Свет
Ерменија и Азербејџан во Брисел договорија мировни преговори за Нагорно-Карабах

Ерменија и Азербејџан се согласија да одржат мировни преговори за решавање на тензиите околу територијата на Нагорно-Карабах, која граничи со двете земји, соопшти кабинетот на ерменскиот премиер Никола Пашинјан. Кабинетот на Пашинјан го објави соопштението по разговорите со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во Брисел.
Двајцата се договорија да формираат билатерална комисија за демаркација на заедничката граница до крајот на април, се вели во соопштението.
„Премиерот на Ерменија и претседателот на Азербејџан им наложија на своите министри за надворешни работи да започнат со подготовки за мировни преговори меѓу двете земји“, се вели во соопштението.
На состанокот во Брисел присуствуваше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Во 2020 година азербејџанските сили ги протераа етничките ерменски сили од областите што ги контролираа од и околу Нагорно-Карабах од 1990-тите пред Русија да посредува за прекин на огнот.
Ерменија минатиот месец рече дека очекува Русија да преземе чекори за да го принуди Азербејџан да ги повлече силите од регионот Нагорно-Карабах. Азербејџан рече дека областа е нејзина суверена територија.
Кабинетот на Пашинјан, исто така, соопшти дека двете страни се согласиле да формираат „билатерална комисија за демаркација меѓу Ерменија и Азербејџан, која исто така ќе биде овластена да ги решава прашањата за зајакнување на безбедноста и стабилноста по должина на границата“. Не се соопштуваат други детали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нови детали за хоророт во Тексас: сите деца биле убиени во една училница

Објавени се нови детали за страшното масовно убиство што се случи вчера во Основното училиште во Тексас. Во нападот на Салвадор Рамос загинаа 19 деца и двајца возрасни, а последните информации укажуваат дека убиецот се забарикадирал во училница и ги убил своите жртви.
Во нападот загинаа двајца учители и 19 деца на возраст до десет години.
Додека Рамос пукал кон своите жртви, полицајците кружеле низ училиштето кршејќи ги стаклата на прозорците во обид да ги евакуираат децата и персоналот. Успеале насилно да влезат во училницата и да го ликвидираат напаѓачот кој пукал и кон нив, објасни портпаролот на отсекот за јавна безбедност во Тексас, Крис Оливарез.
Како што наведе, идентификувани се сите жртви и информирани се нивните семејства. Тој истакна дека во нападот се повредени неколку деца, но не кажа колку и во каква здравствена состојба се.
„Станува збор за мала училница, која може да прими од 25 до 30 ученици. Во училницата имаше двајца учители. Во овој момент немаме информации колку ученици имало внатре. Бројката може да варира“, изјави Оливарез нагласувајќи дека станува збор за организиран престој во кој престојувале групи деца.
Запрашан дали училиштето било крајната цел на напаѓачот, Оливарез рече дека сè уште има многу прашања на кои полицијата нема одговори.
„Се обидуваме да го откриеме тоа. Во случајот е вклучен и ФБИ, а ги анализираме и социјалните мрежи. Она што го знаеме за напаѓачот е дека тој бил жител на Увалде, дека учел во едно од локалните средни училишта, дека живеел со баба му и дедо му, дека е невработен, дека немал пријатели или девојка“, изјави Оливарез.
Тој истакна и дека убиецот нема криминално досие ниту, пак, бил поврзан со криминални групи.
Оливарез рече дека Рамос имал една пушка кога влегол во училиштето, а властите работат на утврдување на видот и капацитетот на пушката.
Додаде дека напаѓачот носел елек, во кој можел да чува дополнителна муниција.
Оливарез изјави дека бабата на напаѓачот, која ја застрелал пред да се упати кон училиштето, сè уште е жива и дека властите се обидуваат да ги лоцираат дедо му и членовите на неговото потесно семејство.
„Она што го знаеме е дека напаѓачот бил вклучен во инцидент со својата баба пред нападот на училиштето. Потоа ја застрелал. Побегнал со возило и бил во близина на училиштето кога полицијата ја добила првата пријава за сообраќајна несреќа и вооружено лице што влегува во училиштето“, изјави портпаролот на полицијата.
Свет
Путин потпиша декрет за државјанство за жителите на Запорожје и Херсон

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за поедноставување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на жителите на регионите Запорожје и Херсон во Украина, кои се под контрола на руските сили.
Документот е објавен на официјалниот интернет-портал за правни информации.
Свет
Словачкиот премиер: Ако Украина падне, ние сме следни

Словачкиот премиер Едуард Хегер испрати силно предупредување за иднината на неговата земја во случај Русија да ја победи Украина. Хегер за време на панелот на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, рече: „Ако Украина падне, Словачка е следната“.
„Украина мора да победи“, рече Хегер на панелот на кој присуствуваа голем број европски политички и деловни лидери.
Словачкиот премиер ги критикува членките на ЕУ дека премногу се потпираат на руската енергија и ги повика европските лидери да престанат да ги компромитираат нивните принципи кога имаат работа со Русија.
„Предолго ги продаваме нашите вредности за евтин гас и нафта. Компромисите со Путин предизвикаа војна во Украина. Зборуваме за агресивна војна во која луѓето масовно гинат. Украинците ја пролеваат својата крв за нашите вредности за ние да не мораме“, рече Хегер пренесе Си-ен-ен.