Европа
ЕУ сака да го укине поместувањето на стрелките на часовникот, но процесот заглави

Вечерва стрелките на часовникот повторно се поместуваат.
Завршува летното сметање на времето, а почнува зимското, што значи дека часовникот мора да се врати еден час назад, односно од 3 на 2 часот.
Постојат повеќе аспекти на кои влијае промената на часовникот.
Еден од нив е здравствен, кој, сепак, најмногу до израз доаѓа при преминот од зимско кон летно сметање на времето.
Истражувањата покажуваат дека менувањето на стрелките на часовникот го зголемува ризикот од кардиоваскуларни болести, но и несоница и главоболки. Се споменува и замор и недостаток на концентрација.
Исто така, промената на сметањето на времето се одразува и на одредени економски текови.
Пред три години (2018), Европската комисија предложи да се укине сезонското поместување на стрелките на часовникот, а иако се веруваше дека промената ќе се воведе брзо, тоа не се случи.
Хрватската пратеничка во Европскиот парламент, Билјана Борзан, за порталот „Индекс“ објаснува во која фаза е сега ваквата намера на комисијата.
„Ова прашање е одложено за понатаму. Членките на ЕУ не можат да се договорат за тоа кое време да се воведе како фиксно – летното или зимското, а тоа го блокира целиот процес. Исто така, поради пандемијата, прашањето падна во сенка“, рекла Борзан.
Таа нагласила дека различни земји имаат различни ставови.
„Процесот на договор за постојано летно или зимско сметање на времето трае подолго од очекуваното поради фактот што коронавирусот го турна прашањето во втор план. Исто така, различни земји имаат различни погледи, туристичките земји сакаат да го задржат летното сметање на времето, северните земјите сакаат зимско, Ирска, пак, сака да биде во временска зона со Велика Британија што е надвор од ЕУ и слично“, објаснува таа.
„Значи, земјите мора да го усогласат она што го сакаат нивните граѓани со позицијата на соседните земји од практични причини, а потоа да донесат одлука на ниво на ЕУ. Сите се свесни дека најдобро би било сите да бидеме во иста зона, но таков договор се чини далеку“, вели Борозан.
„Искрено, тешко ми е во овој момент да предвидам кога ќе има некое поместување по однос на ова прашање“, додава таа.
Од Европската комисијата, пак, велат дека најдобро е земјите-членки самостојно да си одлучат дали сакаат да задржат постојано зимско или постојано летно сметање на времето, но нагласуваат дека сега прашањето е целосно во рацете на Советот на Европа, од каде пак велат дека засега не се знае кога повторно ќе се разговара.
„Пред предлогот да стане барање, Советот на Европа и Европскиот парламент мора да се договорат за него. Предлогот последен пат беше дискутиран во декември 2019 година. Бидејќи одлуката за оваа промена е сложена, многу земји-членки сметаат дека треба да се направи проценка на влијанието пред да се формира мислење“, додаваат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Францускиот парламент го поддржа владиниот план за нуклеарна обнова: Клучната точка е изградбата на шест нови реактори

Еден ден откако француската влада тесно го преживеа гласањето за недоверба поради најавената пензиска реформа, францускиот парламент со големо мнозинство го поддржа планот на владата за инвестирање во нуклеарната енергија.
Планот за нуклеарна обнова, чија клучна точка е изградбата на шест нови нуклеарни реактори, беше одобрен вчера во францускиот парламент со 402 гласа за и 130 против, пренесува „Ројтерс“.
„По Сенатот минатиот месец, Долниот дом со големо мнозинство гласаше за планот за нуклеарна обнова, кој е резултат на заедничката работа во борбата против климатските промени и го гарантира нашиот енергетски суверенитет“, рече премиерката Елизабет Борн.
На вчерашното гласање за недоверба на француската влада, 278 пратеници го поддржаа предлогот на опозицијата за изгласување недоверба, а уште девет пратеници, односно 287 од нив, гласаа против соборувањето на владата на Борн.
Европа
Русија распореди ракетни системи на Курилските Острови

Русија денеска објави дека дел од нејзиниот противракетен одбранбен систем Бастион е распореден на Парамушир, еден од Курилските Острови во северниот дел на Тихиот Океан.
Јапонија смета дека некои од овие острови се нивна територија.
Овој потег е дел од поширокото зајакнување на руската одбрана во нејзините огромни региони на Далечниот Исток, рече министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, делумно како одговор на, како што ги нарече, американските напори да ги задржат Русија и Кина.
Шојгу разговараше со највисоките руски воени лидери еден ден откако претседателот Владимир Путин и кинескиот лидер Ши Џјинпинг го зацементираа своето партнерство без задржување на разговорите во Кремљ со договори за подлабока енергетска и воена соработка.
„За да ги држат Русија и Кина, Соединетите Американски Држави значително го зголемуваат своето воено присуство во Азиско-пацифичкиот Регион, ги зајакнуваат политичките и воените врски со сојузниците продолжувајќи да создаваат нова американска безбедносна архитектура во регионот“, рече Шојгу.
Шојгу рече дека системот „Бастион“ ќе ја зајакне руската безбедност околу Курилските Острови.
Јапонија, близок сојузник на САД, тврди дека четирите јужни Курилски Острови биле заземени од советските сили на крајот на Втората светска војна, пренесе „Индекс.хр“.
Европа
Во Србија се повлекуваат вакцините бесеже на „Торлак“, инспекција го контролира Институтот

Вакцината бесеже на „Торлак“, која се користи против туберкулоза и им се дава на бебињата веднаш по раѓањето, се повлекува од пазарот, односно од родилиштето каде што ги примаат бебињата, пренесува „Евроњуз Србија“. Според написите, се повлекува комплетната серија од вакцините бидејќи е утврдено дека нема доволна активност.
„На ‘Торлак’ пред некој ден имаше инспекција, сега е наредено да се повлече серијата што излезе на пазарот бидејќи нема доволно активност, нема ништо штетно во неа, но децата не се доволно заштитени. Вработените упорно се обидуваат да ја направат вакцината бесеже, но овде проблемот не е всушност до луѓето, туку до опремата што е застарена“, изјавил за „Евроњуз Србија“ еден од вработените, кој работи на производство на вакцини на „Торлак“.
Тој објаснува дека со години не се инвестирало во опрема и дека „лиофилизаторот“, кој се користи во производството на вакцините бесеже, е застарен и не работи како што треба.
„Пластично да се објасни, тоа е уред што треба да ја претвори вакцината од течна состојба во желатин. Тој уред не работи добро, достигнува многу повисока температура отколку што треба и потоа вакцината ја губи својата активност“, појаснил изворот додавајќи дека се верува оти причината за овој проблем не е човечки фактор.
Серијата што се повлекува, како што стои во извештаите, беше произведена во декември, а во јануари се појави во породилиштата.