Свет
Комбинацијата на различни видови вакцини го зголемува имунитетот, тврди германска студија

Комбинацијата на различни видови вакцини за коронавирус значително го зголемува создавањето на имунитетот, објави германски универзитет.
„По истражувањето спроведено на 250 лица кои ја примија ‘Астра зенека’ како прва вакцина и ‘Бонтек/Фајзер’ како втора, беше забележано зајакнување на создавањето на имунитет, за разлика од оние кои ги примија двете дози на ‘Астра зенека’“, се вели во соопштението на Универзитетот во Саарбрикен.
Авторите на студијата, кои, според нивните сопствени изјави, биле изненадени од недвосмислениот резултат, препорачуваат вакцинација со различни видови вакцини.
Според научниците од Универзитетот, сегашната студија треба да се продлабочи, со цел да се добијат нови знаења за ефективноста по пол или возраст.
Откако Германската федерална комисија за вакцинација препорача на почетокот на април лицата под 60 години да не бидат вакцинирани повеќе со „Астра зенека“, се појави проблем кај луѓето кои веќе ја примиле како прва вакцина. На крајот им беше препорачано да се вакцинираат со „Фајзер“ или со „Модерна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Помошта од САД за Киев директен пат кон зголемена тензија и ескалација

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека нема планови за разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џозеф Бајден.
„Засега нема планови за разговори меѓу Путин и Бајден. Нашата главна цел е да ја продолжиме специјалната воена операција, односно да ги исполниме нашите задачи поставени од шефот на државата“, изјави Песков за новинарите.
Тој го коментираше и новиот пакет помош од САД за Киев, кој го окарактеризира како директен пат кон зголемена тензија и ескалација, но додаде дека тоа нема да го промени текот на настаните.
„Да, тоа е директен пат кон зголемување на тензијата, зголемување на степенот на ескалација, го гледаме тоа, бара дополнителни напори од нас. Сепак, уште еднаш, тоа нема да го промени текот на настаните, специјалната воена операција ќе продолжи“, нагласи Песков.
Претходно агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека САД подготвуваат пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари, а за првпат може да вклучи и ракети со двојно поголем дострел од досегашните испорачани.
Европа
Прво интервју на новиот чешки претседател: Украина треба да влезе во НАТО

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел денеска изјави дека на Украина треба да ѝ се дозволи влез во НАТО „штом војната ќе заврши“.
Павел, пензиониран генерал на НАТО, изјави за Би-би-си дека Украина ќе биде „морално и практично подготвена“ да ѝ се приклучи на алијансата кога ќе заврши конфликтот.
Во своето прво интервју како претседател за странски медиуми, Павел цврсто ја бранеше западната воена поддршка за Киев велејќи дека не треба да има „речиси никакви ограничувања“ за пратките.
Тој додаде дека за него испраќањето западни борбени авиони „Ф-16“ не е табу, но дека не е сигурен оти тие би можеле да бидат испорачани во време што би му одговарало на Киев.
Американскиот претседател Џозеф Бајден ја отфрли можноста за испраќање „Ф-16“ оваа недела иако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ништо не е исклучено.
„Се гордеам што мојата земја беше една од првите што обезбеди значителна воена помош за Украина“, изјави Павел за Би-би-си.
Тој го поздрави испраќањето тенкови од Западот во Украина, но додаде дека верува оти „сè уште не е доволно“ да се спротивстави на Русија.
Европа
Русија осуди новинар поради лажни вести за армијата и војната

Истакнат руски новинар Александар Невзоров е осуден во отсуство на осум години затвор кога судот во Москва го прогласи за виновен за ширење лажни вести за руската војска.
Инспекторите отворија случај против Невзоров минатата година поради објави на социјалните мрежи, во кои тој ги обвини руските вооружени сили за намерно гранатирање породилиште во украинскиот град Мариупол за што Москва рече дека е лажна вест.
Судот во соопштение за медиумите наведе дека тој ќе ја издржи казната доколку некогаш се врати во Русија, а четири години му е забрането да управува со интернет-содржини.
Невзоров, кој води канал на „Јутјуб“ со речиси 2 милиона претплатници, истрагата против него ја нарече смешна и минатиот март ја напушти земјата со сопругата.
Украина му даде државјанство во јуни откога тој јавно ја осуди руската инвазија нарекувајќи ја војната злосторство, а Украина нејзина жртва.
Осум дена по инвазијата на Украина во февруари минатата година, Русија донесе закон со кој се определуваат затворски казни до 15 години за осудените за намерно ширење лажни вести за руската војска.