Европа
Кремљ првпат потврди дека планира да окупира големи украински градови

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва планира да избегне цивилни жртви и да се воздржи од напади на големи населби, вклучително и Киев.
Но, во изјавата емитувана на државната телевизија „Русија 24“, Песков рече дека урбаната војна неизбежно ќе доведе до голем број цивилни жртви.
Тој додаде: „Министерството за одбрана, иако обезбедува максимална безбедност на цивилното население, не ја исклучува можноста да стави под своја целосна контрола големи центри на население, со исклучок на зоните што се користат за хуманитарна евакуација“.
Oва, всушност, е прво официјално признание од Кремљ дека планира да ги окупира големите градови во Украина.
Портпаролот на Путин, Песков, исто така рече дека претставниците на САД и ЕУ ја туркаат Русија кон напади на големите украински градови со цел да ја префрлат одговорноста за смртта на цивили на Русија, пишува Би-би-си.
„Сметаме дека таквата позиција е провокаторска“, рече тој.
Песков исто така го нарече трагедија нападот на украинските вооружени сили врз сепаратистичката област Донецк, признаена како независна република од страна на Русија. Песков тврди дека се работи за напад врз цивили.
Тој исто така рече дека „се чини оти шефовите на Украина, кои се преку океанот, издаваат наредби за украинската армија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Лукашенко пристигна во Сочи на разговори со Путин

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, пристигна во Сочи на разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, соопшти денеска градоначалникот, Алексеј Копајгородски.
Путин и Лукашенко ќе се сретнат утре, пренесува „Известија“.
Кремљ претходно соопшти дека за време на разговорите на 23 мај, претседателите на Русија и Белорусија ќе разговараат за развојот на односите меѓу двете земји, со акцент на интеграциската соработка во рамки на Сојузот Русија и Белорусија, како и за меѓународни прашања.
Европа
Зеленски: Полјаците во Украина ќе ги имаат истите права како украинските бегалци во Полска

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска истакна дека Украина и Полска се договориле да им дадат дополнителни права на своите граѓани.
„Полските граѓани во Украина ќе ги добијат истите права кои во моментот ги имаат украинските бегалци во Полска“, изјави Зеленски за време на посетата на Киев на неговиот полски колега, Анджеј Дуда.
Дуда рече дека нема да се смири додека Украина не стане членка на Европската унија, дека земјата мора да се обнови, како што кажа, со средства на агресорот и дека само Украина има право да одлучува за својата иднина.
Европа
Француски министер: За влез на Украина во ЕУ ќе бидат потребни 15 или 20 години

За влез на Украина во Европската унија ќе бидат потребни најверојатно 15 или 20 години, рече францускиот министер за европски прашања, препорачувајќи Киев во меѓувреме да се приклучи на Европската политичка заедница, како што предложи претседателот Макрон.
„Треба да се биде искрен. Ако кажеме дека Украина ќе влезе во ЕУ за шест месеци, година или две, тоа е лага. Тоа не е вистина. Поверојатен е период од 15 или 20 години, а тоа е многу долг период“, рече Клеман Бон за Радио Ј.
„Не сакам на Украинците да им се продаваат илузии и лаги. Ако на Украинците им се каже ‘Добредојдовте во ЕУ, но не сте ги прочитале ситните букви на крајот на договорот, тоа е всушност за 15 години’, мислам дека ќе разочараме цела генерација Украинци. Во меѓувреме, на Украинците им должиме политички проект во кој можат да влезат“, рече Бон.
Европската политичка заедница, предложена од претседателот Макрон, е комплементарна на ЕУ и може да понуди политички и конкретен проект за земјите кои не се во срцето на Европската унија, а сакаат да се доближат до неа, рече тој.
„Но, тоа не значи дека вратата е затворена, напротив, таа е отворена“, додаде Бон, укажувајќи на придобивките како што се слободното движење во Европа и делумните придобивки од европскиот фонд за реконструкција или можеби заедничка енергетска политика.
Прашањето за проширување на Унијата со Украина, Грузија и Молдавија создава контроверзи и несогласувања во ЕУ.
Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба во четвртокот го осуди второкласниот третман што доаѓа од, како што рече, некои престолнини, кога станува збор за кандидатурата на Украина за влез во ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во четвртокот дека не е склон кон тоа на Украина да ѝ се одобри приклучување кон Европската унија по скратен пат, бидејќи процесот на пристапување не е прашање на месеци или години.