Европа
Кремљ: Варшава може да биде извор на закана за Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за време на денешниот брифинг со новинарите изјави дека „непријателската реторика доаѓа од Полска“ и дека „Варшава може да биде извор на закана за Русија“.
Песков ова го изјави по повикот на Полска до Европската Унија да ги заостри санкциите кон Русија и НАТО дополнително да ја вооружи Украина.
Претходно оваа недела, полската министерка за животна средина и клима, Ана Москва, рече дека „Полска се гордее што е на листата на непријателски земји на Путин“.
Песков рече и дека не знае дали на 9 мај во Мариупол ќе се одржи парада во спомен на победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна.
„Ќе дојде време да се одбележи денот на победата во Мариупол“, рече тој, а пренесе српскиот портал „Курир“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шредер поднесе оставка од Роснефт

Руската нафтена компанија Роснефт соопшти дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер рекол дека повеќе не може да биде дел од нејзиниот одбор.
Истото го направи и бизнисменот Матијас Варниг.
Овој потег уследи откако Европскиот парламент побара Шредер да биде на списокот со санкции доколку не поднесе оставка од Роснефт, објавија Гардијан, Фајненшл пост и Фајнанс Јаху.
Во соопштението на компанијата се вели дека жалат за одлуката на Шредер и Варниг и им се заблагодаруваат за „континуираната поддршка“.
Европа
(Видео) Командант на Азов: Добивме наредба да престанеме да го браниме Мариупол

Командантот на украинскиот полк од Азов, Денис Прокопенко, се обрати до јавноста и рече дека во Азов добиле наредба да престанат да го бранат Мариупол и да ги спасат животите на борците, пренесуваат агенциите.
Според него, сите цивили од Азовстал биле евакуирани, а на тешко ранетите војници им била укажана медицинска помош.
Изјавил дека тие мора да бидат однесени во област под украинска контрола.
Во тек е отстранувањето на телата на загинатите бранители на Мариупол, додал Прокопенко.
Европа
Шојгу: Русија ќе формира 12 нови воени бази на западот од земјата како одговор на проширувањето на НАТО

Русија ќе формира 12 нови воени бази на западот од земјата како одговор на зајакнувањето на НАТО и очекуваното проширување на алијансата во Финска и Шведска, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„До крајот на годината, 12 воени бази и единици ќе бидат распоредени во Западниот воен округ“, изјави Шојгу на претставниците на одбраната и армијата.
Тој предупреди на „зголемување на воените закани на границите на Русија“, обвинувајќи ги НАТО и САД, пренесоа руските агенции.