Свет
Жестока закана на Израел: Ако заложниците не бидат ослободени до сабота, портите на пеколот ќе се отворат

Израел се закани дека ќе почне нова војна во Појасот Газа, што ќе овозможи спроведување на планот на Доналд Трамп да ја испразни палестинската територија од нејзините жители доколку Хамас не ги ослободи заложниците до сабота.
Непосредно пред овие изјави на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, палестинското исламистичко движење потврди дека нема да попушти пред американските и израелските закани за обнова на војна.
Египет и Катар во меѓувреме водат разговори за да се обидат да го спасат примирјето, кое е во сила од 19 јануари во првично времетраење од 42 дена, а Хамас испрати делегација во Каиро.
Прекинот на огнот привремено ги прекина борбите по 15 месеци војна, а во замена за палестински затвореници имаше пет размени на заложници држени во Газа.
Но, заканите на Хамас дека нема да ослободи група заложници како што беше планирано на 15 февруари, проследено со заканите од Израел, поддржани од неговиот сојузник САД, за продолжување на војната, го ослабнаа договорот за прекин на огнот, чии подоцнежни фази допрва треба да се преговараат, оценува „Франс прес“.
„Ако Хамас не ги ослободи израелските заложници до сабота, портите на пеколот ќе се отворат, како што вети американскиот претседател“, изјави во средата Израел Кац.
„Новата војна во Газа ќе биде со друг интензитет од онаа што му претходеше на прекинот на огнот, исто така ќе помогне да се конкретизира планот на американскиот претседател Трамп за Газа“, додаде тој.
Пофален во Израел и осуден во светот, проектот објавен од Доналд Трамп планира да ја стави Газа под американска контрола и да ги пресели нејзините 2,4 милиона жители во Египет или Јордан, со цел да се обнови територијата.
Египет и Јордан се противат на таков план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Франциско утре ќе биде отпуштен од болница, но треба да се навикне пак да зборува

Папата Франциско утре ќе биде отпуштен од болница по повеќе од пет недели, велат лекарите, јави ДПА.
Кардиналот Виктор Мануел Фернандез вчера изјави дека папата добро реагира на лекувањето за пневмонија, но треба повторно да се навикне да зборува.
Осумдесет и осумгодишниот поглавар на Римокатоличката црква беше хоспитализиран во болницата „Џемели“ во Рим од 14 февруари, откако му беше дијагностицирана двојна пневмонија.
Регион
Драма во Белград на Сава: Пријавиле дека виделе тело во реката

Полициски патроли и екипи на Итна помош денеска се упатиле кон кејот на Сава откако добиле дојава дека во реката Сава во Белград е забележано безживотно тело.
Нешто по 16:00 часот е добиена дојава дека на водата во близина на познат белградски ресторан е забележано безживотно тело. На лице место е полициска патрола.
Свет
343 лица се приведени на протестите во Турција

Турските власти привеле 343 лица на протестите што се одржаа синоќа во повеќе градови во Турција поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, пренесува ДПА.
Демонстрации се одржаа во десетина градови, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да толерираат „хаос и провокации“.
Десетици илјади Турци учествуваат во главно мирни демонстрации од средата, кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени.