Свет
Зеленски: Подготвени сме за контраофанзива

Украина е подготвена да ја започне долгоочекувана контраофанзива за враќање на територијата што е под руска окупација, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју објавено денеска. „Цврсто веруваме дека ќе успееме“, изјави Зеленски за Волстрит џурнал.
“Не знам колку време ќе потрае. Да бидам искрен, може да оди на различни начини, сосема поинакви. Но, ние ќе го направиме тоа и сме подготвени”, рече Зеленски.
Киев се надева дека контраофанзивата за враќање на територијата ќе ја промени динамиката на војната што беснее откако Русија го нападна својот помал сосед пред 15 месеци. Зеленски минатиот месец рече дека Украина мора да почека да пристигнат уште западни оклопни возила пред да започне контраофанзива.
Тој направи дипломатски напори да ја задржи поддршката од Западот, барајќи поголема воена помош и оружје, кои се од суштинско значење за Украина да успее во нејзините планови. Русија држи делови од украинската територија на исток, југ и југоисток.
Долгиот период на суво време во некои делови на Украина ги поттикна очекувањата дека може да биде неизбежна контраофанзива. Во текот на изминатите неколку недели, Украина ги засили своите напади врз руските складишта за муниција и логистичките рути.
Во саботата, украинската војска во дневен извештај објави дека Марјинка во источниот регион Доњецк била во фокусот на борбите. Украинските сили ги одбија сите 14 напади на руските сили таму, се вели во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косовска влада: Војската на Србија тргна од три правци кон Косово

Владата на Косово вечерва соопшти дека внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на вооружените сили на Србија во правец на линијата кон Косово.
Во соопштението се додава дека движењата на српската војска биле извршени од три различни правци.
„Единиците на Втората бригада на српските вооружени сили се движеа од правец на Рашка кон северната граница на нашата земја, единиците на Третата бригада на вооружените сили на Србија се движеа од подрачјето на Ниш кон североисточната граница на нашата земја, а единиците на четвртата бригада се движеа од подрачјето на Врање кон источната граница на Република Косово“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Како што додаваат, воените единици на српските вооружени сили вчера ги распоредиле своите воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази, кои се наоѓаат долж линијата со Косово, на неколку километри длабоко во територијата на Србија.
Ова распоредување, како што се вели, вклучува и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.
„Многу пати изразивме загриженост за постоењето на овие 48 напредни бази на српската војска и жандармерија и го потенциравме веќе докажаниот факт дека овие бази служат како поддршка за можна воена агресија врз Косово. Владата на Косово е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија, а реакцијата на САД на ваквиот агресивен пристап на Србија беше итна и директна“, посочуваат од косовската влада.
Тие го повикуваат претседателот Вучиќ и институциите на Србија веднаш да ги повлечат сите воени трупи од граничната линија со Косово и да затворат и демилитаризираат 28 напредни воени бази и 20 бази на жандармеријата кои претставуваат постојана закана.
Во соопштението се нагласува и дека институциите на Косово, во координација со меѓународните партнери, се „порешителни од кога било да го заштитат територијалниот интегритет, да го зачуваат суверенитетот, уставниот поредок, јавниот ред и животот на граѓаните“.
Регион
Вучиќ: Војската нема да влезе во Косово, ќе ги повлечеме силите од тој простор

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема намера да и нареди на армијата да ги премине административните премини со Косово и Метохија, додавајќи дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје бидејќи, како што наведе, ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога станува збор за желбата на Србија да стане членка на Европската унија.
„Зошто ова би било од корист за Белград? Која би била идејата? Да ја уништиме нашата позиција што ја градевме една година? Да ја уништиме за еден ден? Србија не сака војна“, рече Вучиќ во изјава за „Фајненшл тајмс“.
Тој додаде дека предупредувањата на Вашингтон се непропорционални бидејќи бројот на српските сили на теренот се намалува.
Регион
ЕУ повика на повлекување на српските трупи од косовската граница

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека Европската унија е многу загрижена поради, како што рече, акумулацијата на српската војска на административната линија.
„Со партнерите и сојузниците разговараме за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација. За ова прашање сме во близок и редовен контакт со САД“, изјави Борел пред новинарите во Одеса.
Тој оцени дека минатонеделното заплена на оружје и опрема во Бањска е многу сериозна работа.
„Истовремено, акумулацијата на српската војска на административната линија е многу загрижувачка и неопходно е итно да престане. На европскиот континент нема место каде да се акумулира оружје и безбедносни сили. „Силите треба веднаш да се повлечат“, рече Борел.