Европа
Лавров: Најавите за руско нуклеарно оружје во Белорусија се предупредување за Западот

Изјавата на белорускиот претседател, Александар Лукашенко, за можно распоредување на руско нуклеарно оружје во неговата земја треба да се сфати како предупредување за Западот, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Оваа изјава би ја сфатил како многу сериозно предупредување, што е последица, пред сè, на непромислената политика што ја води Западот“, рече Лавров во обраќањето пред Горниот дом на рускиот парламент, а пренесува руската агенција ТАСС.
Кога беше формирана коалициската влада во Германија, медиумите, според Лавров, објавиле дека членови на коалицијата, како дел од владината програма, предложиле повлекување на американското нуклеарно оружје од Германија.
„Господинот Столтенберг (генералниот секретар на НАТО) тогаш рече дека ако Германија не сака нуклеарно оружје на нејзина територија, тогаш НАТО ќе го премести на исток“, посочи Лавров.
Според шефот на руската дипломатија, Лукашенко едноставно реагирал на таквите изјави, кои, како што рече Лавров, се апсолутно неодговорни и имаат за цел да предизвикаат вооружен конфликт.
Рускиот министер оцени и дека доколку Западот не е подготвен за дијалог за безбедносни гаранции, Русија залудно се обидува.
Лавров потсети дека рускиот претседател Владимир Путин претходно изјавил оти Москва претпочита дијалог, кој ќе резултира со општо прифатливи договори кои ќе обезбедат колективна безбедност, а во исто време и безбедност на секој од учесниците во договорот.
„И ние сме подготвени за тоа. Но, ако нашите западни партнери ја изгубија или ја губат културата на дијалог, културата на наоѓање компромиси, излегува дека тропаме на врата која никогаш нема да се отвори“, посочи Лавров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.
Европа
Макрон: Го поздравувам Охридскиот договор, ќе продолжиме да учествуваме во процесот на дијалог

Макрон најави дека Франција и Германија ќе продолжат активно да учествуваат во процесот на дијалог.
Емануел Макрон рече дека е клучно двете страни да покажат одговорност и да го спроведат договореното.
„Го поздравувам договорот постигнат на 18 март со посредство на високиот претставник Борел. Сега е клучно двете страни да покажат одговорност со тоа што веднаш ќе го спроведат договорот во целост и со добра волја“, рече Макрон на дневниот самит на лидерите на ЕУ во Брисел.
Францускиот претседател оцени дека Париз и Берлин многу тесно соработувале во врска со договорот и најави дека „ќе продолжат да бидат активни на овој план“.
На крајот од првиот ден од самитот во Брисел, лидерите на ЕУ усвоија заклучоци во кои го поздравуваат договорот меѓу Белград и Приштина за Анексот за спроведување на договорот за нормализација на односите „како составен дел од нивниот пат кон ЕУ“,пренесе б.92