Свет
Кремљ: Плановите на ЕУ за формирање суд за воени злосторства се нелегитимни

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги осуди повиците на Европската Унија за формирање суд за воени злосторства поради руските дејства во Украина.
Тој нагласи дека такво тело нема да има легитимитет и е неприфатливо за Москва.
„Што се однесува до обидот за формирање некаков суд, тој нема да има никаков легитимитет и нема да го прифатиме, ќе го осудиме“, изјави Песков за новинарите, а пренесува „Интерфакс“.
Во одговор на прашањето како Кремљ би реагирал на ваквите дејства, Песков рече дека руските истражители работат на откривање на злосторствата на „киевскиот режим“.
„Многу е важно на сето ова да се додадат податоците за злосторствата извршени од режимот од 2014 година и за кои, за жал, не видовме критика од Западот“, додаде портпаролот на Кремљ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, вчера изјави дека Европската Унија ќе се обиде да формира специјализиран суд со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражи и гони наводните воени злосторства извршени од Русија во Украина.
Како што рече таа, ЕУ продолжува да му дава поддршка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), со што предлага формирање специјализиран суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражува и гони „злосторствата на руската агресија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Песков: Ситуацијата е безнадежна, води до вистинска ескалација

Оружјето што западните земји и го доставуваат на Украина доведува до ескалација на конфликтот, ситуацијата е во ќорсокак, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Песков изјави дека текот на настаните не може значително да се промени и дека специјалната операција продолжува.
„Украина бара се повеќе и повеќе ново оружје, а Западот ги охрабрува овие барања, се колне дека е подготвен да обезбеди оружје. Оваа ситуација е прилично безнадежна, бидејќи, уште еднаш ќе кажам, води до вистинска ескалација и води кон НАТО членовите и тие се подлабоко и подлабоко во овој конфликт“, рече Песков пред новинарите.
Портпаролот се осврна и на односите меѓу Москва и Париз, велејќи дека таму нема ништо за пофалба, исто како во односите меѓу Русија и членките на Европската унија, но доколку е потребно, дијалогот со францускиот лидер Емануел Макрон ќе продолжи.
Песков, дополнително, нагласи дека сега е тешко да се зборува за перспективите на дијалогот со НАТО, бидејќи, како што рече, Алијансата одамна ги прекина сите конструктивни односи со Русија.
Според него, постојат одредени кругови во сите европски земји кои се загрижени за степенот на нивната вклученост во украинскиот конфликт.
Европа
Грчки воен авион се урна во Јонското Море, се трага по пилотите

Грчки спасувачи трагаат по двајцата пилоти на борбениот авион „Ф-4“ кој се урна во Јонското Море кај западна Грција, јави државната телевизија.
Авионот, кој бил на тренинг лет, се урнал на 25 наутички милји (46 километри) јужно од аеродромот Андравида на полуостровот Пелопонез.
Медиумите објавија дека двајца пилоти се катапултирале од леталото, но властите не можеа да ја потврдат оваа информација.
Европа
Кина со порака до Вашингтон: Уште една посета може скапо да ве чини

Кина одговори на извештаите за планот на претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, да го посети Тајван оваа пролет, пренесуваат медиумите во светот.
Според написите, Кина го повикува Вашингтон да се придржува до принципот „една Кина“ и да се воздржи од правење се што може да влијае на билатералните односи.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на прес-конференција рече дека Пекинг „се противи на каква било официјална интеракција со Тајван од која било земја што има дипломатски врски со Кина“, пренесува „Кјодо“.
Според извештаите на американските медиуми, Министерството за одбрана на САД се подготвува за посетата на Мекарти на Тајван.
Мао ги предупреди САД да не го нарушуваат мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец.
Минатиот август, Ненси Пелоси, која го наследи Мекарти на функцијата, го посети Тајван, што предизвика жестока реакција од Пекинг. Тоа беше прва посета на Тајван на третиот највисок американски функционер во последните 25 години.
Кина одговори со спроведување големи воени вежби во близина на Тајван и прекинување на дијалогот со САД во повеќе области, според „Кјодо“.