Свет
Првпат во историјата: Австралиец преживеал 100 дена со вештачко срце

40-годишен Австралиец преживеал 100 дена со вештачко срце од титаниум додека чекал трансплантација на срце од донор, со што станал најдолговечната личност со оваа технологија. Тој го добил имплантот за време на операција во Сиднеј минатиот ноември. Во февруари тој стана првиот човек во светот што ја напушти болницата со апаратот, што му овозможи да ја чека достапноста на донорско срце на почетокот на овој месец, пренесува Си-ен-ен.
Според заедничката изјава на болницата „Св. Винсент“, Универзитетот „Монаш“ и компанијата BiVACOR, која го развила уредот, пациентот, кој страдал од тешка срцева слабост, добро закрепнува.
Овој медицински пробив се смета за главен чекор кон правење вештачкото срце да биде долгорочно решение за пациентите со срцева слабост. Иако уредот сѐ уште е во фаза на тестирање и не е достапен за широка употреба, резултатите од досегашните тестови покажуваат голем потенцијал.
BiVACOR Total Artificial Heart (TAH) е иновативен уред со еден подвижен дел – ротор, кој се движи со помош на магнети. Изработен е од титаниум и е дизајниран да нема вентили или механички лежишта, кои би можеле да бидат предмет на абење. Неговите пумпи ја заменуваат функцијата на двете срцеви комори и овозможуваат снабдување со крв во телото и белите дробови.
Според Светската здравствена организација, кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност во светот, одговорни за речиси 18 милиони смртни случаи годишно.
Една од клучните цели на вештачкото срце на BiVACOR е да ги спаси пациентите што чекаат трансплантација. Сегашниот капацитет на донорски срца не е доволен – само во 2024 година во САД биле извршени приближно 3.500 трансплантации на срце, а на листата на чекање биле додадени 4.400 нови пациенти, покажуваат податоците на Министерството за здравство на САД.
„Во следните десет години ќе видиме дека вештачкото срце ќе стане алтернатива за пациентите што не може да чекаат донорско срце или кога едноставно не е достапно“, рече Хејворд, кој го надгледува закрепнувањето на австралискиот пациент и беше вклучен во подготовката на уредот за клинички испитувања.
Вештачкото срце на BiVACOR веќе е тестирано во раните фази на испитувања од страна на американската Администрација за храна и лекови (ФДА). Како дел од ова испитување досега пет пациенти успешно го примиле имплантот. Првиот пациент беше 58-годишен маж со напредна срцева слабост на кого уредот му беше вграден минатиот јули во Медицинскиот центар во Тексас. Вештачкото срце го одржуваше во живот осум дена додека не се најде донор.
Во безбедноста и ефикасноста на апаратот учествувале уште четворица пациенти, а планирано е истражувањето да се прошири на вкупно 15 пациенти.
Имплантација на вештачко срце во Австралија е дел од голем истражувачки проект вреден 50 милиони австралиски долари (приближно 31 милион американски долари), спроведен од Универзитетот „Монаш“ преку програмата за граници на вештачко срце. Целта на програмата е развој и комерцијализација на три иновативни апарати за третман на срцева слабост, пренесува медиумот.
Овој напредок ја отвора вратата за иднината во која вештачките срца би можеле да станат стандардна алтернатива за пациентите што не може да добијат донорска трансплантација на срце.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ММФ: Светската економија значително ќе забави, на САД драстично

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги намали своите прогнози за економски раст за 2025 година, велејќи дека зголемувањето на царините и општата неизвесност ќе доведат до „значително забавување“.
Во својата најнова глобална прогноза, ММФ предвидува дека светската економија ќе порасне за 2,8 проценти оваа година, што е намалување во однос на претходната проценка од 3,3 проценти.
Најголем пад меѓу развиените економии забележаа Соединетите Американски Држави – сега се очекува раст од 1,8 проценти, во споредба со претходната проценка од 2,7 проценти.
Прогнозата за раст за Обединетото Кралство е исто така намалена – од претходните 1,6 проценти на 1,1 процент во 2025 година.
Свет
Италија прогласи петдневна жалост за смртта на папата Францискo

Советот на министрите на италијанската влада денес прогласи петдневна национална жалост за смртта на папата Францискo.
Периодот на жалост почнува денес, потврдија владини извори, пренесува „Анса“.
Советот на министрите денес свика вонредна седница за да разгледа неколку прашања, вклучително и прогласување ден на жалост.
Папата Францискo почина во понеделникот во ватиканската резиденција „Санта Марта“ во 7.35 часот наутро од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Францискo ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, објави „Анса“ повикувајќи се на соопштението од Ватикан.
Телото на папата Францискo моментно е изложено во капелата на резиденцијата „Санта Марта“, каде што тој живееше во текот на 12-те години додека беше на чело на Римокатоличката црква, објави „Ројтерс“.
На плоштадот Свети Петар во Рим, денес, во 19.30 часот, ќе се одржи молитва предводена од деканот на Колеџот на кардиналите, кардиналот Џовани Батиста Ре.
Свет
Гор: „Администрацијата на Трамп е како нацистичка Германија“

Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Ал Гор, ја спореди администрацијата на Доналд Трамп со нацистичка Германија.
Зборувајќи на митингот по повод почетокот на Неделата на климата во Сан Франциско, тој рече дека администрацијата на Трамп се обидува да создаде своја преферирана верзија на реалноста со цел да ги постигне своите сеопфатни цели слични на нацистичката партија на Адолф Хитлер во 30-тите и 40-тите, објавува „Политико“.
„Многу добро разбирам зошто е погрешно да се споредува Третиот Рајх на Адолф Хитлер со кое било друго движење. Тоа беше уникатно зло, точка. Сфаќам. Но, постојат важни лекции од историјата на тоа зло што се појави“, рече Гор, кој беше потпретседател под Бил Клинтон.
Претставниците на Белата куќа не ги коментираа изјавите на Гор.