Свет
Кинеската влада: Забрана за работа на докторите кои создадоа генетски модифицирани бебиња

Кинеската влада донесе забрана за работа на медицинскиот тим кој тврдеше дека помогнал во создавањето на првите бебиња со генетски изменет код.
Заменик-министерот за наука и технологија, Су Нанинг, рече за државната телевизија ЦЦТВ дека неговото министерство остро се спротивставува на експериментот на измена на генетските кодови кај бебињата родени на почетокот од овој месец, пренесе „АП“.
Су оцени дека она што медицинскиот тим го работел е неприфатливо и незаконско и нагласи дека ќе покрене истрага за случајот.
Кинескиот научник Хе Џианкуи објави дека за првпат во историјата успеал да создаде генетски модифицирани бебиња, што предизвика бура од критики и вчудовиденост во редовите на експертите, но исто така и во јавноста.
Професорот Хе и неговите колеги направија промени во гените на ембрионите од седум двојки кои учествуваа во вештачко оплодување. Сите мажи биле ХИВ-позитивни, а нивните жени не биле. Кинескиот тим ги смени гените со модерната технологија позната како CRISPR-Cas9 на таков начин што нивните деца не можат да се инфицираат со ХИВ.
На почетокот на ноември беа родени две девојчиња, од кои само еднoто е целосно отпорно на ХИВ, бидејќи ѝ се отстранети два клучни гена. Другата близначка има само еден отстранет ген, што значи дека сè уште може да се зарази. Девојчињата се родени навидум здрави и засега нема индикации дека со технологијата им се оштетени некои други гени. Идентитетот на родителите и децата засега се чува во тајност, а Хе тврди дека таткото сакал да спречи неговите деца да добијат ХИВ поради дискриминацијата со која самиот се соочува.
Западните експерти главно го осудуваат проектот на Хе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Газа загина бугарски државјанин, вработен во Обединетите Нации

Бугарски државјанин, вработен во Обединетите нации, е убиен денеска во Појасот Газа, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на првични информации.
Министерството извести дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе добијат известување за исходот од истрагата за околностите на инцидентот спроведена од надлежните органи.
Шефот на бугарската дипломатија телефонски разговарал со својот израелски колега Гидеон Сар, кој им изразил сочувство на роднините на загинатиот Бугарин, објаснувајќи дека според досегашните податоци на израелските одбранбени сили, трагичниот инцидент во Газа не е поврзан со нивните акции на копно, воздух или вода.
Обединетите нации повикаа на истрага за нападот на две локации на ОН во Газа, за кој ОН соопштија дека уби еден од персоналот, а рани пет други.
„Генералниот секретар најостро ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. Тој нагласува дека сите конфликти мора да се водат на начин кој гарантира почитување и заштита на цивилите“, изјави заменик портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак на прес-конференција.
Свет
Трамп му предложи на Зеленски САД да ја преземат контролата над електраните

Американскиот претседател, Доналд Трамп, му предложи на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, САД да ја преземат контролата врз украинските електрани за да се осигура нивната безбедност, пренесува „АП“.
Трамп му рекол на Зеленски дека САД „може да бидат многу корисни во управувањето со овие постројки со својата експертиза за електрична енергија и комунални услуги“, се вели во изјавата на државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Трамп додал и дека „американската сопственост на овие електрани може да биде најдобра заштита за таа инфраструктура“.
Свет
Трамп и Зеленски разговараа: Ние сме на вистинскиот пат

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека разговарал по телефон со украинскиот лидер Володимир Зеленски околу еден час.
„Само што имав многу добар телефонски повик со украинскиот претседател Зеленски. Траеше околу еден час“, напиша Трамп на својата платформа „Трут Соушал“.
Тој истакна дека голем дел од дискусијата се базирала на вчерашниот телефонски разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин „за да можат и Русија и Украина да се усогласат со нивните барања и потреби“.
„Ние сме на вистинскиот пат и ќе побарам од државниот секретар Марко Рубио и од советникот за национална безбедност Мајкл Валц да дадат точен опис на точките за кои се разговараше“, рече американскиот лидер, додавајќи дека наскоро ќе биде објавено официјално соопштение.
Трамп и Путин во вторникот, за време на телефонскиот разговор, се согласија Русија привремено ќе ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети. Путин рече дека вооружувањето и мобилизацијата на Украина мора да бидат прекинати во контекст на американската идеја за привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, соопшти Кремљ.
Зеленски претходно денеска најави дека ќе разговара со Трамп и рече дека очекува да слушне повеќе за плановите на американскиот претседател за спроведување на прекинот на огнот.