Свет
Иран: Подготвени сме за индиректни разговори со САД за нуклеарното оружје

Иран вчера соопшти дека е отворен за индиректни преговори со Соединетите Американски Држави откога претседателот Доналд Трамп побара преговори за нов нуклеарен договор. „Патот е отворен за индиректни преговори“, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, отфрлајќи ја можноста за директни разговори „додека не дојде до промена во пристапот на другата страна кон Исламската Република“, пишува „Економик тајмс“.
Највисокиот ирански дипломат рече дека Техеран нема да се вклучи во директни разговори со Вашингтон под закана и сѐ додека Трамп ја одржува својата политика за максимален притисок.
Според оваа политика во неговиот прв мандат како претседател, Трамп во 2018 година ги повлече САД од клучниот договор за иранската нуклеарна програма и повторно воведе осакатувачки санкции кон Техеран. Договорот, потпишан во 2015 година меѓу Техеран и западните сили, бара од Иран да ги ограничи своите нуклеарни амбиции во замена за укинување на санкциите.
Западните земји, вклучително и САД, долго време го обвинуваат Иран за нуклеарно оружје, што Техеран го негира инсистирајќи дека неговите активности за збогатување се чисто за мирољубиви цели. Претходно овој месец, на 7 март, Трамп рече дека напишал писмо до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, повикувајќи на разговори за нуклеарните амбиции и предупредувајќи за можна воена акција доколку Техеран одбие.
Писмото беше доставено до Техеран на 12 март преку советникот на претседателот на ОАЕ, Анвар Гаргаш, објави тогаш иранската новинска агенција „Фарс“.
Во петокот Хамнеи рече дека американските закани нема да ги одведат никаде предупредувајќи на реципрочни мерки ако направат нешто злонамерно против Иран. Арагчи во четвртокот рече дека писмото на Трамп е повеќе закана, но додаде дека тоа исто така може да отвори некои можности и дека Техеран набргу ќе одговори.
Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, во интервју објавено во петокот рече дека целта на Трамп е да избегне воен конфликт преку градење доверба со Иран. Тој инсистира на тоа дека писмото не било наменето како закана.
Техеран и Вашингтон ги прекинаа дипломатските односи откога Иранската исламска револуција во 1979 година го собори шахот поддржан од Западот. Оттогаш швајцарската амбасада во Техеран ја олесни комуникацијата меѓу двете нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шведски новинар се соочува со 12 години затвор поради навреда на Ердоган

Шведскиот новинар Јоаким Медин може да биде осуден на 12 години затвор во Турција под обвинение за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган и наводна поврзаност со терористичка организација, објави шведскиот весник „Дагенс ЕТЦ“, за кој работи Медин.
Медин беше уапсен минатиот месец по пристигнувањето во Турција, каде што требаше да известува за протестите што избувнаа по приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, водечки опозициски политичар и ривал на Ердоган, објави бриселскиот Политико.
Обвинителството го товари за навреда на претседателот, што предвидува максимална казна затвор од три години во Турција, како и за членство во Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смета за терористичка организација, што е казниво со затвор до девет години.
„Тој само си ја вршеше работата. Јоаким не е криминалец, а камоли терорист“, изјави главниот уредник на весникот Андреас Густавсон.
Тој посочи дека обвинувањата се политички мотивирани и дека е обид да се прикаже новинарската работа како тероризам.
Шефицата на шведската дипломатија Марија Малмер Стенергард рече дека разговарала за случајот со нејзиниот турски колега и побарала на Медин да му се дозволи да се врати во Шведска.
Односите меѓу Шведска и Турција веќе беа затегнати, особено во контекст на турското противење на шведското членство во НАТО, делумно поради шведската политика кон курдските групи.
Медин и претходно бил уапсен поради известување – во 2015 година поминал една недела во притвор во Сирија, по што со посредство на курдски функционери бил ослободен.
Судењето на Медина е закажано за 30 април.
Свет
(Видео) Израелски министер пристигна на „Јејл“, демонстрантите фрлаат шишиња по него

