Свет
Колку вакцинацијата ќе влијае врз патувањата на граѓаните

Колку вакцинацијата ќе влијае на тоа дали ќе можеме да патуваме на одредени дестинации е еден од најголемите сомнежи на граѓаните, бидејќи веќе има најави дека без потврда за имунизација или „пасош за корона“, ќе биде тешко да се преминуваат границите.
Лидерите на Европската унија наредната недела ќе ги разгледуваат барањата за воведување на таканаречен „европски сертификат за вакцинација“. Ова следува откако Европската комисија доби писмо од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, во кое, меѓу другите барања, се предлага олеснување за патување во рамките на Европската Унија.
Во писмото упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, грчкиот премиер Мицотакис бара приоритет да биде враќањето на слободата на движење низ цела Европска Унија. Тој посочува и на важноста од итно усогласување на позициите на земјите-членки за сертификатот за вакцинација, што според него, ќе помогне во повторно заживување на туризмот, но и за зголемен интерес за примање на вакцините.
Многу од граѓаните стануваат свесни дека наскоро ќе биде тешко да ја напуштат земјата без вакцинација и за тоа немаат голема дилема. На граѓаните на Србија, но и на другите земји, повеќе им пречат одредени најави дека постои можноста да не можат да патуваат во САД и земјите на ЕУ доколку примат руска или кинеска вакцина, бидејќи тие не се регистрирани во тие земји.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, реагираше на тие најави, отфрлајќи ги тврдењата дека патувањата во поединечни земји на ЕУ ќе биде според која вакцина ја имаат примено граѓаните. Вучиќ праша дали тоа значи дека половина од светот нема да може да патува никаде бидејќи ја примиле руската вакцина.
На прашањето да ја искоментира реакцијата на ЕУ дека Унгарците нема да можат да патуваат во ЕУ бидејќи ја користат руската вакцина, Вучиќ кажа дека не го чул тоа, но дека го слушнал тоа. Тој рече дека слушнал како унгарскиот премиер Виктор Орбан бил „нападнат“ поради користење на руската вакцина и кршење на европските правила. Вучиќ останува на ставот дека не е можно да се спроведе правило за патување во ЕУ според потеклото на примената вакцина, бидејќи тоа значи дека ниту еден граѓанин од Русија, Кина, Пакистан, Емирати, Бахреин, Турција и други земји нема да можат да влезат во ЕУ.
„Сметате дека тоа е реално, никогаш не сум чул таква лудост“, рече претседателот на Србија.
Слични ставови имаат и докторите. Епидемиологот, професор д-р Радмило Петровиќ за српска „Политика“ вели дека е противник на таков вид дискриминација, бидејќи кога вакцините се набавувале од Запад, немало проблем за тоа од каде потекнуваат.
„За една година ќе знаеме која вакцина е поуспешна и која има помалку ефект. И во овој момент, кога животот на луѓето е во прашање, невидена глупост е некого да условувате со одредени вакцини за патување“, вели докторот Петровиќ.
Поединци од ЕУ, вели професор д-р Тања Јовановиќ, вирусолог и член на Кризниот штаб за сузбивање на Ковид 19 во Србија, изјавуваат дека ќе ги препознаат само оние вакцини што ги регистрираат европските агенции. Но таа потенцира дека тоа се заснова само на индивидуални изјави.
„Не сум слушнала официјален став дека Европската Унија донела таква одлука. Во овој момент никој не може да одговори на тоа прашање. Сега е најважно да се имунизираме со каква било достапна вакцина и тоа треба да биде приоритет“, вели д-р Јовановиќ.
Професор д-р Радан Стојановиќ, клинички фармаколог од Медицинскиот факултет во Белград, исто така смета дека е рано да се зборува за тоа која вакцина ќе биде услов за патувања.
„Претпоставувам дека сите вакцинирани луѓе ќе бидат група која ќе може да патува без проблеми. Ако се гледа кој чија вакцина примил, тоа ќе ги закомпликува работите“, вели Стојановиќ.
Александар Сеничиќ, директор на Националното здружение на туристички агенции на Србија, напоменува дека рускиот и кинескиот туристички пазар се меѓу најважните во светот, а дека само Кинезите праќаат по повеќе од 100.000 туристи во Европа.
„Мислам дека нема да дојде до тоа во светот да не се признаваат руската и кинеската вакцина. Веројатно се чека тие вакцини да се одобрат во институциите на Европската Унија. Доколку овие вакцини не се признаат, тоа би бил лош економски потег, бидејќи ќе се изгубат многу повеќе пари отколку што ќе се добијат. Руските туристи се главни во Европа, како во летната, така и во зимската сезона. Притоа, во последната година се бележи растечки тренд на кинески туристи во земјите од ЕУ и САД, од 15 до 20 отсто“, вели Сеничиќ.
Тој посочува дека идејата за издавање на „ковид пасоши“ први ја дале авиокомпаниите, а дека СЗО се оградила од тие најави, со образложение дека можеби тоа не е добар модел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) 50 загинати во пожар во трговски центар во Ирак

