Регион
Лавров: Се надевам дека САД нема да го претворат Балканот во фронт против Русија

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Русија очекува администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да има доволно политичка волја и причина да не го претвори Балканот во уште еден фронт на антируската конфронтација.
Лавров во интервју за сараевскиот весник „Ослобоѓење“ оцени дека во спротивно тоа ќе има катастрофални последици за цела Европа.
Коментирајќи ја тезата дека БиХ е „жртва на руско-американската конфронтација“, шефот на руската дипломатија посочи дека Русија не ги решава своите проблеми на сметка на ничии интереси и не ги става партнерите пред апсолутно лажен избор „или со нас или против нас“.
Лавров посочи дека ставот на Москва е добро познат – за регионалните проблеми се потребни регионални решенија засновани на инклузивен дијалог и земајќи ги предвид ставовите на сите засегнати страни. Тој додаде дека Вашингтон во последно време избегнува да разговара со Русија не само за БиХ туку и за Балканот како целина.
Одговарајќи на прашањето кој е главниот интерес на Русија на Балканот, Лавров посочи дека тоа се мирот, безбедноста и стабилноста во тој регион.
„Нема потреба да се бара некое скриено значење во руската политика. Залудно е. Соработуваме со сите на еднаква, транспарентна основа, со заемно почитување на принципите на меѓународното право, пред сѐ, на Повелбата на ОН“, нагласи Лавров.
Според него, митот за штетното влијание на Москва бил измислен, а го промовирале, како што рече, локалните русофоби со цел да се отруе атмосферата на соработка во регионот.
Ставањето на балканските држави пред вештачки избор или Европската Унија или Русија, според Лавров е контрапродуктивно и неправедно и дека предизвикува нови линии на поделба во регионот и ја попречува соработката.
Шефот на руската дипломатија смета дека волјата на граѓаните на балканските држави често намерно се игнорира.
„Видете до што доведе тоа во Црна Гора, која буквално е вклучена во НАТО спротивно на мислењето на мнозинството. Зошто да ги кршите колената и насилно да ја промовирате евро-атлантската агенда?“, праша Лавров.
Тој додаде дека сите добро се сеќаваат што направи НАТО во регионот во 90-тите и дека последиците од бомбардирањето со осиромашен ураниум ќе ги почувствуваат уште многу генерации локални жители.
Лавров повтори дека Србија е клучниот партнер на Русија на Балканот и дека Москва високо го цени стратешкото партнерство со Белград и дека прави напори за сеопфатно подобрување на билатералните врски.
Тој повтори дека ставот на Русија за Косово и Метохија е добро познат и дека Москва го поддржува постигнувањето одржливо и заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Лавров посочи дека решението мора да го одобри Советот за безбедност бидејќи се работи за обезбедување меѓународен мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ердоган го постави својот портпарол за шеф на државната разузнавачка служба

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го назначи својот портпарол Ибрахим Калин за шеф на Националната разузнавачка агенција (МИТ).
Ова го соопштија од кабинетот на Ердоган.
Калин е долгогодишниот доверлив човек на Ердоган, кој од 2014 година е портпарол на претседателството и советник за надворешна политика на Ердоган.
За министер за надворешни работи, наместо Мевлут Чавушоглу, е назначен поранешниот шеф на МИТ, Хакан Фидан, кој беше на таа функција од 2010 година.
Турскиот претседател одлучи на функцијата министер за финансии во новата влада повторно да го именува Мехмет Шимшек, како и за министер за одбрана Јашар Ѓулер, кој од 2018 година е началник на турскиот Генералштаб.
Регион
НАТО испраќа засилување во Косово, 500 војници пристигнуваат од Турција

Во Косово почна зајакнувањето на мировните сили на НАТО по минатонеделните немири на северот на земјата, соопшти Алијансата.
Насилството избувна кога косовските власти назначија градоначалници етнички Албанци на позиции во северните општини кои беа избрани со излезност од само 3,5 отсто, бидејќи Србите ги бојкотираа локалните избори.
Во судирите беа повредени 30 припадници на мировните сили на НАТО познати како КФОР и 52 српски демонстранти.
„Околу 500 војници од турската 65-та механизирана пешадиска бригада ќе го сочинуваат најголемиот дел од засилувањата“, напиша на „Твитер“ портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, пренесе „Индекс“.
#NATO reinforcements have started to arrive in Kosovo following last week’s violence which injured 30 @NATO_KFOR peacekeeping troops. Around 500 🇹🇷service members from Türkiye’s 65th mechanized infantry brigade will make up the bulk of the reinforcements.https://t.co/vAho8N0hbb pic.twitter.com/Z7NQ5FqV23
— Oana Lungescu (@NATOpress) June 5, 2023
Како одговор на кризата, НАТО одлучи да испрати дополнителни 700 мировници на Косово, со што ќе го засили својот контингент од 4.000 војници, а генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, во четвртокот рече дека е подготвен да испрати уште.
„НАТО ќе биде во состојба на готовност. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна средина, но и да ги намалиме тензиите“, изјави тој за новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.
Регион
Убиецот во Љубљана најден мртов, локалните жители се соменеваат дека убиствата биле поради долгови

Во реонот на љубљанската област Фужина попладнево се случи пукање во кое две лица загинаа, а човекот за кој се верува дека е сторителот подоцна е пронајден мртов, соопшти словенечката полиција, пренесува агенцијата СТА.
Според засега достапните информации, двете лица починале на лице место како последица на тешки прострелни рани.
Убиството било извршено во познат локал во областа.
Очевидци за СТА изјавија дека жртвите биле во барот кога насилникот им се приближил. Тие се повлекле од терасата до детското игралиште кое се наоѓа веднаш до шанкот, а таму напаѓачот извадил пиштол и пукал во нив.
Според локалните жители кои ги познавале жртвите, може да се работи за долгови, пренесува СТА. Полицијата се уште не го открива мотивот за нападот.
Сторителот побегнал од местото на настанот, а полицијата подоцна соопшти дека на пошироко подрачје пронашла мртов маж за кој, според досега познатите информации, се верува дека е сторител на делото.
Неофицијално, напаѓачот си го одзел животот, пишува „Јутарњи“.