Антиизраелски демонстранти фрлаа предмети кон израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, за време на неговата посета на Универзитетот „Јејл“ во САД извикувајќи слогани додека тој накратко ја напушташе зградата во која се наоѓаше, а потоа се врати внатре, покажуваат снимките.
Според „Тајмс оф Израел“, од канцеларијата на Бен Гвир изјавиле дека предметите биле шишиња со вода и дека нема повредени.
Според истиот извор, екстремно десничарскиот министер покажал знак за победа (V) кон демонстрантите, а на видеото се гледа како еден од неговите помошници вее израелско знаме пред Бен Гвир и неговиот тим повторно да влезат во зградата за време на неговата посета на САД.
BREAKING: Pro-Hamas protesters attempted to attack the Minister of National Security, Itamar Ben Gvir at Yale University pic.twitter.com/dw1Zo3Ya84
— The Uri (@uricohenisrael) April 24, 2025
Бен Гвир го посети Универзитетот „Јејл“ за да одржи говор на покана на Друштвото „Шабтаи“, ексклузивна еврејска интелектуална организација основана од студенти и факултети од „Јејл“.
Посетата е дел од неговата прва официјална турнеја на САД откога стана секретар за национална безбедност. Според организаторите, темата на неговите говори била „Безбедноста на Израел по 7 октомври“, а настанот бил затворен за јавноста и одржан надвор од официјалниот кампус на „Јејл“.
Свет
Луѓето чекаат во ред со часови за да го видат телото на папата Франциско

Речиси 20.000 луѓе во првите неколку часа поминаа покрај отворениот дрвен ковчег во кој лежеше папата Франциско, соопшти Ватикан. Многу повеќе се очекуваат во деновите пред погребот в сабота.
Италија подготвува голема безбедносна операција за погребот, а светските лидери, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, се очекува да им се придружат на стотиците илјади ужалени.
Франциско почина во понеделникот по 12 години поглавар на 1,4 милијарда католици во светот за време на кои се прослави како папа на маргинализираните.
Ужалените чекаа во ред до четири часа во средата за да се простат од него. Тој е облечен во папска облека, со бројници меѓу прстите.
Секој може да биде до ковчегот и до неколку секунди, а многумина набрзина го овековечија моментот на своите паметни телефони.
Аргентинецот Федерико Руеда (46) изјави дека и покрај налетот на моментот, нема да ја пропушти можноста.
„Вреди да пропуштите други работи за да се збогувате со многу достоен папа“, рече тој додека гордо стоеше облечен во дресот на актуелниот светски шампион, аргентинската фудбалска репрезентација.
Мексиканецот Леобардо Гевара (24), обвиен со знамето на неговата земја, рече дека има чувство на мир додека поминувал покрај телото на првиот папа од американскиот континент.
Франциско, енергичен реформатор, кој ги презеде уздите на Црквата во 2013 година, почина во понеделникот на 88-годишна возраст по мозочен удар.
Тој почина во својата резиденција во Куќата на света Марта во Ватикан помалку од еден месец откога беше пуштен по пет недели во болница поради пневмонија.
Ковчегот на Франциско најпрво беше изложен на ватиканските службеници и свештенството во капелата Света Марта, пред да биде преместен во базиликата Свети Петар во средата во поворка во која беа кардинали, свештенство и швајцарска гарда.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони беше меѓу оние што му оддадоа почит во средата, а на погребот ќе присуствуваат десетици светски лидери и високи личности.
Меѓу нив се и аргентинскиот претседател Хавиер Мајли и британскиот принц Вилијам. Русија, која со векови има ладни односи со Ватикан, најави дека ќе го испрати својот министер за култура.
Надлежните очекуваат до 170 странски делегации, па го зголемија обезбедувањето на погребот.
По погребот, ковчегот на Франциско ќе биде однесен во неговата омилена црква, римската папска базилика „Света Марија Велика“.
Во тестаментот тој побарал да биде погребан во земја, а неговиот едноставен гроб да биде означен само со еден збор: Франциско.
По тоа, сите очи ќе бидат насочени кон процесот на избор на наследникот.
Кардиналите од целиот свет се враќаат во Рим на конклавата, која ќе почне не помалку од 15 и не повеќе од 20 дена по смртта на папата.
Право на глас имаат само оние помлади од 80 години, во моментот речиси 135 кардинали.
Кардиналите се согласија традиционалните девет дена жалост за папата, таканаречените novemdiales, да почнат в сабота и да завршат на 4 мај.
За четврток наутро е закажан уште еден состанок на сите кардинали, без разлика на возраста.
Сепак, Ватикан ги намали надежите за објавување датум за конклавата инсистирајќи дека фокусот е на погребот.