Свет
Западот размислува за гаранции за Украина; Кремљ: Ова е опасна грешка
Кремљ денеска соопшти дека безбедносните гаранции што Западот ги разгледува за Украина може да бидат опасна грешка што ќе ја загрози безбедноста на Русија и ќе ја изложи Европа на поголеми ризици во годините што доаѓаат.
Земјите од Г7 се очекува в среда да објават меѓународна рамка, која ќе го отвори патот за долгорочни безбедносни гаранции за Украина, што ќе ѝ овозможи на земјата да ја зајакне својата одбрана од Русија и да одбие каква било идна агресија, изјавија официјални лица.
Москва вели дека зајакнувањето на сопствената безбедност во пресрет на континуираното проширување на НАТО и непријателското вооружување и зајакнување на украинските вооружени сили биле главните причини поради кои Русија почнала т.н. специјална воена операција.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека безбедносните гаранции му понудени на Киев се грешка што Москва ќе мора да ја земе предвид при донесувањето на идните одлуки.
„Ние веруваме дека овој потег е многу погрешен и потенцијално многу опасен“, изјави Песков за новинарите.
„Со нудење какви било безбедносни гаранции за Украина тие земји го игнорираат меѓународниот принцип на неделива безбедност. Доколку ѝ дадат гаранции на Украина, тие ќе ја поткопаат безбедноста на Руската Федерација“, рече тој.
„Беше невозможно Русија да толерира нешто што би ја загрозило нејзината безбедност“, додаде Песков велејќи дека се надева оти политичарите на Запад ќе разберат оти постојат ризици поврзани со давање такви гаранции на Украина.
Ваквиот потег е „полн со многу негативни последици на среден и долг рок, па дури и на краток рок“, рече Песков.
„Со ваквата одлука тие земји ќе ја направат Европа многу поопасна во наредните години. И, секако, ќе ни направат лоша услуга, што ќе ја земеме предвид и ќе ја имаме на ум во иднина“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

