Свет
Лажниот Бред Пит е од Нигерија – на неговиот телефон лоцирани над 30 жртви, а сега се претставувал како Кијану Ривс за да мами жени за големи суми

Лицето кое претставувајќи се како Бред Пит измами Французинка за речиси 700.000 фунти, е пронајдено во Нигерија, јавуваат локалните медиуми.
Марван Уараб, основач на страницата Find My Scammer, и помогнал на жртвата Ана да го најде лицето одговорно за измамата од 697.000 фунти.
Ова се случува откако 53-годишната жена сподели со француските медиуми дека изгубила цело богатство мислејќи дека му помага на Бред Пит да заздрави од рак, притоа не знаејќи зад пораките не стои филмската ѕвезда туку измамник од Нигерија. Целата измама изгледала уверливо бидејќи биле користени фотографии од популарниот актер од болница, со пораки до жената кои делувале напишани во реално време, а биле генерирани со помош на вештачка интелигенција.
Уараб контактирал со лажниот Бред Пит користејќи информации што му ги дала Ана и успеал да влезе во телефонот на измамникот.
Откриена била адресата од каде што лажниот Бред Пит ги пишувал пораките, а сега мамел нови жртви претставувајќи се како Кијану Ривс.
„Тоа е мала група од три или четворица прилично млади луѓе кои предизвикуваат штета. Само на лажниот профил на Бред Пит изброивме 34 жртви“, рече тој, пренесе „Дејли Мејл“.
Контактирно е со нигериските власти.
Жената од Франција претходно изјави дека во времето на измамата минувала низ тежок период со својот сопруг милионер. Најпрвин ја контактирал некој кој тврдел дека е мајка на актерот пред да стапи во контакт со профилот за која верувала дека е самиот Бред Пит.
Ана мислела дека се зближила со актерот по неколку месеци разговор, пред работите да добијат романтичен тек, а потоа и биле побарани пари поради наводни здравствени компликации.
За измамата биле користени лажни социјални медиуми и профили на „Ватс ап“ , како и технологија за генерирање слики со вештачка интелигенција за да ѝ го испратат на жртвата она што изгледало како селфи и пораки од Пит.
Жртвата на крајот ја сфатила грешката кога видела дека актерот, всушност, не е во болница и дека бил фотографиран со нова девојка. Подоцна била хоспитализирана поради тешка депресија, но решила да проговори и да ја подигне свеста.
Откако зборуваше за своето искуство, жената е на удар на потсмев на Интернет, што доведе до повлекување на интервјуто.
„Приказната емитувана оваа недела резултираше со бран на малтретирање на сведокот“, напиша презентерот на TF1, Хари Розелмак, на својот „Икс“ профил во вторникот. „За заштита на жртвата, решивме да го повлечеме од нашите платформи“, додаде..
Интервјуто, во кое таа зборуваше отворено, па дури и споделуваше семејни фотографии со новинарите, стана вирално во понеделникот.
Тоа предизвика исмејувачки коментари и шеги, но некои онлајн критичари ја обвинија мрежата дека не успеала да заштити ранлива личност која можеби не била свесна за лошите страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Денеска беше најсмртоносниот ден во Газа во последните 15 месеци

Израелските воздушни напади го погодија Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 400 луѓе во изминатите 24 часа, соопштија палестинските здравствени власти, ставајќи крај на неколкунеделната релативна смиреност откако пропаднаа разговорите за постојан прекин на огнот.
Израел и палестинската милитантна група Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето, кое во голема мера е во сила од јануари, што донесе краток одмор за два милиони жители на Газа, каде што многу згради веќе се срамнети со земја.
Хамас, кој сè уште држи 59 од околу 250 заложници за кои Израел рече дека биле киднапирани за време на нападот на 7 октомври 2023 година, го обвини Израел за поткопување на напорите на посредниците да преговараат за траен крај на конфликтот, но не се закани со одмазда.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ги наредил нападите бидејќи Хамас ги отфрлил предлозите за продолжување на прекинот на огнот за време на неуспешните преговори.
„Израел отсега ќе дејствува против Хамас со уште поголема воена сила“, соопштија од неговиот кабинет.
Очевидци рекоа дека нападите погодиле домови и импровизирани кампови долж целиот Појас Газа, од север кон југ, додека израелските тенкови отвориле оган преку границата.
Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека загинале 404 луѓе, што е еден од највисоките дневни бројки од почетокот на војната.
За тоа време, најмалку 150 палестински деца се убиени во израелски воздушни напади, соопшти организацијата за човекови права со седиште во Женева.
Свет
Белата куќа потврди: Во тек е разговор меѓу Трамп и Путин

Долгоочекуваниот телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин „тече добро и се уште трае“, напиша денеска на платформата „Х“, Ден Скавино, близок советник на американскиот претседател.
Трамп отиде во Овалната соба на разговор кој може да биде клучен за продолжување на решавањето на конфликтот во Украина.
Разговорот започна во 10:00 часот по Вашингтон (14:00 GMT), додаде Скавино.
Македонија
Заводот за трансфузија во Белград: Има доволно крв за повредените во пожарот во Кочани

Како што истакнуваат од српскиот Завод за трансфузија на крв во Белград, резервите на крв во моментот се стабилни и доколку има потреба од трансфузија кај пациентите што беа повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, а кои беа пренесени во Белград и моменно се на Ургентниот центар на КЦС, ќе бидат згрижени.
„Кога станува збор за повредените во пожарот во Кочани, што се однесува до крвта, тие се згрижени. Би сакала да забележам дека за такви повреди крвта не е од суштинско значење за лекување. Се разбира, никогаш не се знае како ќе се одвива текот на лекувањето и важно е да се напомене дека резервите на крв во овој момент се стабилни“, изјави Мирјана Кнежевиќ од Институтот за трансфузија на крв.
Како што наведе таа, Заводот за трансфузија на крв во моментот има резерви од четири дена, што е добра состојба, но дарувањето крв не треба да престане бидејќи секојдневно се потребни крводарителите.
„Вчера, во просторијата на Заводот за трансфузија на крв имаше уште неколку доброволни крводарители, но бидејќи тоа не е пресудно за повредените пациенти од Кочани, нема потреба од паника затоа што, доколку има потреба, ќе бидат згрижени во однос на трансфузијата и воопшто не смееме да се опуштиме бидејќи мора да бидеме свесно и одговорно општество и секогаш да имаме стабилни резерви“, нагласи Кнежевиќ.