Европа
ЕУ му додели признание на Навални, наградата ја подигна ќерка му

Дарија Навалнaja, ќерката на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, доби аплауз од пратениците во Европскиот парламент кога денеска во име на татко ѝ ја прими главната награда на ЕУ за човекови права.
Европскиот парламент во октомври го прогласи Навални (45) за добитник на годинешната награда „Сахаров“ за слобода на мислата, потсетува агенцијата АП.
Ќерката на Навални покажа врамена слика од својот татко додека држеше говор пред пратениците на ЕУ наведувајќи дека му пишала на татка си за да го праша каква порака сака да пренесе.
Тој одговори: „Кажете дека никој не смее да се осмели да ја поистоветува Русија со режимот на Путин. Русија е дел од Европа и ние настојуваме да станеме дел од неа“, рече Дарија, родена 2001 година.
„Но, ние исто така сакаме Европа да се посвети на себе. Се стремиме кон Европа на идеи, каде што човековите права, демократијата и интегритетот се на пиедестал. Не сакаме Европа на канцелари и министри што сонуваат да бидат вработени во управните одбори на државните компании под Путин или да пловат со јахтите на олигарсите“, додаде таа.
Претседателот на Европскиот парламент, Италијанецот Давид Сасоли, го нарече Навални политички затвореник и го повтори повикот на ЕП лидерот на руската опозиција веднаш и безусловно да биде ослободен.
Наградата на ЕУ, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров, им се доделува на поединци или групи што ги бранат човековите права и основните слободи на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.