Свет
Ердоган ќе се сретне со Путин
Кремљ објави дека рускиот претседател Владимир Путин в понеделник во Сочи ќе го прими турскиот колега Реџеп Таип Ердоган со кого се очекува да разговара за обновување на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море.
Преговорите ќе се одржат в понеделник во Сочи во средината на денот, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, без да навлегува во детали за темите што ќе се разговараат на состанокот. Тоа ќе биде ретка посета на Русија на лидер на Г20 од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година по посетата на кинескиот претседател Шји Џјинпинг на Москва во март.
Веста дојде откога Украина објави дека дозволила два товарни брода да пловат преку Црното Море преку коридорот што го одреди и покрај ризикот од руска одмазда по истекот на договорот за извоз на жито.
Договорот за жито, од кој Москва се повлече во средината на јули и кој овозможи извоз на украинско жито преку Црното Море од летото 2022 година, ќе биде на дневен ред на состанокот, објави Анкара.
Турција се обидува да го обнови тој договор со надеж дека тоа ќе овозможи пошироки мировни преговори меѓу Украина и Русија.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, при вчерашната посета на Москва рече дека е клучно договорот да се обнови, а неговиот руски колега Сергеј Лавров повтори дека Русија бара гаранции од Западот.
Во меѓувреме, Украина извезува жито по копно и преку речно пристаниште, така што количината жито што може да ја извезе е значително помала. На тоа треба да се додадат и многуте руски напади врз пристанишната инфраструктура на југот на земјата. Освен споменатите два товарни брода, два брода изминатите денови успеаја да се пробијат од украинските пристаништа до турските води, без Русија воено да реагира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Секое одложување на воената помош има негативни последици на фронтот
Секоја навремена и брза испорака на воени пакети во Украина има позитивен ефект на фронтот, а секое одложување води кон негативни последици, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на средба со делегација американски конгресмени.
„Секое доцнење на воените испораки има свои негативни последици на фронтот. Ги информирав американските конгресмени за актуелната состојба и перспективите“, нагласи Зеленски во вечерашното обраќање до нацијата, пренесува Укринформ.
Според Зеленски, клучно е сите, особено земјите како Соединетите Американски Држави, брзо да ги спроведат потпишаните договори.
„Важно е на сите нивоа партнерите да бидат целосно информирани за нашите потреби, за нашите позиции“, нагласи претседателот на Украина.
Тој апелираше до американскиот претседател Џо Бајден и американскиот Конгрес за двопартиска поддршка од почетокот на војната.
„Ви благодариме што донесовте многу важен закон во Конгресот. Се надевам дека сето тоа ќе стигне до Украина што е можно поскоро и ќе ја зајакне нашата армија. И ние сме им благодарни на сите Американци што ја поддржуваат нашата земја“, рече Зеленски.
Тој потсети дека во блиска иднина планира лично да му го претстави планот за победа на Украина на американскиот претседател Џо Бајден и на претседателските кандидати на Републиканската и Демократската партија.
Како што изјави Зеленски, на средбата се разговарало за клучните области на натамошната американска помош во областа на безбедноста и одбраната.
„Приоритет е да се добијат дополнителни системи за противвоздушна одбрана, ракети за нив и дозвола за употреба на оружје со долг дострел за воени цели на територијата на Руската Федерација“, заклучи претседателот на Украина.
Свет
(Видео) Орбан го возеше Шварценегер во теретана, познатиот актер и унгарскиот премиер си разменија и книги
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на Фејсбук објави видео на кое го вози американскиот актер и поранешен гувернер на Калифорнија Арнолд Шварценегер во фитнес центар во Будимпешта, шегувајќи се дека туристите во градот повеќе ја знаат американската ѕвезда од него.
На видеото се гледа како Шварценегер го возат до зградата на унгарската влада, а потоа тој и Орбан пријателски се поздравуваат, разменуваат книги со посвети, а актерот се фотографира на масата во кабинетот на унгарскиот премиер. После тоа одат во теретана, а зад воланот бил самиот Орбан.
„Сега забележаа кој си. Тие не знаат кој сум јас, бидејќи странците те знаат тебе, а не мене. Не знаат кој сум, но тебе те препознаа“, рече Орбан додека автомобилот минуваше покрај туристичкото шеталиште.
Орбан претходно објави фотографија од заеднички тренинг со Шварценегер во фитнес центар во Будимпешта.
„Ја оставив маицата за тренинг дома, но тренерот немаше милост“, напиша Орбан на Фејсбук.
Шварценегер го посети истиот фитнес центар во 2018 година на снимањето на „Терминатор: Темна судбина“ во Будимпешта.
Свет
Шолц: Не и’ даваме моќни ракети на Украина дури и ако тоа го направат другите земји
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испорака на прецизно оружје со долг дострел на Украина во иднина, без оглед на одлуките на партнерите во Алијансата, пренесува „ДПА“.
На денешната средба со граѓаните во Пренцлау во источната германска покраина Бранденбург, Шолц го повтори своето противење на испораката на крстосувачки ракети Таурус, велејќи дека тоа би значело висок ризик од ескалација на украинскиот конфликт.
Крстосувачките ракети Таурус, со дострел од околу 500 километри, на домет би ја имале и Москва.
„Реков не“, потврди Шолц.
„И, се разбира, ова важи и за други оружја, доколку ги испорачавме, кои би можеле да стигнат до оваа голема далечина“, рече канцеларот.
„Така ќе остане дури и ако другите сојузнички земји решат поинаку“, додаде.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе извесно време ги притиска западните сојузници да им снабдат оружје со долг дострел за да можат да ги нападнат руската логистика и аеродромите на воздухопловните сили далеку зад линиите на фронтот, на руска територија.
Оружјето со најдолг дострел што го испорачува Германија е ракетниот фрлач Марс II, кој може да погоди цели оддалечени 84 километри.
Партнерите на НАТО, САД, Велика Британија и Франција испорачаа крстаречки ракети со дострел до 300 километри.
Во моментов, во тек е дискусија за тоа дали да се одобри употребата на ова оружје против цели на руска територија. САД и Велика Британија во моментов се двоумат околу таа одлука, а Русија веќе се закани дека таквата одлука би значела директен конфликт меѓу НАТО и Русија.