Свет
Израелскиот министер ја посети џамијата „Ал-Акса“, вели дека се молел за победа во Газа

Mинистерoт за безбедност на Израел дојде во комплексот на џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим за да ја изврши, како што рече, молитвата за заложниците во Газа, уште еднаш доведувајќи ги во прашање правилата за една од најчувствителните локации на Блискиот Исток.
Официјалниот став на Израел е дека тој ги прифаќа децениските правила, кои ја ограничуваат немуслиманската молитва на местото, третото најсвето место во исламот, кое Евреите го нарекуваат Планина на храмот и го почитуваат затоа што таму се наоѓал храм од библиско време.
Според деценискиот договор со муслиманските власти, „Ал-Акса“ е управувана од верска фондација од Јордан и, според децениските правила, Евреите може да ја посетат, но не смее да се молат таму.
עליתי הבוקר למקום מקדשנו, לתפילה לשלום חיילנו, להחזרת כל החטופים במהרה ולניצחון המוחלט בעזרת השם. pic.twitter.com/uSBQCk64aZ
— איתמר בן גביר (@itamarbengvir) December 26, 2024
„Денеска, се искачив на нашето свето место во молитва за благосостојба на нашите војници, за брзо враќање на сите заложници и за целосна победа со божја помош“, напиша министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир на социјалните мрежи.
Објавата содржи и фотографија на која се гледа како Бен-Гвир оди во област на врвот на ридот во Стариот град во Ерусалим, но немаше фотографии или видеа од него како се моли.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху веднаш објави соопштение, во кое го повтори официјалниот став на израелската држава.
Палестинската милитантна група Хамас киднапира околу 250 луѓе во својот напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе. Во војната во Газа што следуваше израелските сили убиле над 45.300 Палестинци, според здравствените власти во енклавата управувана од Хамас.
Предлозите на израелските ултранационалисти дека Тел Авив може да ги промени правилата на теренот на џамијата во минатото предизвикуваа насилни судири со Палестинците.
Во август Бен-Гвир го повтори своето барање на Евреите да им биде дозволено да се молат таму, што доведе до остри критики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ се огласи за можниот датум за средбата Путин-Трамп

Разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се одржат пред крајот на февруари или подоцна, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Западните медиуми пишуваат многу, нашите пишуваат многу… Можеби, можеби не“, рече Песков, одговарајќи на прашањето дали преговорите меѓу Путин и Трамп би можеле да се одржат пред крајот на февруари.
Руско-американските преговори на високо ниво завршија во вторникот во Ријад. Русија ја претставуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и шефот на РФИФ Кирил Дмитриев, додека САД беа претставени од помошникот на претседателот за национална безбедност Мајк Волц, државниот секретар Марко Рубио и претседателскиот пратеник за Блискиот Исток Стивен Виткоф.
Како што изјави Ушаков, разговорите се фокусирале на договарање како да почнат преговорите за Украина.
По разговорите руската и американската делегација најавија позитивни резултати, договор за заедничко решавање на проблемите и подготовки за нови средби.
Европа
(Видео) Се отвори џиновска дупка среде улица во Британија, жителите евакуирани, стравуваат од експлозија

Жителите на Сари, Велика Британија, ги напуштаат своите домови откако се отворила дупка на главната улица. Властите го прекинаа водоснабдувањето на селото Годстон откако 20-метарска дупка проголта градина.
Жителите на Сари се евакуирани поради страв од експлозија, додека дупката продолжува да се шири. Дупката се појави во понеделникот вечерта и до вторник попладне порасна на најмалку 20 метри, предизвикувајќи прекин на водоснабдувањето и уривање на градина.
Советот на округот Сари прогласи вонредна состојба и на локалните жители им беше препорачано да ја избегнуваат областа додека се вршат поправки. Полицијата евакуираше неколку згради и постави безбедносен кордон во радиус од сто метри, пишува Гардијан.
На жителите на улицата Вилијам Веј во Годстоун им беше кажано да ги напуштат своите домови што е можно поскоро рано наутро во вторникот поради стравувањата дека изложените кабли може да предизвикаат експлозија. Жителите ги опишаа сцените од евакуацијата како застрашувачки.
„Не знам што ќе се случи следно, никој не може да ми даде никакви информации. Тие рекоа дека може да помине до една недела пред да се вратиме. Мислам дека не знаат каква е состојбата на гасните и електричните инсталации, така што постои ризик од експлозија, пожар, колапс“, изјави жител за Би-би-си.
„Преплашени сме. Сега треба да размислиме каде да живееме. Училиштето започнува следната недела и мора да најдеме нешто во близина“, велат други.
Полицијата потврди дека неколку згради се евакуирани како мерка на претпазливост и дека работата на патот најверојатно ќе потрае.
Регион
Млад маж и девојка загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска, имаа 19 и 18 години

Две лица на возраст од 19 и 18 години загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи нешто по полноќ во општина Драганиќ, недалеку од Карловац, известија од полициската управа во Карловац.
Несреќата се случила 25 минути по полноќ кога патничко возило со карловачки регистерски таблички поради пребрзо возење излетало од патот и влегло во канал.
Загинале 19-годишниот возач и 18-годишната сопатничка во возилото, информираат од СВР Карловац.
Истрагата утврдила дека возилото слетало во земјен канал за атмосферска вода, а потоа се превртело на покривот и удрило во задниот дел на бетонски мост. Утврдено е и дека починатите не носеле појаси.
„За сообраќајната незгода ќе биде проследена пријава до надлежното државно правобранителство“, додаваат од полициската управа Карловац.