Регион
Криптокралица од Балканот меѓу најбараните бегалци во САД: украла повеќе од 4 милијарди долари

Бугарката Руја Игнатова, позната и како криптокралица, се најде на листата на ФБИ со десет најбарани бегалци. Американските истражители ја обвинија дека измамила луѓе за повеќе од четири милијарди долари преку нејзината криптовалута onecoin.
Таа исчезна во 2017 година кога американските власти потпишаа налог за нејзино апсење.
Игнатова го водеше проектот OneCoin и на почетокот на 2014 година на клиентите им понуди провизија доколку ја продадат криптовалутата на поголем број луѓе. Но, ФБИ тврди дека onecoin бил безвреден и никогаш не бил заштитен со блокчејн-технологијата што ја користат другите криптовалути.
ФБИ ја стави Игнатова на листата на најбарани бегалци, а се бара и помош од јавноста за да ја фатат. Вчера понудија награда од 100.000 долари за каква било информација за тоа каде се наоѓа криптокралицата, како што ја нарекуваат.
Би-би-си соопшти дека една од причините зошто Игнатова е толку тешко да се најде е тоа што исчезнала со најмалку 500 милиони долари, што ѝ помогнало да се скрие од законот.
„Веруваме дека има висококвалитетни лажни лични документи и дека го променила изгледот. А можеби и не е веќе жива“, изјави новинарот Џејми Барлет, кој со години го истражува целиот случај.
Игнатова последен пат била видена како се качува на лет од Бугарија за Грција во 2017 година и оттогаш ѝ се губи секаква трага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Кориера дела сера“: Меѓу загинатите во трагичната несреќа кај Венеција е лице од Хрватска

Како што пренесува италијанскиот „Кориере дела сера“, меѓу загинатите во автобуската несреќа кај Венеција е и едно лице од Хрватска.
Во автобусот имало двајца Хрвати. Наводно, се работи за млад брачен пар од Сплит или неговата околина.
Според сè уште непотврдени информации, почината е млада жена, а млад човек е опериран и се наоѓа во една од блиските болници.
Меѓу 21 загинат има петмина украински државјани, Германец, Французин и Италијанец.
Регион
Тринаесетгодишно девојче се пожалило на болки во стомакот, отишло во болница и се породилo во тоалет: не знаела дека е бремена

13-годишно девојче од Грција викендов се породило во тоалет на болница на островот Наксос, каде што било примено поради болки во стомакот. Не ни знаела дека е бремена, а и таа и бебето се добро.
Минатата сабота родителите ја однеле на ургентниот центар на болницата поради силни болки во стомакот, кои ги препишале на хроничен запек.
Педијатарот ѝ дал клизма за да се олесни, како што е пропишано во овие случаи. Но, кога докторот сфатил дека девојчето не излегува од тоалетот, отишол да ја провери и тогаш го видел бебето во мијалникот и папочната врвца како висат.
Потоа, девојчето било префрлено во болницата „Сирос“, каде што моментно е со бебето.
„Прототема“ пишува дека во болницата на Наксос немало ниту радиолог поради што малолетничката не била подложена на ултразвук пред да се породи.
Семејството е постојано покрај неа.
„Таа е преплашена, но ја следат детски психолози. Замислете детето да каже дека го боли стомакот, а да заврши со породување. Породувањето почна кога таа отиде во тоалет во болницата“, вели роднина на семејството.
Девојчето било кај педијатарот за време на бременоста, но никој не сфатил дека е бремена.
„Неодамна забележавме дека малку се здебелила, но не ѝ придававме никаква важност“, рекла роднината.
Како што пренесува „Мега“, малолетничката им открила на детските психолози дека таткото на нејзиното бебе е нејзин школски другар, но нејзините блиски рекле дека не знаат ништо за тоа.
Регион
Абазовиќ за конфликтот во Украина: „Ако сите го прават она што ние го правиме, војната ќе заврши за две недели“

Црна Гора издвојува 14 отсто од воениот буџет за помош на Украина, изјави премиерот на црногорската влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, и додаде дека доколку секоја европска земја го направи истото тоа како Црна Гора, војната ќе заврши за две до три недели.
Абазовиќ ова го рече на Форумот за безбедност во Варшава, каде што во главниот град на Полска учествува како говорник на панелот: „Глобални предизвици, глобални коалиции? Како може колективниот Запад да изгради партнерства во надворешната политика“.
Абазовиќ рече дека утре истото ова може да се случи и со Западен Балкан.
„Народот на Украина не се брани, туку го брани своето право, кое сите го имаме, да го избереме својот пат. Мислам дека ЕУ мора да го оживее процесот на проширување доколку сака да остане привлечна за новите членки во контекст на глобална коалиција бидејќи треба да размислуваме за трети страни, а ако сакаме да се чувствуваме побезбедно во контекст на Русија, Кина утре или некоја трета земја, мислам дека ЕУ треба да донесе одлука за заживување на процесот на проширување. Велика Британија замина од ЕУ, но сега е време за поголеми коалиции“, рече Абазовиќ.
На светот, рече тој, му треба повисоко ниво на соработка.