50 лица загинаа во голем пожар во хипермаркет во градот Ал-Кут во источен Ирак, објави државната новинска агенција ИНА, повикувајќи се на гувернерот на покраината.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат пламен како ја зафаќа петкатна зграда во Ал-Кут преку ноќ, додека пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот.
🚨 🇮🇶 | Dozens of casualties reported in fire at hypermarket in al-Kut, Iraq pic.twitter.com/V73Gf8BmY9
— MENA Observer (@MidEastOb) July 17, 2025
Ројтерс не можеше независно да ги потврди видеата.
Причината за пожарот сè уште не е позната, но гувернерот најави дека првичните резултати од истрагата ќе бидат објавени во рок од 48 часа, објави ИНА.
„Покренавме тужби против сопствениците на зградата и трговскиот центар“, го цитираше ИНА гувернерот.
Европа
Украина изврши напади во Русија преку ноќ: дронови насочени кон Москва и Санкт Петербург

Руските власти и државните медиуми објавија напади од украински беспилотни летала во текот на ноќта низ целата земја, вклучувајќи ја Москва и западните региони на Русија.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската воздушна одбрана соборила три беспилотни летала што се приближувале кон главниот град помеѓу 2 и 3 часот наутро по локално време. Тој додаде дека службите за итни случаи се на местото на настанот, но не даде информации за жртви или штети.
Во Санкт Петербург, аеродромот Пулково привремено го запре сообраќајот во 5 часот наутро, објави Росавијација. Иако причината не беше наведена, се верува дека станува збор за закана од беспилотни летала, бидејќи руските аеродроми често ги приземјуваат летовите поради украинските напади. Според извештаите, најмалку 10 летови биле одложени.
Државната новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле соборени источно од Санкт Петербург со употреба на системи за електронско војување.
Во регионот Смоленск, јужно од Санкт Петербург, гувернерот Василиј Анохин изјави дека се соборени 14 дронови, а едно лице е повредено.
Поблиску до линијата на фронтот, гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, тврди дека украински дрон убил едно лице и ранил шест други во градот Белгород. Друго лице наводно е повредено во остатокот од регионот.
Во Воронеж, руските канали на Телеграм објавија дека дрон удрил во станбена зграда, при што се повредени три деца. Гувернерот Александар Гусев изјави дека во регионот се соборени најмалку пет дрона.
Во регионот Калуга, гувернерот Владислав Шапша објави дека 14-годишно девојче е повредено откако три дрона биле соборени над регионот.
Руското Министерство за одбрана објави дека вкупно 122 украински дронови биле соборени над неколку делови од земјата.
Украинската војска сè уште не ги коментираше наводните напади. Порталот „Киев Индепендент“ забележува дека не може да ги потврди тврдењата на руските претставници или медиуми.
Регион
(Видео) Зебра избега од Зоолошката градина во Белград, повредени три лица

Од трите лица повредени вчера кога зебра избега од ограден простор во Зоолошката градина во Белград, две се однесени во Военомедицинската академија, но се пуштени на домашно лекување бидејќи повредите биле полесни, соопшти утрово Ургентниот центар на ВМА.
Зебрата удрила во маж и го прегазила, по што му биле констатирани полесни повреди, додека другата жена била донесена во ВМА без физички повреди, но во состојба на шок, изјавија за РТС.
Од Зоолошката градина во Белград вчера, зебра избегала од ограден простор и повредила вкупно три лица, од кои едно било дете, кое било пренесено во Детска клиника.