Свет
Критиката на Трамп за Зеленски била испровоцирана: „Некој го советува многу погрешно“

Официјален претставник на Белата куќа рече дека објавата на Трамп во која тој жестоко го критикуваше Володимир Зеленски, е директен одговор на изјавата на украинскиот претседател кој претходно рече дека Трамп живее во „простор на дезинформации“.
Трамп потоа го нарече Зеленски диктатор и му порача дека лошо ја завршил работата. Во објавата на Трамп се додава и дека е подобро Зеленски да побрза или ќе нема земја со која ќе може да претседава.
На изјавата на Зеленски дека Трамп живее во простор на дезинформации создаден од Русија, се осврна и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
„Идејата дека Зеленски ќе го предомисли претседателот со лоши критики во јавноста е ужасен начин да се справите со оваа администрација, секој што го познава претседателот ќе ви каже дека тоа е така“, изјави Венс за „Дејли Мејл“.
„Очигледно го сакаме украинскиот народ“, рече Венс, додавајќи: „Се восхитуваме на храброста на војниците, но очигледно мислиме дека војната треба брзо да заврши“.
„Тоа е политика на претседателот на Соединетите Американски Држави. Таа не се заснова на руски дезинформации. Таа се заснова на фактот дека Доналд Трамп знае многу за геополитиката, има многу силни мислења и ги има тие мислења многу долго време“.
Венс додаде дека верува оти Зеленски добива многу лоши совети за тоа како да се справи со администрацијата на Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Газа загина бугарски државјанин, вработен во Обединетите Нации

Бугарски државјанин, вработен во Обединетите нации, е убиен денеска во Појасот Газа, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на првични информации.
Министерството извести дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе добијат известување за исходот од истрагата за околностите на инцидентот спроведена од надлежните органи.
Шефот на бугарската дипломатија телефонски разговарал со својот израелски колега Гидеон Сар, кој им изразил сочувство на роднините на загинатиот Бугарин, објаснувајќи дека според досегашните податоци на израелските одбранбени сили, трагичниот инцидент во Газа не е поврзан со нивните акции на копно, воздух или вода.
Обединетите нации повикаа на истрага за нападот на две локации на ОН во Газа, за кој ОН соопштија дека уби еден од персоналот, а рани пет други.
„Генералниот секретар најостро ги осудува сите напади врз персоналот на ОН и повикува на целосна истрага. Тој нагласува дека сите конфликти мора да се водат на начин кој гарантира почитување и заштита на цивилите“, изјави заменик портпаролот на генералниот секретар Фархан Хак на прес-конференција.
Свет
Трамп му предложи на Зеленски САД да ја преземат контролата над електраните

Американскиот претседател, Доналд Трамп, му предложи на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, САД да ја преземат контролата врз украинските електрани за да се осигура нивната безбедност, пренесува „АП“.
Трамп му рекол на Зеленски дека САД „може да бидат многу корисни во управувањето со овие постројки со својата експертиза за електрична енергија и комунални услуги“, се вели во изјавата на државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Трамп додал и дека „американската сопственост на овие електрани може да биде најдобра заштита за таа инфраструктура“.
Свет
Трамп и Зеленски разговараа: Ние сме на вистинскиот пат

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека разговарал по телефон со украинскиот лидер Володимир Зеленски околу еден час.
„Само што имав многу добар телефонски повик со украинскиот претседател Зеленски. Траеше околу еден час“, напиша Трамп на својата платформа „Трут Соушал“.
Тој истакна дека голем дел од дискусијата се базирала на вчерашниот телефонски разговор на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин „за да можат и Русија и Украина да се усогласат со нивните барања и потреби“.
„Ние сме на вистинскиот пат и ќе побарам од државниот секретар Марко Рубио и од советникот за национална безбедност Мајкл Валц да дадат точен опис на точките за кои се разговараше“, рече американскиот лидер, додавајќи дека наскоро ќе биде објавено официјално соопштение.
Трамп и Путин во вторникот, за време на телефонскиот разговор, се согласија Русија привремено ќе ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети. Путин рече дека вооружувањето и мобилизацијата на Украина мора да бидат прекинати во контекст на американската идеја за привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, соопшти Кремљ.
Зеленски претходно денеска најави дека ќе разговара со Трамп и рече дека очекува да слушне повеќе за плановите на американскиот претседател за спроведување на прекинот на огнот.