Европа
Каспаров: Путин, Кина и исламистите имаат план, слободниот свет го нема
Војната во Украина е само еден елемент од глобалната војна на „слободниот свет против диктатурите“, предупреди Гари Каспаров, познатиот руски шахист и активист против Кремљ. Каспаров зборуваше на Бледскиот стратешки форум што вчера и денеска се одржа во словенечката туристичка дестинација.
За руската агресија врз Украина, познатиот шахист рече дека линиите на конфликтот во таа војна биле „јасни од самиот почеток“: диктатура и тиранија од една страна и либерално демократско уредување од друга.
„Војната во Украина е најважна, но таа е само еден од многуте елементи на оваа глобална војна против слободниот свет“, рече Каспаров.
Русите кои денес гинат на првите линии на конфликтот се борат за „политичкиот живот“ на рускиот претседател Владимир Путин и „опстанокот на корумпираната, морално банкротирана мафијашка структура која денес ја претставува руската влада“, рече тој.
Рускиот режим денес достигна точка каде што војната е единствениот начин да се остане на власт, смета Каспаров. Тој нагласи дека „демократскиот свет“ денес има огромна воена и економска предност, но „нема политичка волја да ја искористи“.
„Путин има план, Кина има план, исламистичките радикали имаат план, а слободниот свет нема“, додаде тој.
Влијанието на рускиот претседател денес може да се види низ светот, од Николас Мадуро во Венецуела до Северна Кореја, рече тој.
Каспаров смета дека денес Русија е изложена на ризик „да стане кинески сателит“, а Кина е „единствената земја која има територијални претензии кон Русија“, а тоа е околу 1,5 милиони квадратни километри „од Владивосток до Бајкалското Езеро“.
Познатиот шахист изјави дека „Кина со големо задоволство ја следи оваа војна бидејќи ја ослабува и Русија и слободниот свет“, а таа е надвор од фокусот. Каспаров се уште не ја гледа стратегијата на демократскиот дел од светот за победа на Украина.
Таа победа мора да вклучува целосно враќање на освоената територија, вклучително и Крим, воени репарации и гонење на воените злосторства, рече тој.
„Мораме да го убиеме империјалниот вирус во Русија. Тоа можеме да го постигнеме само со враќање на украинското знаме во Севастопол“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров го објави условот под кој Русија ќе се согласи на прекин на огнот во Украина
Соединетите Држави ќе се соочат со „опасни последици“ доколку продолжат да ја зголемуваат воената помош за Украина, наместо да го поддржат предложеното руско решение со кое Москва ќе преземе делови од територијата, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во ексклузивно интервју за американски „Њузвик“.
Повеќе од две и пол години откако Владимир Путин нареди „специјална воена операција“ против Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Кремљ нуди остварлив план за запирање на крвопролевањето и обнова на европската безбедносна архитектура. Тој го обвини НАТО предводен од САД дека прво го посеал семето на војната пред една деценија и дека продолжил да го разгорува огнот.
„Русија е отворена за политичко-дипломатско решение кое треба да ги отстрани основните причини за кризата“, рече тој. „Треба да се стремиме да го прекинеме конфликтот, а не да постигнеме прекин на огнот“, рече Лавров.
Рускиот план предвидува Украина да ги отстапи покраините Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, кои во поголемиот дел, но не во целост, се под руска контрола, а кои Москва формално ги анектираше по меѓународно оспоруваниот референдум во септември 2022 година, како и Крим, кој Русија го зазеде и го анектираше со слично гласањњ во 2014 година.
Киев, исто така, ќе мора да се откаже од членството во НАТО алијансата, според руските водачи. Лавров вели дека основата за прекин на огнот би можеле да бидат преговорите во Истанбул во 2022 година, кои вклучуваа откажување од членството во НАТО и признавање на независноста на руските делови од автономните региони Доњецк и Луганск, но сега вели дека новите преговори треба да ја земат предвид „состојбата на терен“.
Украина и западните сојузници наместо тоа бараат безусловно повлекување на Русија, додека Москва рече дека ескалацијата на конфликтот го приближува НАТО до директен конфликт со Русија, која има најголеми резерви на нуклеарно оружје во светот и е една од двете нуклеарни суперсили, заедно со САД.
„Во моментов, колку што можеме да видиме, враќањето на мирот не е дел од планот на нашиот противник. Зеленски не го отповикал указот за забрана на преговорите со Москва“, рече Лавров.
„Вашингтон и неговите сојузници во НАТО обезбедуваат политичка, воена и финансиска поддршка на Киев за да продолжи војната. Тие дебатираат за овластување на украинската војска да користи западни ракети со долг дострел за да напаѓа длабоко во руската територија. Играње со оган во овој начин може да доведе до опасни последици“, предупредува Лавров.
Европа
Масовен хакерски напад врз руски државни медиуми; Украинците: Ние го изведовме
Извор од украинската влада соопшти дека украинските хакери се одговорни за големиот сајбер напад врз руската државна медиумска компанија ВГТРК што се случи денеска, што се совпадна со 72-от роденден на рускиот претседател Владимир Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно потврди дека ВГТРК била цел на сајбер напад без преседан, додавајќи дека експертите работат напорно за да откријат кој е одговорен и дека ВГТРК работи на надминување на последиците од нападот.
ВГТРК, која ги поседува и управува со главните национални ТВ канали и голем број регионални канали и радио станици, претходно во понеделникот објави дека нејзините интернет-сервиси станале цел на сајбер напад преку ноќ, но дека и покрај тоа, емитувањето на радиото и ТВ преносите функционирале.
„Нашиот државен медиумски холдинг, еден од најголемите, се соочи со невиден хакерски напад врз неговата дигитална инфраструктура. Експертите се обидуваат да ги утврдат сите околности со цел да разберат каде водат трагите што ги оставиле сторителите на овој хакерски напад“, рече тој.
Европа
Поради планирање на терористички напад обвиненија добија трoјца тинејџери во Германија
Суд во германската провинција Северна Рајна-Вестфалија поднесе обвиненија против тројца тинејџери за планирање на терористички напад, пренесува ДПА.
Осомничените, на возраст од 15 и 16 години, беа уапсени во април за време на велигденските празници. Тие планирале напад во согласност со целите на терористичката група „Исламска држава“.
Обвинителството тврди дека тинејџерите ги разменувале плановите преку апликацијата „Телеграм“ и разговарале за напади во цркви и полициски станици.