Свет
Зголемени тензиите меѓу Курдите и Турците во Данска поради турската интервенција во Сирија

Данска, каде што и претходно имаше насилни судири меѓу Турците и Курдите, се подготвува за нови тензии, пренесува „Копенхаген пост“. Според Дениз Серинџи, новинар во данскиот курдски весник „Џијан, работите може повторно лесно да ескалираат.
„Ризикуваме да се појави конфликт меѓу Курдите и Турците во Данска. Кога станува збор за војна, тоа ги дели луѓето и многумина се повредени. Луѓето се плашат, а и јас секогаш сум двојно внимателен кога излегувам да држам говори“, вели Сердал Бенли, заменик-градоначалник на општината Гладсаксе.
Според Дана Рашид од курдската заедница, која е преведувач во градот Хорсенс, постои голем ризик од граѓански немири и напади во ресторани.
„Постојат и турски и курдски банди што не се плашат да користат насилство“, истакна таа.
Според Бенли, дискурсот на социјалните мрежи никогаш не бил полош од сега, а работите дополнително ескалираа по почетокот на турската операција во Сирија, особено во рамките на затворените форуми.
Во една група на „Фејсбук“, данските Курди споделуваат видеоснимки од турски демонстрант кој бил нападнат и малтретиран. Во друга данските Турци ги поздравуваат видеата со мртви курдски војници и од воената операција во Сирија. Бенли истакна дека тој самиот видел многу случаи кога Курдите и Турците престанале да се дружат на „Фејсбук“ поради разни мислења поврзани со конфликтот.
Како и многу европски земји, и на Данска не ѝ се непознати турско-курдските контроверзии. Минатата година турската амбасада во Копенхаген беше нападната од четворица Курди кои фрлаа „молотови коктели“, а еден месец подоцна прокурдски протест беше нападнат од Турците.
Данските Курди и Турци се познати по тоа што долго време ги бојкотираа рестораните на другата заедница. Честопати членовите на спротивставените заедници не комуницираат и покрај тоа што се соседи.
Турската дијаспора во Данска брои речиси 70.000 луѓе и е една од најголемите во скандинавската земја. Бројот на Курди е дискутабилен бидејќи новодојденците се регистрираат според својата земја на потекло – Сирија, Ирак, Иран и Турција имаат курдски региони. Според некои процени, половина од данските Турци се всушност Курди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешка се заканува дека ќе протера 60 Руси, Москва има рок до пладне

Чешка може да протера околу 60 члена на руската амбасада во Прага, ако Русија до пладне не се реши да ја повлече одлуката за протерување на чешките дипломати кои се прогласени за персона нон грата, изјави денеска чешкиот министер за надворешни работи, Јакуб Кулханек за „Лидовe новине“.
Станува збор за околу 60 луѓе.
„Целта е овој број на руски персонал да одговара со капацитетите на персоналот што сега се наоѓа во нашата амбасада во Москва“, рече чешкиот министер, а пренесе агенцијата ТАСС.
Прага тврди дека Русија е вмешана во експлозија во складиштето за муниција во чешкото село Врбетице во 2014 година, поради што чешките власти протераа 18 руски дипломати, тврдејќи дека тие се дел од воената разузнавачка служба.
Владата во Москва реагираше веднаш и прилично остро. Министерството за надворешни работи ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и од своја страна протера дваесет чешки дипломати од Русија, односно речиси целиот персонал во амбасадата на Чешка.
Свет
Вакцинирани лица во старски дом во Америка масовно се заразиле со нов вид на вирусот

Случаи на Ковид-19 „експлодирале“ во март во пензионерски дом во САД каде што голем дел од корисниците биле вакцинирани, откако невакциниран член на персоналот внел нова варијанта, покажува студија на американскиот Центар за контрола на болести, објавена во средата.
Вирусот се проширил во таа институција во Кентаки, при што се заразиле 44 лица, односно 24 згрижени и 20 негуватели.
Од заразените корисници, 18 биле вакцинирани со две дози на вакцината од „Фајзер“, а четворица негуватели исто така примиле по две дози, според студијата на главната американската здравствена агенција.
Ова покажува дека постојат ограничувања кога станува збор за вакцинацијата како единствена стратегија за борба против Ковид-19, особено против неговите нови варијанти, пишува агенцијата „Франс прес“.
Иако е клучна, вакцинацијата мора да биде придружена со континуирана внимателност за спречување и контрола на инфекцијата, потенцираат авторите на студијата, повторувајќи ја важноста на миењето на рацете, следењето на случаите, изолацијата на заразените и нивните контакти.
Меѓутоа, тие нагласуваат дека кај вакцинираните инфицирани лица, само една третина имале симптоми, наспроти 83 проценти кај невакцинираните.
Само еден од 18 вакцинирани резиденти на домот починал, додека меѓу заразените невакцинирани, кои биле вкупно 6, имало два смртни случаја.
„Со цел да се заштитат корисниците на старските домови, клучно е негувателите, како и згрижените, да бидат вакцинирани“, заклучуваат авторите на студијата.
Свет
Бајден би можел да го признае масакрот врз Ерменците во Османлиската Империја како геноцид

Американскиот претседател Џо Бајден може официјално да го признае масакрот врз Ерменците во Османлиската Империја како геноцид, што веројатно ќе влијае на влошување на веќе напнатите односи на формалните сојузници во рамките на НАТО, Турција и САД, објави „Ројтерс“.
Потегот би бил во голема мерка симболичен, но тоа би значело прекинување на децениската практика на внимателно користење термини што доаѓаат од Белата куќа, за да не се навреди Турција.
Анкара и Вашингтон во последните години беа на релација на влошување на односите, анализира светската агенција.
Бајден најверојатно ќе го употреби зборот „геноцид“ како дел од изјавата на 24 април, што го одбележува денот на сеќавање на жртвите на ерменскиот геноцид, изјавија информирани извори за „Ројтерс“.
„Колку што разбрав, тој донесе одлука да го употреби зборот ‘геноцид’ во својата изјава во саботата“, рече изворот.
Сепак, предупредуваат дека, поради важноста на билатералните односи со Турција, Бајден може да се предомисли во последен момент. Портпаролката на Белата куќа вчера им изјави на новинарите дека Белата куќа веројатно ќе „каже повеќе“ за ова прашање в сабота, но одби да појасни што.
Пред една година Бајден учествуваше како претседателски кандидат во комеморацијата на 1,5 милиони убиени Ерменци во Отоманската Империја, а потоа рече дека ќе ги поддржи напорите за признавање на геноцидот. „Денес се сеќаваме на злосторствата со кои се соочи ерменскиот народ во Мец Јехерн, се сеќаваме на геноцидот врз Ерменците. „Ако бидам избран, се обврзувам да поддржам резолуција со која се признава геноцидот врз Ерменците и дека универзалните човекови права ќе бидат врвен приоритет“, рече тој тогаш на Твитер.
Турција признава дека многу Ерменци биле убиени во Османлиската Империја за време на Првата светска војна, но тврди дека има многу помалку жртви и дека властите систематски не убивале Ерменци.
Секој потег на Бајден што би признал геноцид дополнително би ги нарушил веќе лошите односи меѓу сојузниците на НАТО, предупреди во вторникот турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион6 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?