Европа
Жесток ТВ-дуел меѓу Шолц и Мерц, главни теми беа имигрантите, Трамп, војната во Украина…

Германскиот канцелар Олаф Шолц од левичарската Социјалдемократска партија (СПД) и неговиот главен ривал Фридрих Мерц од конзервативниот блок ЦСУ/ЦДУ вчера претставија спротивставени визии за иднината на земјата на првата голема дебата две недели пред парламентарните избори, пишува Дојче веле (ДВ).
Шолц ја повика Германија да одвои најмалку два отсто од својот БДП за одбраната во следните четири години. Тој изјави дека Берлин ќе може да ги зголеми трошоците за одбрана само ако ја отстрани „сопирачката за долгот“.
Мерц инсистираше на бројка од три проценти од БДП, истакнувајќи дека Германија може да посвети повеќе ресурси за одбраната со поголем економски раст.
Тој најави дека „ќе ги постави приоритетите на буџетските ставки“, велејќи дека Германија може да ги „намали субвенциите“ и „да ги разгледа јавните служби и… бројот на луѓе кои работат таму“.
На прашањето на модераторот да ја коментира неговата претходна изјава дека американскиот претседател Доналд Трамп често се однесува непредвидливо на функцијата, Мерц одговори дека американскиот лидер е „предвидливо непредвидлив“.
„За нас, од оваа страна на Атлантикот, важно е да бидеме обединети. Потребна ни е заедничка европска стратегија“, рече Мерц, додавајќи дека Европа е понаселена област од САД, со споредлива економска сила и дека ако се одржи обединет фронт, треба да биде можно да се постигнат пријателски и заемно корисни договори.
Faktencheck: Hat sich Olaf Scholz da getäuscht, stimmt die Behauptung von Friedrich Merz? Die SZ hat sich die Aussagen der Spitzenkandidaten beim TV-Duell noch mal vorgenommen. #SZPlus https://t.co/RQgI70R751
— Süddeutsche Zeitung (@SZ) February 9, 2025
Шолц рече дека ќе постапи со Трамп на ист начин како порано.
„Стратегијата што ја користев претходно, јасни зборови и пријателски разговори“, додаде тој.
Актуелниот канцелар ја истакна желбата на Германија да соработува со САД, но истакна дека „не смееме да се залажуваме“.
„Тоа што го кажува американскиот претседател, го мисли“, рече Шолц, додавајќи дека верува оти е важно да се спротивстават на Трамп.
Тој, исто така, потсети дека е првиот европски лидер кој рекол дека предлогот за преземање на Гренланд „не е исправен“.
И Шолц и Мерц изразија надеж за мировни преговори меѓу Русија и Украина по враќањето на Трамп во Белата куќа. Шолц рече дека „останува да се види“ дали може да се постигне мир во Украина откако Трамп ја презеде функцијата.
„Би било многу добро оваа војна да заврши“, рече тој, повторувајќи дека Германија не треба да поддржува испорака на крстосувачки ракети со долг дострел за Украина.
Шолц рече дека членството на Украина во НАТО „нема да се случи наскоро“ откако САД го одбија предлогот.
На прашањето дали Украина треба да се приклучи на НАТО, Мерц рече дека тоа е невозможно, „бидејќи НАТО не прифаќа членки кои моментално се во војна“.
Во исто време, тој оцени дека доделувањето на Украина статус на кандидат за ЕУ е „правилно нешто што треба да се направи“ и посочи дека пристапувањето во Европската унија ќе и даде на Украина „значително поголема безбедност“. Тој не ја спомна можноста Украина да влезе во НАТО по завршувањето на војната.
Двајцата политичари главно се согласија да го отфрлат предлогот на Трамп САД да ја преземат и обноват Газа, пренесува ДВ. Шолц го опиша планот како „скандалозен“ со оглед на, како што рече, обемот на уништувањето и страдањето таму.
„Ова е спротивно на меѓународното право, тоа е шокантно“, рече тој. Мерц рече дека се согласува, но предупреди дека предлогот е една од неколкуте „иритирачки“ идеи изнесени од американскиот претседател.
„Треба да почекаме и да видиме што сериозно се размислува. Трпението може да се покаже мудро“, изјави Мерц.
Едно од главните прашања за време на дебатата беше миграциската политика. Шолц ја повика Германија да изгради повеќе „центри за депортација“ и потсети дека ја спроведувал таквата политика кога бил градоначалник на Хамбург и дека „се погрижил повеќе луѓе да бидат притворени и да се затворат правните дупки“.
Мерц рече дека аргументите на Шолц дека спровел доволно миграциски реформи се „бајка“. Тој призна дека владата на Шолц „не останала без работа“ во борбата против нерегуларната миграција, но предупреди дека бројот на депортации е сè уште премал во споредба со бројот на луѓе кои илегално влегле во земјата.
Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ во моментов води во анкетите со поддршка од нешто помалку од 30 отсто, а потоа следи крајнодесничарската партија АфД со над 20 отсто и СПД на Шолц на трето место со 16 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина тврди дека руски војници биле убиени во напад во Курск

Киев тврди дека до 30 руски војници биле убиени во воздушен напад врз елемент од воената инфраструктура во руската област Курск.
„Како резултат на нападот целта беше целосно уништена“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб додавајќи дека нападот „ја ослабнал способноста на непријателот да дејствува против украинските одбранбени сили во регионите Суми и Курск“.
Украина почна упад во областа Курск во август минатата година, но во последните недели нејзините сили се повлекуваат поради рускиот притисок.
Русија и САД тврдат дека значителен број украински сили се опколени во областа Курск, што Украина го негира.
Европа
Украинските и американските претставници денеска се среќаваат во Ријад

Делегацијата од Киев денеска останува во Саудиска Арабија на понатамошни разговори со американски претставници.
Украинскиот јавен сервис „Суспилне“, повикувајќи се на украински извори, објави дека средбата ќе се одржи денеска – еден ден откако САД и Русија одржаа состанок во истата земја.
Минатата недела Москва го отфрли американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот, а вчера Доналд Трамп ги наведе темите на дневниот ред на разговорите. „Во моментот зборуваме за територија“, рече Трамп. „Зборуваме за разграничување, за моќ и сопственост на електрани“.
Европа
Русија: Разговорот беше интензивен, но многу корисен, ќе вклучиме и други земји

Разговорите меѓу Русија и САД беа предизвикувачки, но корисни, а Обединетите нации и другите земји ќе бидат вклучени во дополнителни дискусии, изјави за новинската агенција ТАСС член на руската делегација на разговорите. „Се разговараше за сѐ – дијалогот беше интензивен и предизвикувачки, но многу корисен и за нас и за Американците“, изјави рускиот сенатор Григориј Карасин додавајќи дека се разговарало за многу проблеми.
Карасин, поранешен дипломат, рече дека разговорите ќе продолжат и ќе ги вклучат Обединетите нации и други неидентификувани земји. „Ние ќе продолжиме да го правиме тоа, вклучително и меѓународната заедница, првенствено Обединетите нации и одделни земји“, рече тој, без да прецизира за кои земји станува збор.
„Генерално, впечатокот беше за конструктивен дијалог, кој е итно потребен. За тоа се заинтересирани и Американците“, рече Карасин. Руски извор изјави за „Ројтерс“ дека нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување, а страните имаат намера да ја објават во вторник.