Свет
На Иран му се закануваат нови санкции
Советот за безбедност на ОН денес во Њујорк би можел да преземе уште еден чекор кон повторно воведување санкции врз Техеран поради неговата нуклеарна програма.
Советот треба да гласа за нацрт-резолуцијата во 10 часот (16 часот по средноевропско време).
Доколку резолуцијата за трајно укинување на санкциите не биде усвоена – или затоа што не ги обезбедила потребните девет гласови во 15-члениот совет или биде ставено вето – санкциите на ОН воведени од 2006 до 2010 година автоматски ќе бидат вратени на крајот од следната недела.
Дипломатите очекуваат нацртот да биде отфрлен како што е планирано. Германија, Велика Британија и Франција го активираа механизмот „snapback“ кон крајот на август, наведувајќи значителни ирански прекршувања на нуклеарниот договор од 2015 година, вклучително и збогатување на ураниум над цивилните нивоа.
Дури и ако резолуцијата биде отфрлена, трите држави-иницијатори ќе имаат рок до крајот на следната недела да преговараат за отстапки со Иран што би можеле да ги избегнат санкциите. Но, дипломатите во моментов го сметаат таквиот исход за малку веројатен.
Почнувајќи од вторник, околу 150 светски лидери ќе се соберат во Њујорк за Генералното собрание на ОН.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

