Свет
Легалните мигранти во Италија го поддржуваат затворањето на границите за илегалците

Новообјавената анкета меѓу луѓето кои мигрирале во Италија преку законски канали покажуваа дека дури и мигрантите се против масовна нелегална миграција, а некои дури сакаат и да ги вратат дома бегалците.
Студијата спроведена од Регионалната опсерваторија за интеграција и мултиетницизам (ORIM), покажува дека за 55,3 отсто од мигрантите добредојдени се само одобрените бегалци, додека 12,2 отсто одбиваат да дозволат дури и признати бегалци во Италија, а само 32,5 отсто се залагаат за политиката на отворени граници, пренесува „Ил џорнале“.
Кога ќе се разделат според земјата на потекло, статистичките податоци покажуваат дека кинеските мигранти се најкритични кон масовната миграција со 27,4 отсто, велејќи дека не сакаат повеќе нелегални мигранти или бегалци;, по нив следат легално доселените Албанци со 16,7 отсто. Африканските мигранти се од спротивната страна на спектарот со најголема поддршка за отворање на границите.
Безбедносните прашања се главниот фактор по екот на мигрантската криза во 2015 година, а истражувачкиот центар на фондацијата„Херитиџ“ утврдил дека во Германија, земјата која примила најмногу баратели на азил во 2015 година, повеќе од половина од осомничените терористи уапсени од 2014 година наваму се азиланти.
Прашани за безбедносните прашања околу масовната миграција, 86,8 отсто од легалните мигранти во Италија се согласни дека во бранот азиланти и нелегални имигранти може да се кријат опасни луѓе. Регионалниот советник на партијата Браќата на Италија, Рикардо де Корато, ги коментираше податоците, велејќи:
„Ако ги исклучиме Сенегалците, повеќето етнички групи се против оваа инвазија бидејќи често и мигрантите живеат во услови на несигурност и на вознемиреност исто како и Италијанците во предградијата”.
Еклатантен пример за антимигрантските ставови на легалните мигранти е сенаторот од популистичката Лига, Тони Чике Ивоби, политичар од нигериско потекло, познат како еден од најжестоките критичари на масовната миграција кој претходно годинава стана првиот италијански црн сенатор. И во други земји, легалните мигранти изразија слични ставови, особено против криминалните мигранти, како во шведското предградие Рекнеби, каде што мигрантите се залагаа за депортирање цели семејства за да се намали криминалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Повеќе од 150 китови се насукаа на плажа во Австралија

Повеќе од 60 китови угинаа, а властите се обидуваат да спасат уште десетици по масовното насукување на оддалечена австралиска плажа, јавува Би-би-си. Одделот за природни ресурси и животна средина на Тасманија соопшти дека јато од 157 единки се насукани во близина на реката Артур, северозападно од островот.
Околу 90 животни – вклучително и младенчиња, според сведоците – се уште се живи, а тим од експерти за заштита и ветеринари на терен проценуваат дали некое од нив може да се врати во морето. Тасманија забележа серија масовни насукувања на китови во последниве години, вклучувајќи го и најлошото во историјата на земјата во 2020 година.
Лажните китови убијци се технички еден од најголемите видови делфини, како вистинските китови убијци или орки, и можат да пораснат до шест метри во должина и тежина до 1,5 тони. Властите велат дека јатото е заглавено во областа, на околу 300 километри од градот Лонсстон, долго време, помеѓу 24 и 48 часа, а спасувањето ќе биде исклучително тешко.
„Првичните проценки покажуваат дека враќањето на китовите во морето ќе биде тешко поради непристапноста на локацијата, грубите услови на океанот и предизвиците за транспорт на специјализирана опрема до оддалеченото подрачје“, изјави за медиумите портпаролот на министерството Брендон Кларк.
Иако спасувачките тимови успешно ги спасуваа китовите за време на неодамнешното насукање на западниот брег, оваа ситуација е посложена и тие нема да можат да ги применат истите методи. Теренските тимови се обидуваат да ги идентификуваат единките со најдобри шанси за преживување и да ги одржат во живот и во што е можно подобра состојба додека се разгледуваат понатамошни опции за спасување. Благосостојбата на животните е приоритет, но тие се загрижени за безбедноста на спасувачките тимови.
„Плимните бранови се силни, така што обидот за враќање на китовите директно во такви услови би бил многу предизвикувачки и би претставувал огромен безбедносен ризик за нашиот персонал. Бидејќи ова се големи животни кои може да имаат смртни болки, постои ризик да се грчат и неконтролирано да се движат, што може да доведе до повреда“, велат тие, а исто така постои загриженост за можни напади на ајкула.
Свет
Трамп ја забрани АП од Белата куќа затоа што не го користат името „Американски залив“

Американскиот претседател Доналд Трамп одржа прес-конференција во неговата резиденција на Флорида. Еден од присутните новинари го прашал што е потребно за да се дозволи новинската агенција Асошиејтед прес (АП) повторно да работи откако некои од нивните новинари биле исклучени од покривање настани во Белата куќа.
Трамп рече дека АП одби да се усогласи со законот откако тие одбија да го користат името Американски Залив наместо Мексикански Залив во нивното известување, а тој потпиша извршна наредба на почетокот на неговиот мандат.
„Мислам дека некои од термините што сакаат да ги користат се смешни и мислам дека, искрено, тие станаа застарени, особено во последните три недели“, рече Трамп.
„Ќе ги држиме настрана додека не се согласат со Американскиот залив“, додаде тој.
Трамп дополнително ја критикуваше АП, тврдејќи дека тие „многу, многу погрешно известувале за американските избори“ и дека лошо се однесувале кон него во нивното известување. „Тие не ни прават услуга и претпоставувам дека ниту јас не им правам услуга, така функционира животот“, рече тој.
Свет
Трамп: Зеленски треба да одржи избори како цена на мирот

Доналд Трамп предложи Володимир Зеленски да одржи избори во Украина како цена на мирот.
Американскиот претседател, говорејќи од Флорида, рече дека е многу посигурен по денешните разговори меѓу Трамп и руските претставници во Саудиска Арабија.
Тој ги повтори сугестиите Зеленски да одржи избори во Украина како услов за мир, што предизвика загриженост дека Москва би можела да ги искористи изборите за да номинира проруски кандидат кој ќе се согласи со мировните услови поволни за Москва.
Трамп рече дека до него стигнало барањето за претседателски избори во Украина.
„Имаме ситуација кога немаше избори во Украина, каде што имаме вонредна состојба, всушност вонредна состојба во Украина, каде што лидерот во Украина, мислам, мразам да го кажам тоа, но тој има само четири отсто поддршка.
„Ако Украина сака место на масата, зарем луѓето не треба да кажат дека поминало долго време откако немале избори? Тоа не е работа на Русија, тоа е нешто што доаѓа од мене и доаѓа од многу други земји“, рече Трамп.