на церемонијата на предавање на фрегатата Тусил на индиската морнарица во бродоградилиштето Јантар во Калининград.
Тој на 10 декември се сретна со рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов, пренесува Танјуг.
Свет
Бразилскиот претседател на интензивна нега по итната операција на мозокот
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се опоравува на интензивна нега по итна операција.
Во соопштението на болницата се наведува дека Лула бил опериран откако при магнетна резонанца било откриено мозочно крварење, пренесува Гардијан.
Во соопштението од болницата во Сао Паоло, објавено на социјалните мрежи на Лула рано во вторникот, се вели дека операцијата поминала „без компликации“. Предводникот на бразилската левица беше под опсервација по краниотомија и беше „добро“.
Британскиот NHS наведува дека краниотомијата е хируршка интервенција при која неврохирург привремено отстранува дел од черепот за да отстрани хематом. Таквата операција обично се изведува под општа анестезија, пренесуваат светските медиуми.
Болницата го припиша крварењето на несреќата што ја имаше Лула во неговиот дом во октомври, кога се туширал во палатата Алворада, официјалната претседателска резиденција во Бразилија. Несреќата, според написите, го принуди Лула да го откаже патувањето на самитот Брикс во Русија и му остави неколку конци.
Лула беше примен во болница во Бразилија во понеделникот вечерта откако се пожали на главоболка. Откако беше откриено дека крвари, тој беше префрлен на 1.000 километри јужно во една од најдобрите бразилски болници во Сао Паоло.
Весникот О Глобо пишува дека Лула во понеделникот околу 23 часот пристигнал во Сао Паоло бидејќи попладнето не се чувствувал добро.
Свет
Поранешниот министер за одбрана на Јужна Кореја уапсен за учество во бунтот
Судот во Сеул соопшти дека го одобрил налогот за апсење на поранешниот министер за одбрана Ким Џонг-хјун под обвинение дека тој имал клучна улога во бунтот и злоупотребата на власта, што го прави првиот човек уапсен според декретот за вонредна состојба.
Ким, близок соработник на јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јул, поднесе оставка во четвртокот и од неделата е во притвор. Обвинителите имаат рок од 20 дена да одлучат дали ќе го обвинат. Осудата за обвинение за бунт може да носи смртна казна, според написите во медиумите во регионот.
Ким е обвинет дека му препорачал на Јун да воведе воена состојба и да ја испрати војската во Националното собрание за да ги спречи пратениците да гласаат за негово отповикување за корупција. Голем број пратеници успеаја да влезат во собранието и едногласно го отфрлија указот, принудувајќи го кабинетот да го укине веќе на 4 декември.
Во денешната изјава Ким изјави дека „длабоко се извинува што предизвикал вознемиреност и непријатности“. Тој рече дека е целосно одговорен за воведувањето на вонредната состојба.
Парламентот под контрола на опозицијата денеска го усвои предлог-законот за назначување независен специјален советник за истрага на Јун и други високи воени функционери во врска со воведувањето на вонредната состојба.
Главната опозициска Демократска партија се залага за истрага од страна на специјален обвинител, тврдејќи дека не може да им се верува на јавните обвинители да спроведат темелна истрага за Јун, поранешниот главен обвинител.
За време на денешното сослушување во парламентот, Квак Јонг-Кеун, командант на командата за специјални операции чии војници беа испратени во парламентот, сведочеше дека добил директни инструкции од Ким Џонг-хјун да ги попречува пратениците да влезат во главната сала на Националното собрание.
Квак рече дека целта на упатствата на Ким била да се спречи парламентарното гласање за укинување на вонредната состојба.
Опозициските партии и многу експерти сметаат дека уредбата за вонредна состојба е неуставна. Велат дека на претседателот со закон му е дозволено да прогласува вонредна состојба само за време на војна или други слични вонредни состојби во земјата, а Јужна Кореја не била во таква ситуација.