Свет
За Зеленски доаѓањето на Трамп претставува надеж, Путин отворен за дијалог

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на САД претставува надеж за решавање на многу проблеми, вклучително и глобални, пренесува Anadolu.
Со полагањето заклетва во Капитол, Трамп денеска и официјално стана 47-ми претседател на САД, а Зеленски на социјалните мрежи објави честитка и специјална порака.
„Денес е ден на промени и ден на надеж за решенија за многу проблеми, вклучувајќи ги и глобалните. Претседателот Трамп е секогаш одлучувачки, а неговата декларирана политика на мир преку моќ дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне траен и праведен мир, а тоа е најважно“, рече Зеленски.
Тој му посака успех на Трамп на функцијата.
„Очекуваме активна и заемно корисна соработка. Заедно сме посилни и можеме да обезбедиме поголема безбедност, стабилност и економски раст и на светот и на нашите земји“, рече Зеленски.
Во изјавите за време на изборната кампања, како и по неговата изборна победа, Трамп рече дека ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
И Путин му честиташе на Трамп
Кремљ денеска објави и порака од рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека Русија е отворена за дијалог со администрацијата на Трамп за Украина.
Во соопштението се наведува дека Путин денеска одржал состанок со членовите на рускиот Совет за безбедност, на кој разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток и Украина, како и за односите меѓу Русија и САД.
„Отворени сме за дијалог со новата американска администрација за украинското прашање. Најважниот елемент овде е решавање на основните причини за кризата. Краткорочен прекин на огнот или пауза за повторно вооружување на воените сили за продолжување на конфликтот не доаѓа предвид, долгорочниот мир да се постигне врз основа на почитување на легитимните интереси“, рече Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Германскиот министер за одбрана: Ќе беше подобро САД да не направеа отстапки пред почетокот на преговорите

По разговорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, изјава за медиумите даде и германскиот министер за одбрана Борис Писториус. Тој рече дека ако Путин е навистина сериозен за мировните преговори – иако се сомнева во тоа – треба да го покаже тоа со запирање на нападите врз Украина. Тој нагласи дека Европа мора да биде вклучена во какви било преговори, особено ако Трамп очекува европските сојузници да играат мировна улога во идните договори, како што предложи американскиот министер за одбрана Хегсет.
Писториус додаде дека ќе беше подобро САД да не направеа отстапки за Русија уште пред да започнат преговорите, мислејќи на прашањето за членството на Украина во НАТО и можните територијални загуби. Тој, исто така, предупреди дека брзото постигнување мировен договор нема нужно да ги отстрани сите грижи за сè поагресивната политика на Русија во регионот и нагласи дека Европејците нема да можат да си дозволат „да седат и да се релаксираат“.
Писториус повика на внимателен пристап во реакциите на најавата за мировни преговори, нагласувајќи дека Путин продолжува да ја провоцира Европа и останува закана. На прашањето кој треба да ја претставува Европа во евентуалните преговори, Писториус ја спомена можноста за учество на Германија, но додаде дека тоа е прашање за кое одлучуваат други – но тој инсистираше на тоа дека Европа мора да го има својот глас на преговарачката маса.
Европа
Руте: НАТО не смее да дозволи Путин во иднина да окупира ниту најмал дел од украинската територија

На дневен ред на НАТО денеска е прашањето за воената индустрија и како да се зголеми производството на оружје, изјави генералниот секретар Марк Руте.
„Ние не произведуваме доволно и тоа е проблем со кој се соочуваме сите – од САД, преку Турција и Европската унија, до Норвешка и Обединетото Кралство. Имаме силни воени индустрии, но тие не произведуваат во доволни количини“, рече тој.
Руте нагласи дека Русија во моментов произведува значително повеќе од НАТО сојузниците и додаде: „Тоа едноставно не е одржливо, треба да го зголемиме производството на воена опрема“.
Тој посочи дека меѓу членките на алијансата постои „јасно единство“ во желбата што поскоро да се заврши војната во Украина и Украина да биде „на најсилната можна позиција“ за преговори.
„НАТО не смее да дозволи Путин во иднина да окупира ниту најмал дел од украинската територија“, рече Руте.
Свет
Американскиот министер за одбрана: Не ја предадовме Украина

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека обидите на САД да преговараат за мир меѓу Украина и Русија „секако не се предавство“ на украинските војници.
Хегсет нагласува дека САД дале „неверојатна посветеност“ на НАТО, додавајќи дека ниту една земја нема поголема посветеност на украинската мисија од САД.
Тој додава дека САД инвестирале повеќе од 300 милијарди долари во стабилизирање на линијата на фронтот по руската агресија, велејќи дека светот е среќен што го има претседателот Трамп и дека во овој момент само тој може да ги собере силите за да се донесе мир.
Хегсет вчера изјави дека би било нереално да се мисли дека Украина би можела да ги врати своите граници пред 2014 година, со што ќе се намалат шансите на Киев да се приклучи на НАТО.